Селото е сместено 24 км источно од Лерин, во источниот крај на Леринското Поле. Кежи во подножјето на ридот Веливор, еден од разграноците на Мала Ниџе во состав на Кајмакчалан. Заобиколено е со ридови (брда), на што го должи своето име. Крај него се наоѓа дабовата шума Ѓоница.[4]
Историја
Североисточно од Забрдени во месноста Селиште се најдени наоди од керамика, но не се извриешни ископувања. Во месноста Симитрија има остатоци од стара населба.
Во Отоманското Царство
Селото за првпат се спомнува во османлиски дефтер од 1481 г. како Забрдени со 80 домаќинства кои се занимаваат со одгледување на лозја, ореви и правење мед.[5]
Во даночните записници на христијанското население од Леринскиот вилает за 1626-27 г. селото е означено како Забурдани со 62 даночни домаќинства[6]. Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович („Очерк путешествия по Европейской Турции)“ ги опишал Забердин како македонско село.[7][8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Забрдени се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 43 куќи.[13]
Во 1905 г. селото пострадало од андартски напади.[14] Истата година овие гркомански и грчки единици ја запалиле големата селска црква „Св. Никола“ — камена базилика без купола со женска црква (емпора).[15]
За време на Првата балканска војна во 1912 г. кај Забрдени грчката армија претрпила пораз од силите на Џавид-паша и времено се повлекла.[16]. Подоцна селото е окупирано од грчка војска. По Втората балканска војна во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога Забрдени броело 358 жители.[3] Во 1916 г. за време на Првата светска војна селото за кратко е окупирано од бугарската армија. Во 1920 г. во селото се попишани 306 лица.[3] Во 1926 г. властите го преименувале во Лофи, што значи „ридови“, како своевиден превод на македонското име.[17] На пописот од 1928 г. е забележан пораст на 417 жители.[3] Во 1932 г. според грчките влати во Забрдени се заведени 71 македонојазични семејства, од кои 60 биле со изјавена македонска национална свест[18]
Меѓу двете светски војни само незначителен број на жители се иселиле во прекуокеанските земји и Бугарија. На пописот од 1940 г. Забрдени имало 516 жители.[3] Во април 1941 г. селото е окупирано од бугарската војска и воспоставена е бугарска општинска власт.[19]
Според грчки податоци од 1945 г. во селото има 597 македонојазични жители, од кои 400 со „негрчка национална свест“, 50 наводно со „грчка“ (што е сомнително) и 147 со „неутврдена“. Забрдени не настрадало позначајно во Граѓанската војна, па затоа од него во Р Македонија и источноевропските земји се иселиле само четири семејства и извесен број поединци.[3] Намалувањето на населението во следните периоди се должи на иселување во прекуокеанските земји.
Според истражување од 1993 г. селото е чисто „словенојазично“ и во него македонскиот јазик е одлично зачуван.[20]
Во средината на октомври 2008 г. жителите на селото одржале протести против воената вежба на грчката армија што требала да се одржи во непосредна близина на селото, како и против приведувањето на македонски новинари. Ова предизвикало интервенција од грчката полиција, приведувајќи 4 лица, а едно било полесно повредено[21]. Прекршочни пријави за овие инциденти биле покренати против 7 жители на Забрдени[22].