Саксонска Швајцарија (германски: Sächsische Schweiz) — поранешен округ во јужниот дел на сојузната покраина Саксонија, Германија. Се граничел со (од запад надесно) окрузите Вајсериц, урбаниот округ Дрезден и окрузите Каменц и Бауцен. На југ се граничел со Чешка.
Историја
Округот бил создаден во 1994 година, кога двата окрузи Зебниц и Пирна биле споени. Во август 2008 како дел од реформата на окрузите во Саксонија, окрузите Саксонска Швајцарија и Вајсериц биле споени во новиот округ Саксонска Швајцарија-Источни Рудни Планини.
Географија
Округот бил именуван по регионот — Саксонска Швајцарија — кој претставува најпланинскиот регион во Саксонија. На запад се Рудните Планини, а на исток Лужичките Гори. Реката Елба тече низ Елпските Песочнички Планини и го дели на два дела планинскиот масив. Највисоката точка на округот е Елзенер Хее (Oelsener Höhe) со 644 метри на југозападот од округот, додека најниската точка е долината на Елба на граница со Дрезден на само 109 метри надморска височина.
Грб
Грбот ја прикажува географската местоположба на округот. Двете зелени површини ги претставуваат шумите во планинските области, белата брановита линија во средината ја претставува реката Елба. Грбот бил создаден од Хорст Торка од Пирна.