Поглед на селото Сошани
Сошани — село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.
Селото Сошани се наоѓа во областа Дебрца, сместено во подножјето на Илинска Планина. Од градот Охрид е оддалечено 36 километри, со кои е поврзан со алсфалтен пат.
Сошани има електрично снабдување, поврзано е телефонски, има водовод, селска чешма, а низ него поминува и Сошанска Река.
Во XIX век, Сошани се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство.
Во Илинденското востание од ова село излегле доста комити (со оглед на големината на селото), помеѓу повлијателните комити од ова село се знаат Димитрија Петрески, Ристо Петрески, Дичо Петрески, Трајче Тодороски, Ристо Андрески, Јане Димитриески, Совран Иљоски, и др. За време на востанието и ова село било запалено, но е непознато поради што.
За време на НОБ селото активно учествувало во борбите против окупаторите, а помеѓу селата Сошани и Велмеј постоела партизанска болница, во НОБ најистакнат деец од ова село бил Вељан Андрески.[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Сошани имало 30 жители, сите Македонци христијани.[3] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сошани имало 24 жители.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци.[5]
Според пописот од 2002 година, во селото Сошани живееле 15 жители, сите Македонци.[6]
Во 2008 година во селото живееле 11 жители.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, од кои 1 Македонец и 1 лице без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Сошани е македонско православно село. Селото е едно од помалите во Дебрца, но не секогаш било така. Народната традиција наведува дека во минатото постоело селото Старо Сошани, кое и е заведено во турскиот пописен дефтер од 1582 година како село во Охридскиот санџак, нахија Дебрца. Но, тоа село пропаднало и еден дел од населението се префрлило и го основало денешното Сошани, а други отишле во селата: Велмеј, Слатински Чифлик, Грко Поле, Лешани, потоа во кичевските села Белица и Прострање, како и во селото Оровник. Тоа Сошани имало 90 домаќинства.[12]
Родовите во Сошани сите се староседелски односно доселени од Старо Сошани. Родови се: Петревци со Димитриевци"" (6 к.); Иљовци (5 к.); Иловска Анѓа(жива 108 г.1880-1988)Андреевци (2 к.); Трпевци (5 к.) и Тодоровци (3 к.). Во родот Петревци го знаат следното родословие: Трене (жив на 80 г. во 1990 година) Ристе-Димитрија-Петре.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Сошани се:[13]
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.
Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Сошани, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатино и Слатински Чифлик. Во периодот 1950-1952 година, селото Сошани се наоѓало во некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.
Во селото постои избирачкото место бр. 1327 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватен објект.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 11 гласачи.[15]
Во постаро време се иселиле во Долно Лакочереј, Матевци или Милевци, Сошанковци во Велмеј, Петревци во Острилци Железник/крушевско, Петревци (2) се иселиле во Грко Поле, Иљовци во Слатински Чифлик, Цветковци се иселени во Оровник. А постари иселеници има и во Белица, Прострање, Орланци, Зајас.[2][12]
Од после Втората светска војна иселеници има во Охрид, Скопје (пред сѐ во населбата Ѓорче Петров), Зеница (Босна и Херцеговина), Австралија, Австрија, Германија, Швајцарија.[2]
Од Петревци иселеници има во Оровник (како една куќа во 1850 година, а сега 3 к.), од Трпчевци иселеници има во Оровник (две куќи, од 1848 година).
Родот Петревци (6 к.) се иселил во 1812 година во селото Острилци, Крушевско, во Сошани припаѓале на родот Петревци.[13]