Паскал Сотировски е роден во горнореканското село Врбен на 23 ноември 1927 година. Основно училиште завршил во родното село, три години од гимназиското образование завршил во Горен Милановац, а потоа завршич учителска школа во Белград. Непосредно по завршувањето на учителската школа работел како учител за деца од Македонија во Бела Црква.
Во 1950 година, Сотировски се запишал како редовен студент по физика на Филозофскиот факултет во Скопје, а по дипломирањето во 1956 година работел како професор по физика во гимназијата Јосип Броз Тито сè до 1960 година. По назначувањето за асистент по астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1961 година бил испратен на усовршување по астрофизика на универзитетот Сорбона во Париз. Таму, тој дипломирал астрофизика во 1964 година, а во 1971 година докторирал со најдобра оценка на тема од областа на физиката на Сонцето.
Сотировски станал член на Францускиот национален центар за научни истражувања, како и на Одделението за сончева и планетарна астрономија на Франција. Во 1990 година основал фондација која го носи неговото име и има за цел поддршка на талентираните млади умови од Македонија. Во 1991 година е избран за надворешен член на МАНУ. Покрај македонски како мајчин јазик, зборувал уште неколку јазици: француски, англиски, руски и германски.
Особен интерес Сотировски имал за рудникот Алшар. Во рамки на неговите истражувања на Сончевото јадро и неутриното, односно честичката без маса и полнеж која не Земјата доаѓа со брзина на светлината и за чие движење нема пречка, тој сметал дека е потребна ретката талиумова руда лорандит којашто е застапена во рудникот.[1]