Летни олимписки игри 2024 (француски: Jeux olympiques d'été de 2024), официјално познати како Игри на XXXIII Олимпијада (француски: Jeux de la XXXIIIe Olympiade) или само Париз 2024 — Летни олимписки игри коишто се одржале во Париз од 26 јули до 11 август 2024 година, а натпреварите во некои спортови започнале на 24 јули. Париз бил главниот град домаќин на игрите, а натпреварите се одржале во 16 други градови во Метрополитенска Франција, како и на островот Тахити во Француска Полинезија.[1]
Париз ја добил организацијата на игрите на 131. седница на МОК во Лима на 13 септември 2017 година. По повеќе повлекувања коишто придонеле да останат само кандидатурите на Париз и Лос Анџелес, Меѓународниот олимписки комитет (МОК) одобрил процес за истовремено доделување на организацијата на игрите во 2024 и 2028 година на двата преостанати градови кандидати, а притоа обете кандидатури биле пофалени за високите технички планови и иновативните начини за искористување на рекордниот број на постојни и привремени објекти. Откако претходно бил домаќин во 1900 и 1924 година, Париз станал само вториот град којшто три пати бил домаќин на Летните олимписки игри (по Лондон којшто бил домаќин во (1908, 1948 и 2012 година).[2][3] Париз 2024 ја одбележале стогодишнината од Париз 1924 и Шамони 1924 (што дополнително ја одбележува стогодишнината на Зимските олимписки игри), и се шестите олимписки игри коишто се одржале во Франција (по три Летни и Зимски олимписки игри) и први олимписки игри во земјата по Зимските олимписки игри 1992 во Албервил. Исто така, олимписките игри се вратиле на традиционалните четиригодишен циклус откако Летните олимписки огри 2020 биле одложени до 2021 година поради пандемијата на КОВИД-19.
На овие олимписки игри за прв пат се одржале натпревари во брејк-денс како олимписки спорт,[4] а тие биле последните олимписки игри одржани за време на претседателствувањето со МОК на Томас Бах.[5] Вкупниот трошок за игрите се очекува да иснесува околу 9 милијарди евра.[6][7][8]
Избор на град домаќин
Шесте градови кандидати за организација на игрите биле Париз, Хамбург, Бостон, Будимпешта, Рим и Лос Анџелес. Процесот за избор бил забавен поради повлекувања, политичка неизвесност и трошоци поврзани со повлекувањето. Бостон ги надминал Лос Анџелес, Сан Франциско и Вашингтон во трката за американски град кандидат. На 27 јули 2015 година, Бостон и Американскиот олимписки комитет постигнале заемна согласност за прекин на кандидатурата на Бостон за организација на игрите, делумно поради поделените мислења во градот. Хамбург ја откажал кандидатурата на 29 ноември 2015 година по одржан референдум.[9] Рим се откажал на 21 септември 2016 година, повикувајќи се на фискални тешкотии.[10] Будимпешта се повлекла на 22 февруари 2017 година откако петиција против кандидатурата успеала да собере повеќе потписи отколку што било потребно за референдум.[11][12][13]
По овие откажувања, Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет се состанал на 9 јуни 2017 година во Лозана за да се разговара за процесите за избор на домаќини на игрите во 2024 и 2028 година.[14][15] Меѓународниот олимписки комитет (МОК) формално предложил истовремен избор на градови домаќини за игрите во 2024 и 2028 година во 2017 година, а предлогот бил усвоен на посебна седница на МОК одржана во Лозана на 11 јули 2017 година.[15] МОК воспоставил процес во којшто кандидатските одбори на Лос Анџелес и Париз се состанале со МОК за да разговараат кој град да ги организира игрите во 2024 и 2028 година, како и дали е можно да се изберат градови домаќини за обете игри истовремено.[16]
Откако било одлучено да се изберат домаќини за обете игри истовремено, Париз бил согледан како претпочитан град домаќин за 2024 година. На 31 јули 2017 година, МОК соопштил дека Лос Анџелес е единствен кандидат за 2028 година,[17][18] овозможувајќи Париз да биде потврден како град домаќин за 2024 година. Обете одлуки биле ратификувани на 131. седница на МОК во Лима на 13 септември 2017 година.[19] Двајцата француски членови на МОК — Ги Дру и Тони Естанге — немале право на глас според правилата на Олимписката повелба.[20][21]
Избор на град домаќин на Летните олимписки игри 2024
Програмата на Летните олимписки игри 2024 содржела 329 натпреварувања во 33 спортови, вклучувајќи 28 „суштински“ олимписки спортови коишто биле дел и од програмите на игрите во 2016 и 2020 година,[22] како и четири дополнителни спортови коишто биле предложени од страна на Парискиот организациски одбор: брејк-денс за прв пат бил вклучен како дополнителен спорт, а скејтбординг, спортско искачување и сурфање повторно биле дел од програмата откако претходно биле и на Летните олимписки игри 2020.[23][24][25] Четири натпревари биле исфрлени во кревање тегови. Во кајак и кану, два натпревара во спринт биле заменети со два натпревара во слалом, со што се задржал вкупниот број од 16 натпревари. Во спортско искачување, „комбинираниот“ натпревар бил поделен на посебни натпревари во брзо искачување, како и боулдеринг и искачување со водење за секој пол.[26]
Во февруари 2023 година, националното раководно тело Американски бокс ја објавило одлуката за бојкот на Светското првенство во бокс 2023 (организирано од Меѓународната боксерска асоцијација) каде што на руските и белоруските спортисти им било дозволено да настапат без никакви ограничувања, а исто така ја обвинило и Меѓународната банкарска асоцијација за обид за саботажа на квалификацискиот процес за бокс којшто бил одобрен од страна на МОК. Полска, Холандија, Велика Британија, Ирска, Чешка, Шведска и Канада подоцна се приклучиле на САД во обвинувањата.[27]
Во списокот подолу, бројот на натпреварувања во секоја дисциплина е забележан во загради.
Кога Париз бил кандидат за град домаќин на игрите во август 2017 година, Парискиот организациски одбор соопштил дека ќе одржи разговори со МОК и професионалните организации за електронски спортови во врска со можноста за воведување натпревари на игрите во 2024 година.[28][29] Во јули 2018 година, МОК потврдил дека нема да ги има предвид електронските спортови за игрите во 2024 година.[30] На 134. седница на МОК во јуни 2019 година, МОК го одобрил предлогот на Парискиот организациски одбор како дополнителни спортови да се вклучат брејк-денс, скејтбординг, спортско искачување и сурфање (последните три биле дел и од Летните олимписки игри 2020).[31][23][30][25]
Земји учеснички
Во продолжение е наведен список на националните олимписки комитети коишто имале барем еден учесник на Летните олимписки игри 2024. По руската инвазија на Украина, МОК ги суспендирал олимписките комитети на Русија и Белорусија поради прекршување на олимпиското примирје. Оттука, руските и белоруските спортисти настапуваат како „Меѓународни неутрални спортисти“ (МНС) без национална определба[32][33] доколку „активно“ не ја подржуваат војната.[34][35] Меѓународните неутрални спортисти мора да бидат одобрени од страна на меѓународната федерација на секој спорт и од панелот на МОК.[36] Како поединечни спортисти, МНС нема да се сметаат за делегација за време на церемонијата на свеченото отворање и нема да се вбројуваат во табелите на освојувачите на медали.[37][38][39]
Францускиот пливач Леон Маршан освоил четири златни и еден бронзен медал, со што бил најуспешен натпреварувач на игрите. Тој победил во трките на 200 м и 400 м мешано, како и во трките на 200 м делфин и на 200 м градно, а бил дел и од штафетата на Франција на 4 х 100 м мешано којашто го освоила третото место. Во женска конкуренција, американската пливачка Тори Хаски освоила три златни и два сребрени медали, со што била најуспешна натпреварувачка на игрите. Таа победила во трката на 100 м делфин, а била дел и од победничката женска и мешана штафета на САД на 4 х 100 м мешано. Сребрени медали освоила на 100 м слободен стил и во штафетата 4 х 100 м слободен стил. Сепак, натпреварувач со најмногу медали во пливање и воопшто на игрите била кинеската пливачка Џанг Јуфеи којашто освоила еден сребрен и пет бронзени медали.[41]
Канадската пливачка Самер Мекинтош освоила три поединечни златни медали во трките на 200 м мешано, 400 м мешано и 200 м делфин, како и еден сребрен медал во трката на 400 м слободен стил.[42][43][44][45]
Американката Кејти Ледецки победила во трката на 800 м слободен стил и со тоа станала првата пливачка којашто освоила златен медал во ист натпревар на четири различни олимписки игри, како и втор натпреварувач со таков успех во обете конкуренции по Мајкл Фелпс којшто на четири олимписки игри победил во трката на 200 м мешано.[46]
Австралиската пливачка Кајли Меккион ги одбранила златните медали во трките на 100 м и 200 м грбно коишто го освоила на игрите во Токио, со што станала првата пливачка со такво остварување во грбниот стил.[47] Швеѓанката Сара Шестрем на своите петти олимписки игри освоила два златни медали во трките на 50 м и 100 м слободен стил.[48]
Американската гимнастичарка Симон Бајлс освоила три златни и еден сребрен медал. Бајлс победила во екипниот повеќебој како дел од екипата на САД, во поединечниот повеќебој и на прескок, а на партер завршила на второто место.[49] Во машка конкуренција, Јапонецот Шиносуке Ока освоил три златни и еден бронзен медал, поведувајќи во екипниот повеќебој, во поединечниот повеќебој и на вратило, додека на третото место завршил на разбој.[50] Забележителен успех постигнал и филипинскиот гимнастичар Карлос Јуло со два златни медали на прескок и на партер, што било повеќе од вкупниот број на златни медали коишто Филипините ги освоиле на Олимписките игри дотогаш.[51]
Натпреварите во атлетика биле одбележани со три светски рекорди. Американската мешана на штафета на 4 х 400 м поставила светски рекорд уште во полуфиналната трка,[52] но на крајот го освоила сребрениот медал откако загубила во завршниот спринт во финалето од штафетата на Холандија.[53] Шведскиот натпреварувач во скок со стап Арманд Дуплантис го подобрил сопствениот светски рекорд прескокнувајќи височина од 6,25 м.[54] Американската натпреварувачка на 400 м со пречки Сидни Меклафлин-Леврон финалната трка ја истрчала за 50,37 сек., со што за 0,28 сек. го подобрила сопствениот светски рекорд.[55]
Кенијката Беатрис Чебет победила во трките на 5.000 м и 10.000 м откако во пократката трка успеала да ја совлада сонародничката Фаит Кипјегон којашто победила во трката на 1.500 м и исто така била во обид да освои два златни медали на игрите.[56][57]
Холандската атлетичарка Сифан Хасан победила во маратонската трка откако претходно освоила бронза во трките на 5.000 м и 10.000 м. Со овој успех, таа станала првата атлетичарка којашто освоила златни медали на Олимписките игри во трките на 5.000 м, на 10.000 м и во маратон. Таа исто така станала прв натпреварувач во машка или женска конкуренција со освоени медали во овие трки по Емил Затопек во 1952 година.[58]
Белгиската седмобојка Нафисату Тијам освоила злато на трети последователни олимписки игри и со тоа станала првата атлетичарка со три златни медали во седмобој.[59]
Спринтерката Жилиен Алфред од Света Луција и трискокачката Теа Лафонд од Гранада на своите земји им ги донеле првите олимписки медали воопшто. Алфред победила во трката на 100 м и го освоила сребрениот медал во трката на 200 м,[60][61] додека Лафонд поставила нов личен рекорд во трискок за освојување на златниот медал.[62]
Германката Изабел Верт го освоила осмиот златен медал на своите седми олимписки игри по победата во екипниот натпревар во дресура и со тоа станала првиот спортист со освоен златен медал на осум различни олимписки игри.[63]
Кубанскиот борач Михаин Лопез го освоил златниот медал во грчко-римски стил до 130 кг и со тоа станал првиот спортист којшто освоил пет златни медали во ист поединечен натпревар на Олимписките игри.[64]
Во велосипедизам, белгискиот тркач Ремко Евенепул победил во хронометарската и друмската трка, со што станал првиот велосипедист кому тоа му пошло од рака на едни олимписки игри.[65] Натпреварите во велодромски велосипедизам поминале во знакот на Холанѓанецот Хари Лаврејсен којшто победил во спринт и кеирин, а освоил и уште еден златен медал во екипниот спринт.[66]
Натпреварите во кајак и кану на диви води во женска конкуренција завршиле со доминација на сестрите Џесика и Ноеми Фокс од Австралија. Имено, Џесика освоила два златни медали во побединечните трки во кајак и во кану, а Ноеми победила во кајак-крос.[67]
Боксерските натпревари биле одбележани со контроверзија во врска со полот на алжирската боксерка Имане Хелиф. Во вториот натпреварувачки круг, Хелиф ја победила италјанската боксерка Анџела Карини за само 46 секунди откако Италијанката се откажала по два силни удари. Како последица на тоа, Хелиф била мета на критики, а во прашање бил доведен и нејзиниот пол.[68] На прес-конференција одржана на 3 август 2024 година, претседателот на МОК Томас Бах ја одбранил Алжирката и истакнал дека е родена жена, отфрлајќи го говорот на омраза кон неа.[69] На крајот, Хелиф го освоела златниот медал во категоријата велтер до 66 кг.[70]
Францускиот џудист Теди Ринер го освоил третиот златен олимписки медал во категоријата над 100 кг и со тоа станал вториот џудист по Тадахиро Номура со три поединечни златни медали во џудо на олимписките игри.[71]
Во бадминтон, данскиот натпреварувач Виктор Акселсен ја одбранил титулата поединечно во машка конкуренција освоена на игрите во Токио и со тоа станал втор натпреварувач во овој спорт по Лин Дан којшто постигнал ваков успех, како и прв натпреварувач надвор од Азија којшто освоил два златни олимписки медали.[73][74]
Турскиот стрелач Јусуф Дикеч, којшто заедно со сонародничката Шевал Ијалда Тархан го освоил сребрениот медал во мешаниот екипен натпревар на 10 м со воздушен пиштол,[75] стекнал слава поради неговиот безгрижен пристап. За разлика од мноштвото стрелачи коишто носат големи ушни штитници, визири и високотехнолошки стрелачки очила, Дикеч бил облечен во дрес којшто наликувал на обична маица со куси ракави, носел обични очила и едвај забележителни слушалки, а пукал со една рака држејќи ја другата рака в џеб.[76][77][78] Тој бил пофален на друштвените мрежи за неговата аура и харизма,[79] а бил спореден и со Џејмс Бонд и Хитмен.[80][81] Неговиот став станал предмет на бројни семрежни мемови, а бил имитиран од други спортисти на игрите како на пример Арманд Дуплантис и Роже Стона.[82]
Логото за Летните олимписки и параолимписки игри 2024 било претставено во Гран Рекс на 21 октомври 2019 година. Тој е инспириран од уметничкиот стил ар деко[83][84] и ја прикажува Маријана — национално олицетворение на Франција — со пламен обликуван од нејзината коса во негативниот простор. Логото исто така потсеќа на златен медал. Тони Естанге објаснил дека логото ја симболизира „моќта и магијата на игрите“, а игрите се „за луѓе“. Употребата на женска фигура исто така служи за почит кон Летни олимписки игри 1900 во Париз на коишто за првпат на жените им било дозволено да учествуваат.[85] Логото било дизајнирано од францускиот дизајнер Силван Бојер[86] заедно со француските дизајнерски агенции Ројалтис и Екобрендинг.[87][88][86]
Логото за игрите се сметало за најголемото ново лого објавено во 2019 година.[89][90] Резултатите од анкета спроведена на Опинион Веј покажале дека на 83% од Французите им се допаѓало логото. Рејтинзите на одобрување биле високи, така што 82% од испитаниците се изјасниле дека логото било естетски привлечно, а 78% смтеале дека бил креативен.[91] Потсмев за логото имало на друштвените мрежи, каде што некој корисник коментирал дека логото „повеќе одговара за страница за романтично поврзување или за фризерски салон“.[85]
За прв пат, Летните параолимписки игри 2024 го делат истото лого со соодветните олимписки игри, што е одраз на заеднички „стремеж“ на двата настана.[92]
Маскоти
На 14 ноември 2022 година, Фригијките биле претставени како маскоти на Летните олимписки и параолимписки игри 2024. Тие се двојка на човеколики фригиски капи — историски француски симбол на слободата.[93][94] Маријана обично е прикажана како носи фригиска капа, што е случај и на сликата од Ежен Делакроа „Слободата го води народот“.[95][96] Двете маскоти го делат геслото „Осамени сме побрзи, но заедно одиме подалеку“.[97]
Промотивен материјал
Во април 2024 година, официјалната било соопштено дека во јуни ќе биде пуштена во употреба официјалната олимписка видео-игра на уреди коишто користат Андроид, iOS и Виндоуз[98][99]
Постери
Олимпискиот постер за овие игри бил откриен на 4 март 2024 година. Тој бил дизајниран од Уго Гатони и има дизајн којшто наликува на диптих, така што едната половина ги претставува олимписките игри, а другата половина ги претставува параолимписките игри. За прв пат, олимпискиот и параолимпискиот постер биле дизајнирани заедно затоа што секој од нив може да опстои независно како половина или да биде искомбиниран заедно во еден постер. За постерите да бидат завршени биле потребни 2.000 ласа во период од шест месеци.[100][101]
Права на пренос
Во Франција, домашните права за Летните олимписки игри 2024 биле во сопственост на Ворнер Брос Дискавери преку Евроспорт со дозволена слободна покриеност од страна на францискиот јавен сервис Франс Телевизион.[102] Платформата за пренос Макс била пуштена во употреба во Франција пред почетокот на игрите, на 11 јуни 2024 година, и ги пренесувала игрите без дополнителни трошоци за претплатниците.[103][104][105] Мрежите на Ворнер Брос Дискавери пренесувале од Хотел Рафаел со посебни студија за нивните британски, француски, полски и нордиски канали.[106]
↑Williams, Eliza (4 December 2019). „Trends of 2019: Branding“. Creative Review (англиски). Архивирано од изворникот 23 октомври 2020. Посетено на 7 декември 2020.