Отовица — село во северниот дел на подрачјето на Општина Велес, во околината на градот Велес, сместено во близина на брегот, на вештачкото езеро Младост, познато како Велешко Езеро.
Географија и местоположба
Селото Отовица е рамничарско село расположено на надморска височина од 255 метри, а од градот Велес е оддалечено 8 километри[2]. Сместено е во подножјето на ридскиот предел кој се издигнува кон југ и исток, во долното течение на реката Отовица, непосредно пред вештачкото езеро Младост и вливот во реката Вардар. Отовица се наоѓа непосредно од десната страна на делницата Велес - Скопје на автопатот „Александар Македонски“ (Е-75), од чиј мост непосредно пред наплатната станица на патарината се пружа прекрасна панорамска глетка на селото Отовица и непосредната околина исполнета со многу лозја и овошни насади. Според предвидените планови веднаш по патарината треба да биде изградена клучка - крстосница за која веќе постојат издигнати бетонски столбови за мост на делницата Отовица - Беровци, односно директен автомобилски патен правец Велес - Прилеп. Непосредно покрај селото во подножјето на ридот поминува и железничката пруга Велес - Кочани на која се наоѓа железничкото стојалиште „Браќа Кошулчеви“. Атарот на селото Отовица зафаќа површина од 6,3 км2, од кои 407 хектари се обработливо земјиште, а 142 хектари се пасишта[2]. Шуми воопшто и да нема, поради што се преземени повеќе акции за пошумување на околината со зимзелени борови садници.
Историја
На подрачјето на денешното село во дамнешното минатото постоеле македонски христијански села Чука и Отовица чии жители подоцна биле раселени во соседните села Лугунци, Кумарино и Сојаклари како и градовите Велес и Скопје, а остатоци од стари христијански гробишта и црковни храмови од овие две села се наоѓале близу железничката станица и во самата месност Чука[3]. Според народното предание во околните села поранешното име на селото Отовица било Градиште[3]. Пред крајот на отоманското владеење на крајот на XIX и почетокот на XX век, во Отовица постоеле 7 чифлици на велешките бегови, чие земјиште било обработувано од момоци, а единствен постојано населен македонски христијански род биле Тримановци кои подоцна се преселиле во соседното Башино Село[3]. Како и во повеќе соседни и околни села во северниот дел на Општина Велес (како Ветерско, Џидимирци) така и во Отовица отоманската власт населила муслимански бегалци - мухаџири од Босна, кои сосема се иселиле за време на Првата балканска војна во 1912 година, кога српската војска ги запалила сите беговски кули на чифлиците[3]. Откако местото било пусто селиште десетина години денешното село Отовица започнало да се создава почнувајќи од 1923 година[3] со доселувањето на македонски христијански родови од селата во планинскиот предел на областа Азот на планината Јакупица и долината на реката Бабуна во Велешко.
Стопанство
Поради поволните услови на рамничарското земјиште во долното течение на реката Отовица и близината на вештачкото езеро Младост, во селото Отовица најразвиена стопанска гранка е земјоделството. Во основа селото има поледелска функција[2] при што од полјоделството најзастапени се одгледувањето на житарки (најмногу пченица, јачмен и пченка) и градинарство (патлиџан, црвен и зелен пипер, кромид, лук, марула, моркови, спанаќ, зелка) под пластеници и на отворено, претежно во подножјето на ридскиот предел јужно, источно, како и во самото село и кон север. Во многу голема мерка во Отовица се развиени и лозарството и овоштарството, посебно во пределот на атарот северно од селото непосредно до автопатот „Александар Македонски“ и езерото „Младост“, каде се протегаат непрестајни лозја и овошни насади со јаболка, сливи, круши, цреши. На ридскиот предел југоисточно од селото во правец на езерото „Младост“ и селото Новачани се протегаат и пасишта, каде се наоѓаат и трла во кои се одлгедуваат овци, а застапено е и козарството. Еден дел на населението се занимава и со услужни дејности, како што се возење камиони и товарни возила, работа во угостителски објекти крај езерото „Младост“ и во Велес. Со изградбата на голем број на луксузни куќи и доселување на значаен број на имотни и побогати луѓе од Велес, овој дел од населението на Отовица, се занимава со претприемништво, трговија и дејности во Велес, Скопје, како и надвор од Македонија.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 50Македонци.[6]
Отовица е македонско село со постојано зголемување на бројот на жителите. Во 1961 година селото имало 192 жители од кои 189 биле Македонци, а 3 Срби, додека во 1994 година бројот на жителите пораснал на 248 од кои 245 Македонци и 3 Срби[2]. Според пописот од 2002 година селото Отовица броело 274 жители од кои 271 Македонец, а 3 Срби.[7] Моменталниот број на жители е зголемен над 300, поради големиот број доселени побогати велешки семејства кои градат модерни и скапи семејни куќи. Доказ за зголемениот број на жители е обновата и отворањето на подрачното училиште поради зголемениот број на ученици. Селото Отовица полека но сигурно станува елитна викенд-населба на велешани, од кои многумина кои можат да си дозволат таму изградија вистински хациенди за секојдневно живеење.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 315 жители, од кои 298 Македонци, 1 Србин, 2 останати и 14 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Во селото Отовица живеат исклучиво православни Македонци, а според податоци од 1935 година во селото живееле следните православни македонски родови: Андови или Глуковци (од с. Ораов Дол во областа Азот во Велешко), Андрееви, Димови и Петрови (од с. Мокрени од областа Азот во Велешко), Ангелкови (од с. Теово во областа Азот во Велешко) и Јаневи (од блиското Башино Село)[3].
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.