Share to: share facebook share twitter share wa share telegram print page

Анте Поповски

Анте Поповски
Роден 3 јуни 1931
Лазарополе, Вардарска Бановина, Кралство Југославија
Починал 1 октомври 2003(2003-10-01) (возр. 72)
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Народност Македонец
Познат по:
Непокор
Глас од дамнина
Оковано време
Занимање поет
есеист
публицист
академик

Анте Поповски (Лазарополе, 3 јуни 1931Скопје, 1 октомври 2003) — македонски поет, есеист, препејувач, публицист и политичар. Тој се смета за великан на македонската книжевност и е еден од најистакнатите македонски поети од втората генерација.

Животопис

Анте Поповски дипломирал медицина, но се занимавал со литература. Работел како директор на НИП „Нова Македонија“ (1970 — 1973)[1] и на „Вардар филм“, а во два мандати и претседател на Друштвото на писателите на Македонија. На почетокот на 1990-тите, тој бил еден од основачите на политичката партија МААК. Исто така, Поповски бил член на МАНУ од 2001 година.

Книжевно творештво

Позначајни дела на Поповски се:

  • Одблесоци (поезија, 1955)
  • Вардар (поезија, 1958)
  • Самуил (поезија, 1963)
  • Непокор (поезија, 1964)
  • Камена (поезија, 1972)
  • Тајнопис (поезија, 1975)
  • Љубопис (поезија, 1980)
  • Родопис (поезија, 1981)
  • Сина песна (поезија, 1984)
  • Глас од дамнина (со литературно-историски и поетолошки карактер, 1986)
  • Ненасловена (поезија, 1988)
  • Поезија (1990)
  • Оковано време (статии и коментари, 1991)
  • Меѓу животот и знаците (есеи, 1991)
  • Провиденија (поезија, 1995)
  • Две тишини (поезија, 2003)

Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија и Индија.

Критички осврт на творештвото

Во освртот кон избраните дела на Поповски, врз основа на разновидниот и разгранет опус, широчината на поетскиот зафат и интензитетот на учеството во книжевниот живот, Слободан Мицковиќ го споредува со Гане Тодоровски и Блаже Конески. Првата стихозбирка на Поповски, „Одблесоци“ била најавувана како обид за модернизација на поетскиот јазик во современата македонска поезија, но таа не донесла позначајни поетски резултати, иако се одликува со одредени нови и значајни иновации. Меѓутоа, неговата врота збирка, „Вардар“ била оценета од книжевната критика како важен настан во нашата книжевна историја, а подоцна таа се потврдила како парадигма и средишна книга во целокупното творештво на Поповски. Следната книга, „Непокор“ претставува логично продолжение на поетскиот концепт искажан во „Вардар“. Патриотската поезија на Поповски најуверливо се остварува во следната негова збирка, „Камена“ која органски, духовно произлегува од „Вардар“ и „Непокор“. Во следниет две книги, „Тајнопис“ и „Љубопис“, поетот се враќа кон своите почетоци, особено до „Косачи“ — првиот циклус од збирката „Вардар“. Таквата поетика е целосно искажана во следната збирка, „Сина песна“ чија вредност се состои во прифаќањето на широчината на човечката егзистенција. Исто така, „Сина песна“ и следната збирка, „Ненасловена“, се одликуваат со длабење на поетот во себе и околу себе при што, повторно, во нив можат да се препознаат трагите на циклусот „Косачи“.[2]

Награди

Поповски е добитник на наградите:

и на Меѓународната награда за најдобра песна „Premio Europa“.

Осврт кон творештвото

Во својот осврт кон поезијата на Поповски, Санде Стојчевски вели дека во секој стих и во секој наслов, поетот со трепет и надеж се наведнува над секоја тема, оставајќи ни толку стихови во кои удира пулсот, а неговото поетско писмо се движи во просторот меѓу стравот и надежта. Неговата песна речиси никогаш не се оддалечува од природата и сведочи за исконската поврзаност на човекот со елементарното, а неговите песни се проткаени со свеста за заедништвото. Мошне значаен дел од неговото творештво се татковинските песни („Татковина“, „Македонија“, „Гоце Делчев“, „Самуил“, „Вардар“ итн.) при често гради песни-циклуси, песни-вериги, песни-семејства.[3]

Наводи

  1. Панде Колемишевски „Анте Поповски и весникот 'Нова Македонија'“, „Нова Македонија“, 01.11.2019.
  2. Слободан Мицковиќ, „Кон избраните дела на Анте Поповски“, во: Анте Поповски, Поезија. Наша книга, Скопје, 1990, стр. 535-543.
  3. Санде Стојчевски, „Поезија на (од) (со) страв и надеж - Поговор кон едно извишено поетско дело“, во: Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 199-208.


Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya