Калниште

Калниште

Поглед на делот од селото под црквата „Св. Илија“

Калниште во рамките на Македонија
Калниште
Местоположба на Калниште во Македонија
Калниште на карта

Карта

Координати 41°59′54″N 22°11′25″E / 41.99833° СГШ; 22.19028° ИГД / 41.99833; 22.19028
Регион  Источен
Општина  Пробиштип
Област Осогово
Население 3 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2210
Повик. бр. 032
Шифра на КО
Надм. вис. 540 м
Калниште на општинската карта

Атарот на Калниште во рамките на општината
Калниште на Ризницата

Калниште — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Селото денес е споено со градот Пробиштип, така што се води како негова населба.

Потекло и значење на името

Името на сегашното село е од словенското потекло и произлегува од зборот кал и наставката –ниште, што покажува дека од земјата црвеница која е одлика на почвата на селскиот атар, после секој поголем дожд се создавало многу кал и од таму името Калниште.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа на територијата на Општина Пробиштип и поради близината до самиот град Пробиштип, припаѓа на неговата рурбална зона.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 540 метри.[2]

Калниште, како село се наоѓа во подножјето на висот Дебели Рид, кој селото го заштитува од студените северни ветрови. Куќите, групирани во две целини, Горно и Долно Маало, се распоредени од двете страни на потокот Студено Кладенче кој протекува низ селото.

Историја

Постоењето на топонимот Латински Гробишта, кој се наоѓа непосредно до селото, јасно кажува дека на ова место постоела населба уште од времето на Римјаните.

Калниште е едно од поголемите села во Злетовската област, кое во времето од крајот на XIX и целиот XX век имало значајна историска и стопанска улога. Како потврда на тоа е и фактот што ова село било седиште на Калнишката општина, уште од ноември 1912 година, а во составот на оваа општина биле селата Калниште, Марчино, Стрмош, Петршино, Бучиште, Неокази и Ратавица. Калниште било Општина сè до 1931 година, кога влегува во новоформираната поголема Злетовска општина, која опфаќала во својот состав вкупно 29 населени места од Злетовската област.

Стопанство

За ова село во минатото не се водела катастарска евиденција.[2]

Селскиот атар преовладува со обработливо земјиште, додека пасиштата заземат околу 16 отсто, а шумите само околу 1 отсто, од вкупната површина на атарот.

Поволната местоположба и климатско-почвените услови на селскиот атар, како во минатото, така и во поново време, овозможиле поголем развој на полјоделството, а послабо развиена сточарска дејност. Обработливата плодна почва претежно се користи за производство на житни и фуражни растенија. Од житата отсекогаш најзастапени биле пченицата и пченката, а помалку се сееле јачменот, овесот и ’ржта. Познато е дека од периодот од првата половина на XX век, „калнишката пченица“ се сметаше за најквалитетна, не само во овој крај, туку и пошироко. Од индустриските култури биле застапени сончогледот, памукот и тутунот, од кои во поново време се одгледува само тутунот. Во периодот по Втората светска војна постои значително зголемување на површините на кои се одгледувала виновата лоза. Во последните две-три децении од XX век, населението на Калниште масовно се преориентирало од земјоделско во индустриско, под влијанието и близината на развојот на индустријата и рударството во градот Пробиштип.

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948458—    
1953514+12.2%
1961582+13.2%
1971688+18.2%
19811.176+70.9%
ГодинаНас.±%
19911.443+22.7%
19941.593+10.4%
20022.102+32.0%
20213−99.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Калниште живееле 268 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Калниште имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[5]

Калниште како приградска населба популациско мошне пораснало. Така, во 1961 година селото броело 582 жители, а во 1994 година дури 1.593 жители, од кои 1.574 биле Македонци, 12 Срби и двајца Роми.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Калниште живееле 2.102 жители, од кои 2.079 Македонци, 20 Срби, 1 Ром и 2 останати.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 268 280 458 514 582 688 1.174 1.443 1.593 2.102 3
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови

Калниште е македонско православно село, во селото има староседелски родови и доселнички.[12]

Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Латинци или Николовци и Пешовци (6 к.), Тасевци (4 к.), Демевци (4 к.), Бунгурци-Зајци (3 к.), Чавки (2 к.), Миленковци (13 к.), Златановци и Богатиновци (13 к.) Герсовци-Арсовци (9 к.), Минчовци (3 к.), Милосовци (2 к.) и Лазаровци (2 к.).
    • Доселеници: Велковци (7 к.) и Нешовци-Кралевци (5 к.), предците на наведените два рода во почетокот на XVIII век се доселиле од некое село во Битолско; Вучевци (8 к.), доселени се кога и претходните два рода од Прилепско; Олевци (9 к.), доселени се во средината на XVIII век од кривопаланечкото село Огут; Китановци (6 к.), доселени се во втората половина на XVIII век од кочанското село Мородвис; Рагушевци (8 к.), доселени се од кратовското село Луково; Павлевци-Атанасовци (6 к.), доселени се во првата половина на XIX век од кратовското село Каврак; Стојковци (4 к.), доселени се од селото Шталковица; Соларци (4 к.), доселени се од селото Добрево.

Самоуправа и политика

Документ со печат од селската општина во село Калниште, 27 мај 1918 година.

Кон крајот на XIX век, Калниште било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Пробиштип, во која покрај селото Калниште, се наоѓале и селата Горни Стубол, Гризилевци, Добрево, Долни Стубол, Дренак, Кундино, Марчино, Неокази, Петршино, Плешенци, Пробиштип и Стрмош. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Пробиштип, во која влегувале селата Гризилевци, Калниште, Кундино, Неокази и Пробиштип.

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места бр. 1539 и 1539/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.663 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.685 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

Цркви
Манастири
Споменици[16]
  • Спомен-плоча посветена на загинати борци на НОБ

Галерија

Поврзано

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 104.
  3. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
  4. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 ноември 2022.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област. Географско-историски осврт. Скопје.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-11-11. Посетено на 20 ноември 2022.
  16. „Споменици | Општина Пробиштип“. Посетено на 2022-11-04.

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!