Леонид Грчев

Леонид Грчев
Леонид Грчев
Роден(а)април 28, 1951(1951-04-28)
Скопје, Македонија
ЖивеалиштеСкопје
НационалностМакедонец
ПолињаПриродни науки, електротехника, телекомуникации
УстановиЕлектростопанство на Македонија, Електротехнички факултет
ОбразованиеЕлектротехнички факултет во Скопје, Електротехнички Факултет во Загреб
Теза(1986 докторат)

Леонид Грчев (роден на 28 април 1951 година во Скопје) — македонски научник и професор од областа на електротехниката, електромагнетиката, електротермијата и телекомуникациите. Член на МАНУ.

Образование и работен век

Во 1978 година дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 1982 година ги завршил постдипломските студии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб, каде во 1986 година ги завршил и докторските студии и ја одбранил докторската дисертација.

Во периодот од 1978 до 1988 година бил вработен во „Електростопанство на Македонија“ во Скопје, како инженер за телекомуникации. Во 1988 година акад. Леонид Грчев бил избран за доцент на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1993 за вонреден професор и во 1997 година за редовен професор. Од 1997 до 2002 година и од 2009 до 2016 година бил раководител на Институтот за електротермија и од 2003 година е раководител на Центарот за електромагнетна компатибилност. Од 1989 до 1991 бил соработник и советник во водечката светска консултантска и софтверска фирма за безбедност во електроенергетски системи Safe Engineering Services and Technologies во Монтреал, Канада. Бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ахен, Германија (во мај–јуни 1993 и јули 1995), на Универзитетот во Упсала, Шведска (во јуни 1995) и на Федералниот технички универзитет во Лозана, Швајцарија (во периодот јуни–јули 2002 и јули 2005 година). Во академската 2002–2003 година бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.

Научна дејност

Акад. Леонид Грчев е автор и соавтор на над 300 научни и стручни трудови, при што на повеќето од половината од трудовите е прв автор. Неговите научни трудови според третираните проблеми можат да се класифицираат во следниве групи: развој на нов теоретски модел, негова практична примена и верификација со експерименти, во областите на анализата на брзите промени (транзиети) во големи и комплексни електрични системи со посебен акцент на влијанието на земјата, подобрување на заштитата од ефектите на атмосферските празнења, електромагнетна компатибилност и моделирање на атмосферски празнења. Трудовите се цитирани повеќе од 1750 пати (според Google Scholar 06.2016). Еден од главните научни придонеси на акад. Леонид Грчев е развојот на досега најточниот модел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично спроводни средини. Оваа област на истражување станува сè поактуелна и поважна за понатамошниот развој на новите технологии, поради сè поголемата чувствителност на електронските системи на влијанијата од брзо променливото електромагнетно поле. Потребата од заштита на овие системи, кои се во основа на модерниот развој на информатичко комуникациската технологија, бараат сè поточни постапки за пресметка. Акад. Леонид Грчев го развил овој модел во сите елементи кои се потребни тој да биде широко применет во светот: ги поставил теоретските основи, развил ефикасни бројчени постапки, го верифицирал моделот по пат на споредба со експерименти, го проширил моделот за да опфати различни елементи на системите, го поврзал со постоечки стандарден софтвер за анализа на големи електрични системи и развил софтвер за интерактивна анализа. По долгогодишната работа на ова поле, акад. Леонид Грчев денес е прифатен во светската професионална научна заедница како основоположник на нова методологија и еден од водачите во областа. Научните придонеси на акад. Леонид Грчев во научниот свет се прифатени како основна референца во областа, а нивното влијание е во постојан пораст – за што сведочи сè поголемиот број истражувачки групи во светот кои го применуваат и развиваат неговиот метод.

Меѓународна активност на акад. Грчев во наставната, научната, стручната и публицистичката област, која накусо резимирана ја дава следнава слика: организирал и одржувал настава на 5 постдипломски и напредни курсеви и бил коментор на докторски студии на реномирани универзитети во Европа; бил автор, соавтор и соуредник на 5 меѓународни монографии, автор на труд кој е вклучен во книгата на избрани трудови на IЕЕЕ, има објавено 43 трудови во меѓународни списанија (до јуни 2016 година), има презентирани 204 труда на меѓународни референцирани конференции, уредник е на 2 меѓународни научни списанија, бил претседател и организатор на повеќе меѓународни научни собири, бил претседател и член на научни комитети на повеќе меѓнародни конференции; рецензент е на трудови за врвни научни списа¬нија; бил главен истражувач и учесник во над 20 меѓународни и странски научноистражувачки проекти, и гостин-истражувач во 6 реномирани институти и лаборатории во странство; член е на 7 комитети и меѓународни работни групи на CIGRE и CIRED – Париз и соавтор на 3 меѓународни препораки во областа на заштитата на електричните системи од електромагнетните влијанија, автор е на инженерски софтвер кој денес се применува во големи фирми во светот, какви што се, на пример, германскиот Siemens и францускиот EDF, како и реномирани универзитети во Европа, автор е на практични решенија за заштита од електромагнетни влијанија во Македонија, Германија и Холандија. Во 2013 година e избран за Fellow на IEEE (што претставува врвно признание на престижното најголемо светско техничко професионално здружение: Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), а во 2015 именуван е за IEEE PES Distinguished Lecturer (истакнат предавач во Здружението за електроенергетика на IEEE).

Акад. Леонид Грчев бил раководител на повеќе од 50 стручно-апликативни проекти за решавање на практични проблеми на заштита од електромагнетни влијанија во телекомуникациски, електреоенергетски и постројки за пригоден гас и нафта во Република Македонија.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!