Името на селото првпат е забележано во XVI век (1519 г.), најпрвин како Рударе или Рудар што потекнува од рударските јами од кои во минатото се ископувала руда, сместени во негова непосредна близина. Додавката „Турско“ веројатно потекнува од периодот под отоманска власт кога македонското население целосно се иселило и во него се доселиле Турци, како и од потребата да се разликува од селото Шопско Рудари во околината на Кратово. Ова име останало и денес, иако во него повеќе нема Турци.[2]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Пробиштип, од левата страна на Злетовска Река, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кочани.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 540 метри. Од градот Пробиштип, селото е оддалечено 10,5 километри.[3]
Селото е поврзано со локален асфалтен пат од соседното село Злетово, кој подоцна води и кон кочанското село Рајчани.
Турско Рудари се наоѓа на половина пат меѓу селата Злетово и Шталковица. Сместено е на просторот каде Шталковска Река излегува од својата клисура и почнува да тече по брановидна рамнина од нејзината десна страна сè до своето устие во Злетовска Река. Самата населба се наоѓа од двете страни на Шталковска Река и е од збиен тип. Поради планинскиот венец Пударница, Турско Рудари е заштитено од студените ветрови од север.
Низ селото минува стариот каравански пат Кратово-Кочани.
Историја
Иако самото име на селото Турско Рудари упатува на тоа дека населбата настанала за време на турскиот период, историските факти откриваат дека истата постоела и пред отоманското освојување. Имено, меѓу Турско Рудари и соседните села Шталковица и Рајчани, и денес се наидува на ниски рударски јами во кои се влегува со лежење. Покрај тоа, во јамите се откриени чекани со кои е копана рудата, потоа дрвени корита и санки со кои рудата е извлекувана на површина. За неговото постоење и во средниот век сведочеле и трите полуразрушени рударски кули, слични на кратовските, кои постоеле меѓу двете светски војни, а со иселувањето на Турците биле разрушени и употребени за изградба на куќите на доселениците. Потврда за тоа дека во непосредна близина на селото се копала руда е и тоа што во еден документ, кодекс на султанот Сулејман Величествениот од 1536 година, било наведено следново:
„Во рудникот Косел во Кратово има добри и згодни јами, кои можат да бидат паун (ровови што содржат руда) заради што многу луѓе сакале да ги оживеат и тие да проработат. Сега во споменатиот рудник започнало да се копа во 17 јами, па, ако Бог даде, во секоја ќе се стигне до руда.“
Месноста Косел што се спомнува во кодексот на Сулејман Величествениот не се наоѓа во Кратово, туку во Кратовската нахија во која административно припаѓа селото Турско Рудари. Денес, маалото на ова село од коешто се гледаат старите рудокопи се нарекува Косел.
Во пописниот турски дефтер од 1570 година, селото е именувано како Рудари и во него не се појавува нехристијанско население. Во околните села сè уште е сочувано преданието дека до пред 2-3 века во селото живееле Македонци. Нивните христијански гробишта се низводно на реката и се именувани како стари гробишта, каде што во минатото имало и црквичка. Кон крајот на XVII век, веројатно по Карпошовото востание и пустошењата на Кримските Татари, населбата била напуштена и во неа се населиле Турци од Овчеполието. Нешто подоцна, во селото се доселиле и Турците од селото Трипатанци, коешто се наоѓа 5-6 километри југозападно, на левиот брег на Злетовска Река. Под притисок на доселените Турци, месното население започнало да го напушта селото. Последните три семејства од селото кои живееле во маалото Косел во почетокот на XIX век се иселиле. Познато е дека последното семејство се преселило во селото Бунеш. Со тоа, селото било претворено во населба населена исклучиво со Турци, во којашто имало џамија, турбе и високи огради околу домовите.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 10,5 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 488 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 263 хектари, додека шумско земјиште нема.[3]
Во основа, може да се каже дека селото има полјоделско-сточарска функција.[3]
Местоположбата на селото, сместено на границата меѓу ридско-планинско земјиште обраснато со треви и шума и релативно пространата рамнина од двете страни на Шталковска Река, е предодредено за земјоделство и сточарство, додека рударството, кое било развиено во средниот век, е запуштено.
Турските пописни дефтери од 1570 година преку даночните задолженија од 6.600 акчиња за само 43 домаќинства покажуваат значаен развој на земјоделството. Меѓу другото, оданочени биле 49 товари мешано жито, 40 товари пченица, 4 товари граор, како и 1.788 акчиња ушур од шира. Исто така, се одгледувало и лозје, бостан, свилена буба и пчели. Во селото имало и пет воденици, од кои три на Ламбо Никола, една на Нове Петко и неговиот син Стево, и една на Пири, син на Мустафа. Без оглед на промената на етничкиот состав на населението во селото низ вековите, во него отсекогаш се одгледувал висококвалитетен тутун, а се чувал и значаен број на кози сè до нивното уништување. Меѓутоа, со иселувањето на Турците во третата декада на XX век, доселениците кои главно потекнувале од високопланинските села и претежно се занимавале со сточарство започнале да ја менуваат својата производствена ориентација. Сточарството започнало да се запоставува, а населението сè повеќе се занимавало со полјоделство.
Бројот на земјоделски стопанства во 1960 година изнесувал 51 и до 1991 година се намалил на 41 стопанство. Бројот на овци во 1960 година изнесувал 460 грла, а во 1991 година бил речиси двојно намален на 242 грла. Од земјоделските култури, денес најмногу се произведува жито, односно пченка и јачмен, а од индустриските култури тутун, памук и сончоглед.
Население
Население во минатото
Година
Нас.
±%
1948
277
—
1953
297
+7.2%
1961
284
−4.4%
1971
225
−20.8%
1981
224
−0.4%
Година
Нас.
±%
1991
172
−23.2%
1994
172
+0.0%
2002
185
+7.6%
2021
153
−17.3%
Од првите верификувани пописни податоци од 1570 година, во селото имало 35 христијански домаќинства, 8 турски домаќинства и 29 неженети лица. Последните неколку македонски семејства се иселиле во првите години од XIX век.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Турско Рудари имало 350 жители, сите Турци.[4] Според некои извори, 15 семејства во тоа време биле потомци на турски доселеници од Трипатанци, 5 семејства биле бегалци од Босна и Бугарија, а 3 семејства биле на Албанци доселени од Кумановско. Со иселувањето на Турците, најпрво по Првата балканска војна, а целосно во третата декада од XX век, започнало доселување на население од високопланинските села од Осоговскиот масив.[5] Во текот на XX век, селото броело од 200-300 жители, но во последните декади е забележително намалување поради иселувањето најмногу во Ѓорче Петров, Злетово и Пробиштип.
Турско Рудари е македонско село. Со оглед на тоа што населението е доселено од високопланинските села, родовите потекнуваат од местата од каде што семејствата се доселиле.[5]
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
Доселеници:Малогорци се од Кнежево, Карајовановци од Каврак, Стамболијци, Татарци, Клинчаревци и Мурџовци од Мушково, Валавичари, Кацарци, Шушњарци, Карадаци и Тоневци од Којково, а Порјасци, Карашовци, Деспотовци и Велкови од Јамиште. Останатите семејства се доселиле од селата Зеленград, Близанци, Лесново, Добрево, Нежилово и други.
Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Турско Рудари, се наоѓале и селата Бунеш, Древено, Зеленград, Злетово, Јамиште, Лесново, Луково, Ратавица, Трипатанци и Шталковица. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Турско Рудари, во која влегувале селата Бунеш, Рајчани, Турско Рудари и Трипатанци.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1570 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[13]
↑ 3,03,13,23,33,4Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 305.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 декември 2016.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“