Виниче — село во Скопско, во состав на Општина Гази Баба.
Селото се наоѓа во областа Црногорија, североисточно од Скопје, во подножјето на Скопска Црна Гора, на еден километар источно од с. Црешево.
Најраните наоди кои сведочат за населеноста на Виниче датираат од доцната антика и се претставени со два археолошки наоѓалишта: тврдината Градиште и гробницата кај месноста Огради.
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 18 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 74 мажи христијани, со 2 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 152 жители.[2]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Виниче живеат 65 Македонци-христијани.[3][4]
По Втората балканска војна во 1913 г. селото потпаѓа под власта на Србија.
На етничката карта од 1927 г. Леонард Шулце Јена го укажува Винче (Vinče) како село со нејасен етнички состав.[5]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 354 жители, од кои 336 Македонци, 4 Срби, 7 останати и 7 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Виниче е македонско село, населено во целост со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед.
Според истражувањата од 1963 година, родови кои живеат во Виниче се:
Во селото имало само еден староседелски род, Илиевци (2 к.), исто така познати како Гоџовци, кои биле доселени од некое место погоре во Скопска Црна Гора или од Кумановско, основачот на родот бил некој Илија. Денес родот е практично иселен во блиското село Стајковци.
Името на селото го носи ликовната манифестација „Виниче“ со културна програма околу црковниот комплекс „Св. Илија“.[12]
Иселеништвото воглавно се одвивало кон Скопје. Таму целосно се иселиле Нерабовци, Стаматковци, и др. Потоа има иселеници во соседното село Стајковци (Шаневи, Анџини, Младеновци, Караџовци, Алтиовци, Дељовци, Дрнговци и Шеровци), Драчево (Десковци).[11]