Селото е сместено 15 км северозападно од општинскиот центар Лерин и на 8 км западно од Долно Клештино на Ракова Река (Кратериотико Рема) на планината Пелистер близу до границата со Р Македонија.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Раково се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 74 куќи.[6]
Според грчки извори, за време на Илинденското востание четите на ТМОРО вршеле притисок врз селаните да преминат во Бугарската егзархија. Откако селаните тоа го одбиле, една чета на ТМОРО им се заканила дека ќе им го запали селото. Селскиот свештеник Папа Димитриос и двајца селани, К. Трајану и Ј. Константину, биле убиени, а петмина други селани биле претепани. Подоцна, една чета на ТМОРО повторно влегла во Раково и го убила свештеникот Митанидис, претседателот на селото Ставрос Малијоргос и потпретседателот Јоргос Биковитис.
На почетокот од август 1903 година (стар стил) турските војски го нападнале селото во склоп на нивните напори за задушување на Илинденското востание, при што запалиле и уништиле 100 од 120 куќи во Раково. Георги Поп Христов во своите спомени пишува дека турската милиција го запалила селото, при што старците, жените и децата избегале во шумата.[7]Христо Силјанов исто така пишува дека на почетокот на август 1903 година востаниците имале борба со турската војска, при што турската војска била задржана сè додека не се повлекло населението.[8]
Во 1907 година селото повторно било запалено од четите на ВМОРО.
Во Грција
За време на Балканските војни селото е окупирано од грчките единици и останува во Грција по Букурешкиот мировен договор. Во 1913 г. селото имало 1.008 жители, во 1920 г. 299 семејства со 811 жители, а во 1928 г. — 740 жители. Во 1926 г. е преименувано во Кратерон.[9] Во 1932 г. во селото живеат 201 македонско семејство, а во 1945 г. 950 жители, сите наводно веќе погрчени. Пописот од 1951 г. покажува 719 жители.