Горњане е едно од најзападните села на Скопска Црна Гора. Зазема амфитеатрална положба. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од две чешми изградени во 1926 година, додека северно од селото извираат извори, како што се: Врбица, Студено, Мора Ливада и други.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Марков Даб, Тополовик, Ранѓел, Еревин, Бел Камен, Рамна Шума, Љутика, Кочињи, Посидол, Моравдол, Посивер, Дубови, Долњи Посидол, Лука, Трчмео, Голина, Извор, Врвеш, Кленчики, Лазово, Радунац, Темково, Сливе, Долња Чешма, Варница, Чука, Барчиња, Леске, Говедариште, Појата, Селиште, Куќетине и Горњански Присој.[2]
Селото е поделено на маала, а во маалата куќите се збиени една до друга.[2]
Јужно од селото се наоѓа возвишението Тромеѓа, каде се наоѓа средновековниот манастир „Св. Никита“. Околу него се наоѓаат селата Горњане, Чучер и Бањане, поради што бројни автори, манастирот го одредуваат на едно од селата.[2]
Горњане се смета за стара населба во областа на Скопска Црна Гора. Преданието наведува дека најпрвин се наоѓало 500 метри западно од денешната местоположба. Таму се наоѓа селиштето Радунац. Меѓутоа, за време на отоманскиот период, мештаните го напуштиле тоа село, бидејќи се наоѓало покрај стариот пат Скопје-Качаник и обично било напаѓано од страна на муслиманските Арбанаси.[2]
Селото не било преместено наеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати. Од старите родови во Радунац, во денешното село се зачувани само родовите Пешови и Пусиќеви, додека некои заминале во други села.[2]
Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници во периодот 1689-1739 година.[4]
До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата.[2]
Селото учествувало во НОБ со многубројни борци.[5]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 11,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 709,4 хектари, на шумите отпаѓаат 255,5 хектари, а на обработливото земјиште 164,5 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Сточарството било главна стопанска гранка на мештаните до крајот на Втората светска војна. Дотогаш, во селото постоеле задруги составени од по 15 и 25 члена. Од таа причина во селото се наоѓаат големи камени куќи, кои се зачувани и денес. Во нив се наоѓаат специјално вградени фурни, во кои се печел леб за многубројните членови.[2]
Мештаните стекнале своја земја дури во 1925 година, кога државните власти им доделиле земјиште во атарот на селата Орман и Волково.[2]
Население
Население во минатото
Година
Нас.
±%
1948
369
—
1953
384
+4.1%
1961
313
−18.5%
1971
184
−41.2%
1981
107
−41.8%
Година
Нас.
±%
1991
90
−15.9%
1994
93
+3.3%
2002
80
−14.0%
2021
80
+0.0%
Според опширните османлискидефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 46 мажи христијани, без новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 92 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Во 1961 година селото броело 313 жители, од кои 174 биле Македонци и 139 Срби, а во 1994 година бројот значително се намалил на само 93 жители, од кои 48 Срби, 41 Македонец.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Горњане живееле 80 жители, од кои 51 Македонец и 29 Срби.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 80 жители, од кои 41 Македонец, 29 Срби и 10 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Горњане е чисто македонско православно село. Малку се родови кои се сметаат за староседелци, тоа се само родовите Пешовци и Пусиќевци, другите родови се доселени.[2]
Родови во Горњани се:
Староседелци: Пешовци (4 к.) и Пусиќевци (3 к.), потекнуваат од ист предок и некогаш имале куќи во селиштето Радунац;
Доселеници: Маринковци (12 к.), Писевци (7 к.) и Алексовци (1 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се од селото Ѓургевдол во Качаничката Клисура, денес на Косово, кон крајот на ХVIII век, во народната традиција се наведува дека нивните предци еднаш за Велигден отишле на собир во селото Бразда, собирот се одржувал на местото Рудина, за време на враќањето во Ѓургевдол нив во близина на селото Генерал Јанковиќ ги нападнале Албанци, со намера да им ја земат сестрата, тие тогаш со намера да ја заштитат сестрата убиле еден Албанец и после тоа решиле да се преселат во Горњане. Во Горњане дошле тројца браќа Маринко, Писо и Алексо. Маринко подоцна земал жена од родот Пешовци. Од родот Маринковци една гранка го носи името „Брњарчевци“. Во Маринковци се знае следното родословие: Спасо (жив на 69 г. во 1969 година) Младен-Перо-Трајко-Анѓелко-Маринко основачот на родот; Љотовци (10 к.) и Мрчковци (5 к.) потекнуваат од двајца браќа Љоте и Мрчко кои се доселиле од денес албанското село Бојане крајот на ХVIII век, го знаат следното родословие: Милан (жив на 52 г. во 1969 година) Анѓел-Нешо-?-?-Мрчко кој дошол од Бојане, дошол во селото за да живее со „православен народ“ и Вујовци (1 к.), потекнуваат од предок кој дошол како домазет од селото Кучевиште, подалечното потекло им е непознато.
Општествени установи
Дом на културата
Месна заедница
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Горњане, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Мирковци и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 2463 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[17]
Околу 20 семејства се иселиле во Глогоњ во Војводина. Од родовите Љотови (11 к.), Мрчковци (2 к.), Писевиќи (2 к.), Маринковиќи (2 к.), Гурмешовиќи (2 к.) и Црничани (1 к.).[2]
↑Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
↑Стојановски, Бојко (1999). Скопско Црногорие од Бразда до Брњарци. Скопје.
↑Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
↑Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 јануари 2020.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.