Со своето семејство најпрво емигрирал во Грција (1918 година), а оттаму во 1921 година, во Плевен, Бугарија. Уште како дете со неговите родители се преселил во Горна Џумаја (Благоевград) и таму живее во периодот од 1924 до 1931 година. Таму завршил основно образование и гимназија. Токму во тој период ја печати својата прва стихозбирка „Печални песни на душата“ (1929-1930). Во септември 1932 се сели во Софија каде студирал на Правниот факултет, каде што зел активно учество во организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија. Дипломирал на Правниот факултет во 1937 година.[1]
Ѓорѓи, заедно со Пелин Велков и Ангел Јорданов, во 1936 година, ја објавиле книгата раскази и уметнички репортажи „Труд и луѓе“. Тој бил уредник и соработник на повеќе весници и списанија: „Македонски вести“, „Доброволец“, „Глобус“, „Ведрино“, „Кормило“ и „Литературен Критик“.[1]