Поезија или лирика (од старогрч. ποιέω = создавам) е уметничка форма во која човечкиот јазик се користи за неговите естетски квалитети во додаток на, или место за, неговата семантичка содржина. Поезијата се состои претежно од усни или литературни дела во кои јазикот се користи на начин што јасно се разликува од тој на обичната проза. Основната одлика на јазикот на поезијата е во она што го нарекуваме ритмичност.
Ритамот во поезијата
Уште во „Поетика“ на Аристотел има податоци за постанокот на терминот ритам. Во првиот дел од „Поетиката“ се вели: „Ритамот е афион на стилот.“ Ритамот е значаен за поезијата, бидејќи во јазикот на поезијата има двојно повеќе паузи, отколку во јазикот на прозата.
Версификација
Науката која се занимава со јазикот на поезијата носи име версификација. Тоа е наука за стихот. Разликуваме два система на версификација: квантитативна и квалитативна.
Квантитативна версификација
Квантитативната версификација е постара по своето потекло, и настанува во времето кога не постои граница меѓу музиката и поезијата. Во оваа версификација многу се важни слоговите, и се разликуваат кратки и долги слогови. Времето за мерење на кратките слогови се вика „мора“ (две петтини од секунда). Неколку мори создаваат „стопа“, а повеќе стопи прават „стих“. Повеќе стихови создаваат „строфа“. Музичкиот акцент е исто така важен, затоа што се случува да не се совпаѓа со вообичаениот акцент на зборовите.
Квалитативната версификација се дели на: силабичка, тонска и силабичко-тонска. Во силабичката версификација важен е бројот на слоговите. Најпрочуен стих во силабичката версификација е таканаречениот „александриец“, составен од 12 слогови со рима во средината и на крајот од стихот. Овој 12-терец е карактеристичен за старите поезии. Го среќаваме кај сите петрархисти, како и во Дубровничката книжевност од средниот век.
Тонската версификација има само две ритмички обележја: се изразува во акцентирање и неакцентирање на слоговите. Во современата поезија најчесто се комбинираат силабичката и тонската версификација, па оттаму произлегува третиот термин - силабичко-тонска версификација. Ја има многу во македонската современа поезија.
Примери:
За радост светнал ден (јамб - првиот слог е неакцентиран, а вториот е акцентиран)
Карактеристична појава на квалитативната версификација е тоа што се разликуваво римата. Постојат неколку видови на рима:
вкрстена рима - гласовно поклопување на првиот и третиот стих, и вториот и четвртиот стих.
паралелна рима - поклопување во првиот и вториот и третиот и четвртиот стих.
обградена рима - првиот и четвртиот, вториот и третиот стих.
машка рима - ударноста паѓа на последниот слог (мои-свои, пес-бес, мрак-зрак).
женска рима - акцентот паѓа на вториот слог од крајот (време-бреме, шепне-трепне).
дактилска рима - на третиот слог од крајот (младоста-радоста).
Постојат и изрази како „богата рима, „сиромашна рима“ итн. Но во денешната поезија најкарактеристична е употребата на „бели“ стихови, односно „стихови без рима“. Оваа тенденција настапила како тежнеење поезијата да добие што поголема природност во изразувањето. Мајстор на слободниот стих е Мајаковски.
Сонет
Посебен вид на стихови и нивно организирање во строфи е сонетот. Сонетот е таква песна составена од 14 стихови кои се распоредени во две строфи од по четири стиха (или две катрени) и две строфи по три стиха. Таму каде што постои петнаесетти стих, тој се добива од сите 14 стихови, и тоа се нарекува - сонетен венец (Петрарка, Прешерн). Кога имаме таква појава, почетните букви на стиховите даваат име кое го читаме одгоре надолу, и тоа се нареуква „акростих“.
Сонетот е стар вид на поезија и потекнува од старите трубадури.
Композиција на песна
Песната има специфична конструкција. Нејзин основен елемент е стихот. Стихот претставува еден ред од песната, кој е покус од редот во текстот и се забележува со голо око. Стиховите се стегнати изрази со специфична звучност, значење и ритмика. Повеќе стихови оформуваат строфа. Строфа е целина од одреден број стихови со ритам и интонација (може и рима). Таа претставува мисловна целина.
Според бројот на стиховите, разликуваме:
Метрика е должина на стихот, односно го означува бројот на слоговите во еден стих. Во стихот има и вообичаени паузи наречени цезури. Нив ги среќаваме кај подолгите стихови.
Стиховите го добиле името по бројот на слоговите:
Четверец е стих со четири слога, со кратка пауза на крајот од стихот. Најчесто, тоа е стих од два двосложни збора, но не мора, како што е на пример песната „На чужина“ од Константин Миладинов:
...Ах миленце,
Ти пиленце!
Как си била
Златокрила...
Стиховите во оваа песна се со четири слога: ах - ми - лен - це (4) / ти-пи-лен-це (4) / как-си-би-ла (4) / зла-то-кри-ла (4) и затоа е четверец.
Петерец е стих со пет слога и кратка пауза на крајот. Вакви песни не се многу вообичаени во нашето творештво, но се среќаваат петерци во комбинација со други (со седмерец, на пример). Во народната песна „Македонско девојче“ е комбиниран седмерецот и петерецот:
Шестерец е стих со шест слога и го среќаваме во македонската народна поезија.
Седмерец е стих со седум слога и цезура (пауза) најчесто по четвртиот слог.
Осмерец е од осум слога со цезура по четвртиот или по петтиот слог. Осмерецот е еден од најзастапените во нашата народна поезија.
Што ми е мило ем драго
На Струга дуќан да имам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре...
(од „На Струга дуќан да имам“ - народна песна)
Деветерец е стих од девет слога. Ретко се среќава во нашата народна поезија, но сепак го има. Во народната песна „Нели ти стига“, првите два стиха се деветерци, а потоа песната продолжува со вообичаените десетерци:
Откако те млада заљубив
и по тебе памет изгубив.
(од „Нели ти стига“ - народна песна)
Десетерец е стих од десет слога и е најраспространет во народната песна. Го има и во лирските и во лирско-епските, а најзастапен е во епските. Затоа е познат уште и како јуначки десетерец. Цезурата може да биде по четвртиот, по петтиот или по шестиот слог.
Туѓината пуста да остане
Која од либето ме раздели
Што го чекам време три години...
(од „Туѓината пуста да остане“ - лирска народна песна)
Тога рече Марко Кралевиќе:
- Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
(од „Марко Крале ја одметнува свадбарината“ - епска народна песна)
Единаесетерец е стих од единаесет слога, со можност за две цезури во еден стих - по третиот и шестиот слог.
Дванаесетерец е стих од дванаесет слога и се јавува со цезура во средината по шестиот слог или со две цезури: по четвртиот и по осмиот слог.
Распукала, распукала Шар Планина,
(Ајде) распукала, распукала Шар Планина,
Ми поклопи, ми поклопи три овчара,
(Ајде) ми поклопи, ми поклопи три овчара.
(од Распукала Шар Планина - народна песна)
Тринаесетерец е стих од тринаесет слога. Ова всушност е десетерец во кој по петтиот или по десеттиот слог е вметнат еден збор од три слога кој се повторува како рефрен.
Ќе те опитам, Јано ле, што црно носиш?
Ал татка жалиш, Јано ле, ал мила мајка?
Ни татка жалам, лудо ле, ни мила мајка,
Тук си го жалам, лудо ле, лудото младо...
(од Зборникот на Миладиновци - народна песна)
Четиринаесетерец е стих од четиринаесет слога кој се добива по истиот принцип како тринаесетерецот. Стихот може да се подели на два седмерци или на осмерец и шестерец каде се вметнуваат зборови кои служат како рефрен и за продолжување на стихот.
Топи, топи, мила мајко, мојве љути рани,
Топам, топам, мили синко, твојте љути рани.
Кажи, кажи, мили синко, што грех си сторило?
Да ти кажам, мила мајко, што грех сум сторило...
(од Зборникот на Миладиновци - народна песна)
Петнаесетерец е стих од петнаесет слога. Овој стих е редок во нашата народна песна, но се среќава, исто така со повторување на зборови.
Бог да убиет, Милкано мори, твојата мајка,
Што ми те изми, Милкано мори, и те промена,
И ти нареди, Милкано мори, дронано сребро,
Дробноно сребро, Милкано мори, на бело грло...
(од Зборникот на Миладиновци - народна песна)
Шеснаесетерец е стих од шеснаесет слога, кој всушност е составен од два осмерца. Го има во нашата народна поезија под чие влијание се јавува и во поезијата на Константин Миладинов.
Голапче мало хубаво, голапче златокрилесто,
Кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна? —
Ушче ја глас ти не слушнаф: ушче те харно не видоф,
Дан ми се, мило, наљути? Дан ми се, добро насрди!
Зашч не ти хубост пофалиф, зашч не ти крилја помазниф?...
(од Голапче - Константин Миладинов)
Видови стихови
Силабичен стих е стих со одреден број слогови. Кај него нема ритмички стапки, туку е важен бројот на слоговите - метриката, цезурата (пауза во средина на стихот) и паузата на крајот од стихот. Во сите стихови на песната мора да има еднаков број слогови. Силабичниот стих е широко застапен во македонската народна песна.
Тонски стих е стих кој има еднаков број акцентирани слогови. Тука бројот на слоговите не мора да биде ист туку е важна ритмичката стапка.
Силаботонски стих е стих кој има еднаков број слогови и еднаков број ритмички стапки. Нагласените и ненагласените слогови рамномерно се повторуваат.
Во овој пример имаме еднаков број слогови во стиховите - осмерец; како и комбинирана ритмичка стапка: дактил - трохеј - дактил. Затоа овие стихови се силаботонски.
Скалест стих е графички раскинат стих, со тоа што дел од него се пренесува во нов ред. Со раскинувањето на стихот се постигнува емоционално нагласување или пауза.
Таму —
кај пламен народен пламти,
и пушки грмат
кај борци за зори јасни
за живот
во смрт без жалба минат, —
другарко, таму љубовта расне!
(„Љубов“ - А. Шопов)
Слободен стих е стих во кој нема ограничувања во однос на ритмичките стапки, силабичноста, тонот, ниту групирањето во строфи или римувањето. За слободниот стих е важна интонацијата, па затоа е наречен и интонациски стих.
Теорија на поезијата
Голем број писатели, естетичари и философи ја разгледувале суштината на поезијата и нејзините односи со другите науки. На пример, зборувајќи за поетите, римскиот поет Овидиј вели: „Во нас е господ; тој нè поттикнува, со него гориме“ (Fasti, VI), како и „Нè викаат свети пророци и миленици на боговите“ (Amores, III и IX).[1] Во еден од дијалозите на Платон, Сократ ја дава следнава дефиниција: поетот е нешто лесно, крилато и свето - толкувач на божествата.[2] Сличен став има и Јован Дучиќ според кого „поетот е првиот кој го објавил Бога“,[3] а поетите „живеат во вечно неспокојство да го објаснат божеството низ неговите дела и да го посведочат со своето сопствено творење“.[4] Поетот е толкувач на божеството, зашто тоа е слика на човечкиот идеал, а поетот секогаш говори само за највисоките вредности. Оттука, според Дучиќ, ниту еден поет не е безбожен, туку поетот е религиозен, зашто поетите ја измислиле религијата. Затоа, дури и кога се сомнева, поетот верува.[3] Уште повеќе, луѓето го сметаат поетот за најбизок до божеството.[2]
Во есејот „За поетот“, Дуќиќ вели дека поетите сметаат дека реалниот свет не е доволно голем ни доволно убав и затоа тие создаваат за да го усовршат светот.[5] Тој смета дека само поетот создава, зашто само тој мисли за да измисли нешто. Поетот е секогаш идеалист, зашто сите нешта ги гледа низ призмата на идеалот и совршенството. Но, тоа не значи дека поетот нема чувство за стварноста, туку напротив, поетите се единствените кои ја поместуваат стварноста до крајните граници. Поетот е супер-реалист, тој ја гледа стварноста најдобро и единствено тој ги гледа недостатоците во неа; тој најдобро ја познава врската од денешната непотполна стварност до нејзиното утрешно усовршување. Поетот мисли потсвесно, тој е интуитивен и она што не постои, тој го гледа како да постои.[6] Според него, поетот е оптимист по својата природа, зашто тој е единствената творечка сила и тој оди до крајните граници на можностите, а често и надвор од тие граници. Тој смета дека поезијата се раѓа како судар на две спротивности: идејата на вечноста наспроти идејата на смртта, љубовта како спојување на душата и телото, итн. Овие спротивности постојат во многу луѓе, но само ако човекот знае да им даде уметнички израз и подинечниот момент да го воопшти во сеопфатен човечки фатум, тогаш човекот станува поет.[7] Притоа, Дучиќ смета дека колку е подлабоко, поетското дело е попросто; а колку е попросто, толку помалку може да се зборува за него.[8] Во светот има само двајца творци: Бог и поетот; првиот започнува сè, а вториот сè довршува. Тајната на поетското создавање е исто толку длабока како и божјото создавање; не се знае како настанало поетското дело, како што не се знае како станала вселената. Како делото се јаува во умот на поетот и како тоа доаѓа до совршениот израз, тоа ниту самиот поет не може да го објасни, зашто градењето на делото се врши во матна душевна состојба. Големата тајна во која е создадено едно поетско дело останува мрачна тајна за сите и засекогаш; затоа, поетот е сосема поинаков човек, тој е повисок од другите луѓе зашто само тој ја претставува нивната есенција. Поетот гледа сè во вечноста и сè хуманизира, сè мери според човечката судбина и за него, светот е дел од човекот, а не обратно. За поетот, сè е убаво, но и сè е тажно и затоа, сите поети се тажни по својата филозофија, а сите поетски дела се меланхолични. Поетот ги мери нештата со душата и затоа, науката мисли за светот, а тој чувствува за него. Поради тоа, науката и поезијата никогаш нема да се помират меѓу себе, зашто големите вистини ги кажуваат само поетите. Поетот е единствениот кој ги толкува нештата, тој ја бара крајната смисла на сè и сите нешта ги чувствува во нивниот однос кон човекот.[9]
Пишувајќи за улогата на поетот, македонскиот поет Блаже Конески смета дека, иако му дава важно и сериозно место, сепак не би се решил зборот „поет“ да го напише со голема буква. Во неговото сфаќање, поетот не е лишен од пророчка визија, но зад него не седат никакви виши сили, туку стои јазикотворечкиот колектив, со целата своја традиција кој секој нов креативен чин го вклучува во еден траен и непрекинат тек. Во тој поглед, Конески ја гради својата теорија за врската меѓу традицијата и подновувањето, која вклучува три фактори: традицијата, колективот и авторот. Имено, авторот ги внесува иновациите со санкција на колективот, а овие два фактора дејствуваат заедно со традицијата, која е жива и во колективот и во самиот автор.[10]
Според Гете, стварноста ги обезбедува мотивите и градбата за поезијата, а задачата на поетот е од нив да создаде оживеана целина; оттука, ниеден реален предмет не е непоетичен, ако поетот знае вешто да го искористи.[11] Напротив, секој специјален случај станува општ и поетски токму со тоа што него ќе го изрази поетот.[12] Во таа смисла, задачата на поетот не е да ги изрази своите субјективни чувства, туку тој станува поет откако ќе го усвои и ќе успее да го изрази Светот.[13] Во продолжение, тој смета дека поетот треба да ги избегнува големите дела кои бараат голем напор и духовна сила за да се усоврши големата целина; притоа, ако поетот не успее да ја оствари таа целина, делото е уништено, а ако пак не успее целосно да ги разработи поединечните делови, тогаш ќе страда целината на делото. Наспроти тоа, предноста на малите поетски дела се состои во тоа што во нив поетот може да ги избере оние предмети со кои тој владее.[14] Според него, стварноста ги обезбедува мотивите, суштината и јадрото на поетското творештво, а задачата на поетот е од тоа да создаде убава оживеана целина.[15] Притоа, токму во мотивите, во ситуацијата, се состои вистинската суштина на поезијата.[16]
Во расказот „Стаклениот лиценцијат“, Сервантес вели дека поезијата ги содржи во себе сите други науки, се служи со нив и со нив се украсува себеси.[17] Слично на тоа, во романот „Дон Кихот“, тој пишува дека поезијата е помалку корисна отколку пријатна, но неа ја украсуваат другите науки кои од неа ја очекуваат својата потврда, додека поезијата се служи со сите нив. Поезијата се состои од такви својства кои овозможуваат со неа да се создаде непроценлива вредност.[18] Според него, поетот се раѓа од природата и тој може да создава без никаква вештина и учење, но ако природната дарба се надгради со вештина, тоа ќе создаде совршен поет.[19]Џакомо Леопарди смета дека, заедно со философијата, поезијата претставува најблагородното, напрекрасното и најнеобичното нешто што човекот сака да го постигне и дека поезијата е врв на уметноста.[20]
Во есејот „Митизација на реалноста“, полскиот писател и философ Бруно Шулц ја дефинира поезијата како тежнеење на првобитното слово, ослободено од дисциплината на практиката, кон поранешните врски, кон сопствено пополнување во смисла и тој стремеж на словото кон утробата, кон словната прататковина го нарекуваме поезија. Оттука, под поезија се подразбира „куси споеви на смислата меѓу зборовите, импулсивна регенерација на првобитните митови“. Според Шулц, поезијата им го враќа на зборовите нивното првобитно место, ги поврзува според некогашните значења. Кај поетот, зборот се повикува на својата суштинска смисла, се развива спонтано, според своите правила, си ја враќа својата интегралност. Затоа, секоја поезија е митологизирање, се стреми кон репродукција на митовите за светот. Поезијата доаѓа до смислата на светот дедуктивно, за разлика од науката која се стреми кон истото, но индуктивно, методично, врз основа на искуството. Процесот на осмислување на светот е тесно поврзан со зборот. Говорот е метафизички орган на човекот. Поетот им го враќа водството на зборовите преку новите споеви, кои настануваат од кумулацијата.[21]
Во есејот „За стиховите“, рускиот поет Велимир Хлебников тврди дека стиховите воопшто не мора да бидат разбирливи, зашто по аналогија на магијата, дури и неразбирливите зборови се одликуваат со волшебна моќ. Оттука, пред поезијата не може да се постави барањето стиховите да бидат разбирливи како секојдневниот јазик и творештвото не смее да се негира затоа што е неразбирливо за определен слој читатели.[22]
Според Карло Рагијанти, единствено поезијата не спаѓа во визуелните уметности, затоа што, сама по себе, поезијата не може да се претставува. Претставувањето на поетскиот текст е апсурд, зашто не може да се претпостави дека поетскиот збор, за да трае, мора да бара некакво дополнување (сцена, глумци, режисери, сценографија, итн.).[23] На ваквото гледање се спротивставува Еуџенио Монтале кој, во есејот „Уметноста на претставата“ од 1957 година, вели дека ликовните елементи постојат дури и во невизуелните уметности. Според него, дури и кога некој човек рецитира некоја песна на самиот себе, тоа значи дека се следи нејзиниот тек, т.е. дека таа се претставува. Оттука, ако е апсурден поимот на претставената поезија, исто толку апсурден е и поимот на рецитираната поезија.[24] Во есејот „Естетички суд“ од 1958 година, Монтале вели дека поезијата го претставува каменот на сопнувањето во естетиката. Според него, поезијата е половина говор, а половина нешто друго и поради тоа, таа е натрапник во естетичките расправи. Всушност, отсекогаш таа била таква, зашто таа постојано се спојувала и се издвојувала од уметностите и никогаш не се случило, дури и во врвните достигнувања на надреализмот, поетот сосема да ја напушти фигуративноста. Притоа, поради поттиците што ги прима од другите видови уметности, поезијата станала сè повеќе прикажувачка.[25]
Српскиот поет Миодраг Павловиќ смета дека во современиот свет поезијата ја нема онаа улога која ја играла во минатото, односно денес, техничките, политичките и научните дејности имаат поголемо значење од неа. Неподготвена на таквата подреденост, таа реагира или со повлекување во себе или со активно, па дури и агресивно, настојување сè повеќе да се замеша во светските работи и да стане неопходен инструмент на националниот престиж, на менталната хигиена и на политичките движења.[26]
Ова сфаќање се среќава и кај Блаже Конески, кој во своите есеи „Еден опит“ и „За поезијата“ смета дека само преголемата пристрасност може да тврди дека поезијата може да се постави на исто рамниште со науката и филозофијата. Според него, науката располага со многу поголема познавателна сила од поезијата. Оттука, ако се постави прашањето што му е попотребно на човештвото во иднината — поезијата или науката, јасно е дека одговорот ќе биде во полза на науката. Затоа, поправилно е ако се побараат други компоненти кои ја определуваат функцијата на поезијата, а според него, таа функција е актуализацијата. Имено, поезијата врши актуализација на речевата дејност, т.е. таа ги спасува зборовите, синтагмите и речениците од сивилото и заборавот, таа е актуализирна исказ и тоа е нејзината суштина. На тој начин, ако поезијата е подредена во однос на науката во поглед на познавателната моќ, таа има своја област во која настапува суверено — актуализацијата. Можеби, оваа манифестација на духот е поскромна од научното познание, но сепак, и таа манифестација е исто толку трајна и неизбежна. Иако мотивите на поеизјата се веќе избројани, тоа не ја исцрпува поезијата. Конески смета дека поезијата и науката не можат да се споредуваат на исто рманиште со цел да се валоризираат. Поезијата може да се споредува само со другите дејности кои исто така ја извршуваат функцијата на актуализацијата.[27]
Поезијата како тема во уметноста и во популарната култура
„На сопствениот стих“ - песна на Вислава Шимборска.[137]
„Песната и годините“ - песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[138]
„Како најубави катрени од народната поезија“ - песна на Ацо Шопов.[139]
„Клошарска песна на поетот“ - песна на Ацо Шопов.[140]
„Калифот Ал-Мансур и поетот“ - суфиска приказна.[141]
Поезијата како тема во музиката
„Разговор со даночниот инспектор за поезијата“ (англиски: Talking with the Taxman About Poetry) — албум на англискиот рок-музичар Били Брег (Billy Bragg) од 1986 година.[142]
„Песна од осум стихови“ (англиски: Eight Line Poem) — песна на британскиот рок-музичар Дејвид Боуви од 1971 година.[143]
„Поезија“ (англиски: Poetry) — песна на американската рап-група Буги Даун продакшнс (Boogie Down Productions) од 1987 година.[144]
„Поет“ (англиски: The Poet) — музички албум на американскиот соул-музичарБоби Вомак (Bobby Womack) од 1981 година.[145]
„Поема“ (англиски: Poem) — песна на британската рок-група Клок ДВА (Clock DVA) од 1983 година.[146]
„Рубајат“ (Rubaiyat) — песна на британската музичка група Колдкат (Coldcut) од 1997 година.[147]
„Тажна поезија“ (англиски: Sad Poetry) — песна на австралиската поп-рок група Ментал ес енитинг (Mental As Anything) од 1981 година.[148]
↑Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 220-221.
↑Драган Мишкоски, „Разговор за делото „Игра на прозорецот“ од Генади Болиновски“, во: Генади Болиновски, Игра на прозорец, Скопје: Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга, Детска радост, 1990, стр. 79.
↑Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 42.
↑Драган Георгиевски, Метаморфузија, Темплум, Скопје, 2013.
↑Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 16-17.
↑Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 129-136.
↑Јован Дучић, Сабрана дела II, Песме љубави и смрти. Београд: Народна просвета (без дата), стр. 18-19.
↑Јован Дучић, Сабрана дела II, Песме љубави и смрти. Београд: Народна просвета (без дата), стр. 28-29.
↑Јован Дучић, Сабрана дела II, Песме љубави и смрти. Београд: Народна просвета (без дата), стр. 46-47.
↑Јован Дучић, Сабрана дела II, Песме љубави и смрти. Београд: Народна просвета (без дата), стр. 80-81.
↑Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 78.