Меѓу народот се смета дека селото порано се викало Латини, по Латините кои живееле овде. впрочем името на селото би требало да дошло од старото Лактово[2]
Географија и местоположба
Лактиње — село во Западна Македонија, на источната страна на планината Караорман, сместено во областа Дебрца. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 35 километри северно од Охрид и Струга.
Селото Лактиње е стара населба, тоа има свое историско минато и од најстари времиња е населено на истиот простор. Во атарот на селото се пронајдени остатоци од стари уништени населби, како на месноста Градиште од доцната антика[3], во повеќе усни преданија се изнесува дека на таа месност се наоѓал град под име Повеница, со повеќе негови делови, меѓу кои некои именувани како Сушица. Според некое друго предание селото Лактиње своето име го добило по доселувањето на родот Јоргановци, кои дошле од местото Латини во Лариса (денешна Грција), и по тоа селото го добило името, според преданието тоа било уште за време на Византија.
Постои уште едно предание кое вели: Некогаш во дамнешни времиња во селото се случил пустеш по кој скоро сето население било убиено или избегано, со исклучок на две сестри. Тие се скриле во шумите и седеле таму долго време, а кога им дошло време да се мажат се договориле поголемата сестра да го земе првиот маж што ќе помине, а помалата вториот маж. Така прв дошол некој Вељан и од него се Вељановци, втор дошол некол Топал, крив во ногата, и по него се Топаловци. Тие биле најстари родови во селото.[4][5][6]
Како најстари родови во селото се спомуваат, Вељановци, Топаловци, Јоргановци, Булиовци, Балабановци и др. Во 1583 година, по пописот во Охрискиот Санџак, во селото живееле 30 семејства и 4 неженети. За време на борбите за ослободување на Македонија од ова село излегле многу борци, така овде биле родени Смиле Војданов Војнески и Дејан Димитров Мицкоски, кои останале во сеќавање на народот во Дебрца како големи борци за слободата на Македонија.
Во периодот пред и по Илинденското востание во селото постоела лактинска чета, под водство на комитата Алексо Копиљакоски.[5]
Лактиње во Балканските војни и во Првата светска војна
Почетокот на Првата балканска војна во Македонија и Лактиње бил дочекан со радост, бидејќи била создадена можност за ослободување од петвековното турско ропство. Затоа сите од Лактиње и Македонија воопштво се впуштиле во борбата на страната на сојузничките сили. Но после балканските војни Македонија била поделена и Лактиње и целата Вардарса Македонија потпаднале под српска окупација. Во српската војска биле испраќани доста жители на Лактиње, кои немале никаква обука и биле испраќани во првите воени редови. Биле испраќани во западна Србија да се борат со Австроунгарија, или на Солунски Фронт. Во Првата балканска војна и во Првата светска војна, во период од шест години, од кои три на страната на Србија и три години на страната на Бугарија.[5]
Лактиње во НОБ
Лактиње како и цела западна Македонија за време на НОБ биле под италијанско-албанска окупација. Па така народот масовно ги помагал партизаните. Во атарот на селото Лактиње на Славеј Планина се основале неколку партизански единици, меѓу кои и батаљонот Мирче Ацев.
На 6 октомври 1943 година, со наредба на Главниот штаб на Втората оперативна зона, во Лактиње се формира команда на место како заедничка власт, со седиште во прво време во село Издеглавје, а потоа во Белчишта, командант бил Танаско Алексиев-Левски од Сливово, а потоа и Божин Костески од Белчишта. На истиот ден во Лактиње бил формиран и Околиски народно ослободителен одбор за теренот на Дебрца. За претседател бил избран Антим Поповски од Слатино.
Во 1944 година бил избран и вториот народнослободителен одбор на Лактиње.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лактиње е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[10]
Според пописот од 2002 година, во селото Лактиње живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 Србин.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 54 жители, од кои 37 Македонци и 17 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Лактиње се:
Староседелци:Топаловци (9 куќи) живеат по целото село; Доневци (1 куќа) куќата им е на сред село; Вељановци (21 куќа) куќите им се во маалото Голема Река, слават Св. Никола. Некои од овој род се викаат Василевци, Гритовци и Војновци; Јоргановци (13 куќи) живеат по цело село, слават Св. Никола зимен и летен; Булијовци (5 куќи) живеат во свое посебно маало, слават Св. Никола летен; Богдановци (2 куќи) живеат до Булиовци, слават Св. Никола зимен; Пластевци (1 куќа) живеат на сред село.
Со непозната старина се:Дуковци или Самармковци (20 куќи) живеат во своето маало, кај Мала Река. Некои ги сметаат за староседелци. А други претпоставуваат дека се доселени од Мраморец.[5] Дуко убил маж на некоја жена во Мраморец, па потоа избегал.
Доселеници со познато потекло:Србаковци (4 куќи) доселени се на почетокот од XIX век од некое место во Србија (околината на Гнилане), од каде избегале поради крв, живеат кај Топаловци; Николовци (9 куќи) доселени се кога и Србаковци, доселени се од Горно Палчиште, Тетовско,[5] од Таму избегале поради крв, живеат по целото село, слават Св. Никола летен; Шајовци (1 куќа) доселени се во 30-тите на XIX век од Маврово, живеат на сред село; Мартиновци (2 куќи) доселени се од селото Ореше, Азот во 1848 година, живеат кај Вељановци, подалечно потекло од мијачкиот крај, ги викаат и Мијаковци[5]; Балазовци (10 куќи) доселени се 1850 година од селото Оздолени, живеат во својот дел во Мала Река, слават Петровден, од овој род потекнувал Смиле Војданов; Анѓелевци (3 куќи) доселени се околу 1878 година од селото Брждани, Копачка, живеат до Балазовци, слават Св. Никола зимен.[2]
Истражување во 1978 година
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата пак на Јован Трифуноскиво 1978 година, родови во селото се:
Останати родови доселенички се:Балазовци (5 к.) потекнуваат од предок кој дошол од селото Оздолени; Николовци или Голомеовци (2 к.) се доселени од околината на Тетово (Горно Палчиште)[5]; Србаковци (5 к.) потекнуваат од предок Ром кој дошол некаде од Србија (околината на Гнилане)[5] и Треневци и Богдановци потекнуваат од заеднички предок кој дошол од селото Брждани.[4]
Понови истражувања
— Стиснете на [прикажи] —
Според поновите истражувања пак на Танче Милошески, родови во селото се
Анѓеловци (Дамјановци, Павлевци, Треневци и Недевци) доселени се од кичевското село Брждани. Некои жители на овој род претпоставуваат дека имаат уште подалечно потекло од тетовскиот крај; Балабановци (Доневци, Најдевци, Шајовци и Јанаќијевци) за нив се мисли дека се меѓу најстарите родови во ова село. Според преданието доселени се од југ, Егејска Македонија; Балазовци (Војневци, Треневци, Дојчиновци, Јоновци, Паунковци, Наумовци, Стојановци и Копиљаковци) како што е утврдено и од другите истражувачи, нивното потекло е од селото Оздолени. Овде се доселил Симун, заедно со неговата сопруга. Од овој род е Смиле Војданов; Булиовци (Настовци, Темелковци, Алексовци, Ајровци, Јаневци, Киримановци, Тасевци и Деспотовци), доселени се од некогашното село Радомирово кај Песочани; Вељановци (Митревци, Новевци, Каранфиловци, Златановци, Андревци, Васковци, Спировци, Трајчевци, Грујовци, Размовци, Марковци, Наумовци, Најденковци, Илиевци, Андоновци, Џамевци, Ѓурчиновци), според искажувањата во селото нивното потекло е од некогашната населба Радомирово кај Песочани. Некогаш во дамнешни времиња во ова село останале две сестри, едната од сестрите ја земал Вељан кога се доселил во селото; Голомеовци или Николовци (Сиљановци, Стојановци, Крстановци, Најдевци, Трајчевци, Савевци и Петревци), нивното потекло е веќе добро познато. Тие се доселени од тетовскиот крај, поточно од селото Горно Палчиште; Дуковци (Цветановци, Софрониовци, Стојановци, Димковци, Димовци, Сарафиловци, Костовци, Анастасовци, Јоновци, Ѓоргиевци, Стевановци, Каранфиловци, Ушковци и Илиевци) доселени се од кичевското село Брждани, по женска линија нивното потекло е од селото Мраморец; Јанкуловци, доселени се од селото Присовјани во струшка Малесија; Јоргановци (Здравевци, Илиевци, Целковци, Мицковци, Богдановци, Камберовци) според преданието потеклото на овој род е од местото Латини во Тесалија, денешна Грција. Они се меѓу најстарите родови во ова село; Мартиновци или Мијаковци, доселени се од велешкото село Ораов Дол, подалечно потекло од мијачкиот крај; Самариновци (Јошановци, Ѓоргиевци и Јаневци) доселени се од селото Мраморец. Во Лактиње дошол некој предок Ѕунко; Србаковци (Ѓиновци, Илиовци, Ѓеровци, Мојсовци и Тодоровци) доселени се од околината на Гнилане во Косово; Стојановци или Збашковци, доселени се од селото Збажди во струшка Малесија; Топаловци (Даневци, Античовци, Ристевци, Паловци, Стојановци, Спасевци и Ѓиновци) потекнуваат од предокот Топал, кој бил поп и куц на едната нога. Нивното потекло е од некогашната населба Радомирово кај Песочани.[5]
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.
Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Сливово, во која покрај селото Лактиње, се наоѓале и селата Арбиново, Врбјани, Годивје, Мраморец, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 година, селото Лактиње се наоѓало во некогашната Општина Годивје, во која влегувале селата Врбјани, Годивје и Лактиње.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1334 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здружен дом.[17]
Во постаро време од селото се има иселеници на следните места, Илијовци (13 к.) во селото Долно Лакочереј, Камберовци (4 к.) во Ново Село, исто така иселеници има и во Песочани.[4] Потоа помеѓу двете светски војни доста население е иселено во одредени прилепски села. Потоа до 1948 година иселеници уште имало во Србија (4 семејства), Аргентина (3 семејства), Битола (1 семејство), Австралија (1 семејство), Бугарија (3 семејства), САД (3 семејства) и во Скопје (1 семејство).[2]
До 1978 година од селото се иселиле целосно и следните родови, Дуковци, Пластевци, Петревци, Збашковци, Даневци, Треневци и Богдановци.[4]
Во поново време малобројноста на населението во селото се должи како резултат на масовното иселување пред сè во Австралија и Охрид. А иселеници исто така има и во Скопје, Битола и Белград.[4]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 октомври 2016.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑ 20,020,120,220,320,420,5Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 21,021,1Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 24,024,124,224,3Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 25,025,1{Наведена книга|title=Илинденски сведоштва. том IV, дел II.|author=Јасмина Дамјановска|author2=Ленина Жила|publisher=Државен архив на Република Македонија|author3=Филип Петровски |year=2017|isbn=|location= Скопје|pages=}}
↑ 26,026,126,226,3Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.