Шљопинци или Шлопинци (грчки: Δογάνης, Доганис; до 1928 г. Σλώπνιτσα, Слопница[2] или Σλοπ, Слоп) — гевгелиско село во Егејска Македонија, денес во општината Пајонија на Кукушкиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 18 жители (2021)
Селото се наоѓа 4 км јужно од Гевгелија, близу државната граница. Лежи во областа Бојмија, на десниот брег на реката Вардар.[3]
Во XIX век Шљопинци било македонско село во Авретхисарската (Кукушка) каза. „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Шљупници (Chliupnitzi) било село во Авретхисарската (Кукушка) каза со 50 домаќинства од вкупно 236 жители, сите Македонци.[4][5]
Во 1895–96 г. во селото е основан комитет на ВМРО.[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Шљопинци било село во Гевгелиската каза со 410 жители, сите Македонци.[4][7]
Целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. в Шљопенци (Chliopentzi) имало 420 Македонци,[4] сите под егзархијата, и работело бугарско училиште.[8] Во овој период Боривое Милоевиќ во селото завел 60 куќи, сите македонски.[3]
Како и соседното Древено, Шљопинци настрадало во Балканските војни, па затоа во 1913 г. населението се намалило на само 100 жители.[3] Истата година е припоено кон Грција по сила на Букурешкиот договор. На подрачјето на селото минувала фронтовата линија во Првата светска војна, поради што 1916 г. ги преместиле неговите жители во Бугарија, кои подоцна се вратиле. Во 1920 г. населението броело 110 жители, повторно сите Македонци.[3] Во 1924 г. етничката состојба се променила кога 53 жители решиле да го напуштат селото поради неподносливиот живот создаден од грчкиот режим. На местото на иселените, властите доселиле 27 грчки семејства од Источна Тракија со вкупно 113 дојденци[9] (или 121 според Симовски)[3] Во 1928 г. селото е преименувано во Доганис, кога е попишано како етнички мешана населба со вкупно 180 жители.
На пописот во 1940 г. во Шљопинци е заведен 191 жител, од кои само 30 Македонци.[3] По Грчката граѓанска војна во 1951 г. тука живееле 124 лица, по што нивниот број опаднал на 109 во 1961, 77 во 1971 и 58 жители во 1981 г., што се должело на иселување во градовите. Во 1991 г. се попишани 59 жители,[3] и селото продолжило да се празни, така што во 2001 имало 49, а во 2011 г. само 38 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Населението се занимава со земјоделство, и тоа со одгледување на пченица, памук и овошје.[3]