Селото Требеништа се наоѓа во областа Охридско Поле, на 13 километри северозападно од Охрид и 13 километри североисточно од Струга. Атарот на селото Требеништа граничи со атарите на следните села: од исток Волино и Мислешево, од север Мешеишта, од југ Горенци и Горно Лакочереј. Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Алистрата, Власејнца, Црквиште, Бароец, Габер, Павлејца, Прдејца, Варвара, Градиште, Глаесец, Маркоа стапалка, Бела вода, Веље поле, Под лозје, Калино, Пропас, Кобилиште, Бранејнца, Волниште, Урека и Долни лозје. Требениште е со куќи од збиен тип, и се дели на Горна, Средна и Долна маала.[2]
Историја
Според податоците од 1873 година, селото имало 24 домаќинства со 87 жители христијани (Македонци) и 70 муслимани.[3] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 310 жители христијани (Македонци).[4]
Требеништа е ослободено од фашистичка окупација на 8 ноември.
Во селото се наоѓа некрополата Требеништа.
Според податоците на Паско Кузман од книгата "Уметноста на Требеништа" во движниот фонд од некрополата "Требеништа" се евидентирани 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Народниот музеј во Охрид. Сепак, мора да се каже дека највредните примероци, меѓу кои се четирите златни посмртни маски, се надвор од Македонија. Меѓу нив се и двата бронзени масивни кратери, сребрените пехари и ритони, златни ракавици, сандали и украсни плочки, како и голем број примероци од златен и сребрен накит.
Откривањето на тајните на Требенишката некропола почнало случајно при изградбата на патот Охрид-Кичево во 1918 година, а потоа неа ја истражувале археолозите Карл Шкорпил од Софија во 1918 година , Никола Вулиќ од Белград од 1930 до 1934, Васил Лахтов и Јоже Кастелиц во 1953/54 година и Владо Маленко во 1972 година. Досега се ископани 56 гроба и гробници од кои 13 се "кнежевски" со богати гробни прилози, а другите се со поскромен археолошки материјал. Во Требенишката некропола, поради немање финансиски средства, 30-тина години не се вршат истражувања.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Требенишча е претставен како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[8]
Според пописот од 2002 година, во селото Требеништа живеат 513 жители и спаѓа во групата на средно големи населби. Во него имало 500 Македонци, 8 Албанци, 2 Турци, 1 Србин и 2 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 355 жители, од кои 340 Македонци, 2 Турци, 1 останат и 12 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Требеништа е македонско православно село, со исклучок на еден торбешки род. Во селото родовите се староседелски и доселенички.
Родови во селото Требеништа се: Дуклевци (20 к.), Мувчевци (20 к.), Алексовци (10 к.), Бутевци (8 к.), Ѓоревци (8 к.), Јаќимовци (8 к.), Доневци (7 к.), Питаровци (7 к.), Николовци (6 к.), Љубовци (6 к.) и Целевци (5 к.) ова се многу стари родови, возможно е да се старинци; Бочевци (6 к.) доселени се од соседното село Горенци; Шутаровци (6 к.) доселени се однекаде, имаат иселеници во Охрид (5 к.); Мартиновци (11 к.) доселени се однекаде, под Турците биле многу сиромашни, но потоа отишле на печалба во Америка, и така после 1912 купиле многу земја; Маринчевци (12 к.) и они се доселени однекаде, од нив потекнува селскиот свештеник Крсте, станал свештеник за време на италијанската окупација.[2]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:
Доселеници со непознато потекло:Дуклевци со Ѓоргијовци (7 к.), Маринчевци (3 к.), Коруновци (1 к.) и Петревци (1 к.)
Доселеници со познато потекло:Јоновци (2 к.) и Мировци (2 к.) доселени се заедно од некое село во Дебрца; Чавдаровци или Мартиновци (5 к.) доселени се од селото Свиништа; Цибуковци или Пискуловци (3 к.) и Алексовци (3 к.) доселени се од селото Белчишта во Дебрца; Тројанци (2 к.) доселени се од денес раселеното село Тројани; Шутаровци (5 к.) доселени се од селото Ливоишта; Јордевци (3 к.) доселени се од селото Речица; Мувчевци (7 к.) доселени се од селото Брежани во Дебрца; Николевци (1 к.) доселени се од селото Сирула; Мајсторовци (2 к.) доселени се од селото Ложани; Арнаутовци (1 к.) доселени се од селото Ливоишта, во овој род имало некоја баба која била православна Албанка, и по која го добиле името; Чолевци (1 к.) доселени се од селото Горенци; Лабовци (3 к.) и они се од селото Горенци; Биџевци (4 к.) доселени се од селото Шипокно.[15]
Стопанство
Населението од Требеништа главно се занимава со одгледување на земјоделски култури.
Во претходните децении основното училиште кое се наоѓало во Требеништа било познато и под имињата ОУ "Кочо Рацин" и ОУ "Свети Климент Охридски".
Цркви
„Црква Св. Никола“ — главна црква на Требенишката парохија изградена во 1942 година, а живописана во 1944 година. Иконите на иконостасот се дело на иконописецот Доне Донески од с. Лазарополе.
Црква „Св. Недела“, изградена и осветена на 16. VII 1995 година од страна на митрополитот Тимотеј Дебарско-кичевски. Проектот за црквата е изработен од архитектот Тодор Паскали од Охрид, додека фрескоживописот е дело на уметникот Драган Ристески од Охрид.
Требенишко Езеро (Бобано) — природно езеро, едно од најмладите во Македонија, настанато по природен пат откако поради лизгање на земјиштето од ридот Габер се затрупала тесната долина низ која протекувал поток кој се течејќи низ селото влевал во реката Сатеска.
Редовни настани
Од 2014 година традиционално се одржува Фолк Фест Црешнобер. Целта на манифестацијата е да ја промовира црешната како заштитен бренд на ова село, а покрај културно-забавната програма има и изложба на црешни.
Култура и спорт
Селото е дом на ФК Требеништа, во комунизмот познат и како ФК Младост Требеништа.
Во 2015 година во употреба е пуштена новата Спортска сала „Аминта Трети“, именувана по античкиот македонски крал Аминта III, за кој има наводи дека е од ова село.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“