Најмалку 2.200 ракети биле истрелани од појасот Газа, а борците на Хамас ја пробиле границата и го нападнале Израел. Најмалку 250 Израелци загинале.[19] Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рекол дека Израел „се наоѓа во воена состојба“.[20][21][17][22][23] Палестинските борци навлегле во неколку кибуци во близина на појасот Газа, како и во израелскиот град Сдерот.[24] Израелските одбранбени сили убиле најмалку 256 Палестинци во вооружени борби и воздушни напади, вклучувајќи граѓани и 20 деца.[25][26] Израелски граѓани и војници биле земени како заложници од страна на палестински борци.[27] Од почетокот на палестинското напредување имало сведоштва за бројни случаи на насилство врз израелски жени и колење на израелски граѓани.[28][29]
Земјите од Северна Америка и повеќето европски земји ја осудиле палестинската страна за насилството и ја нарекле употребената тактика тероризам.[30][31] Некои арапски и муслимански земји ја обвиниле израелската „окупација“ за заострувањето, иако Израел ја прекинал окупацијата на појасот Газа 18 години претходно, повлекувајќи ги сите свои војници во 2005 година.[32][33]
Заднина
Нападот е еден од епизодите на Палестинско-израелскиот судир. Слични напади врз Израел од страна на фидаинските борци од Египет, Либан, Јордан и појасот Газа се случиле многупати помеѓу 1948 и 1970 г. Овие напади на израелска територија, убивајќи граѓани и земајќи заложници, продолжиле како дел од активностите на ПЛО; познати примери се Колењето во Маалот (1974) и Нападот по крајбрежниот пат (1978).
По повлекувањето на Израел од појасот Газа во 2005 г., Хамас дошол на власт во појасот како резултат на неговата победа на изборите во 2006 г. и граѓанската војна со Фатах, која вклучувала борби во појасот Газа во 2007 г. Хамас ги засилил ракетните напади врз Израел и другите облици на палестински тероризам. Појасот Газа бил под делумна блокада од Израел и Египет од 2007 г., со цел да се спречи увозот на оружје и градежни материјали што се користат за војната против Израел; овие мерки ѝ штетат на економијата на појасот. Хамас ја навел блокадата како една од причините за својот напад.
На нападот му претходеле неколкунеделни немири од страна на палестинските Арапи долж границата на Израел со појасот Газа (вклучувајќи пуштање на избувливи и запаливи балони, масовно палење на автомобилски гуми, поставување и фрлање избувливи направи), како и судири на Западниот Брег.[34]
Според Ел Џазира, во 2023 г., пред нападот на 7 октомври, најмалку 247 палестински Арапи загинале во судирите со израелската војска и за време на израелските противтерористички операции. Бројот на жртвите на палестинскиот тероризам во истиот период изнесувал 32 Израелци и 2 странски државјани.[35]
Командантот на военото крило на Хамас, Мохамед Дејф, изјавил дека нападот бил извршен како одговор на судирите во џамијата Акса.[36] Водачот на Хамас, Салих ел-Арури изјавил дека нападот бил одговор на „злосторствата на окупацијата“, додавајќи дека тие ја штитат џамијата Акса и илјадниците палестински затвореници што ги држел Израел.[37] Нападот се случил ден по 50-годишнината од почетокот на Јомкипурската војна, која исто така започнала со ненадеен напад и на денот на еврејскиот празник Симхат тора.[38]
Хронологија на настаните
Ракетни удари
Околу 06:30 часот по месно време на 7 октомври2023 г., Хамас го објавил почетокот на операцијата „Поплава Акса“ или „Бура Акса“, во текот на која меѓу 2.500 (според израелските медиуми) и повеќе од 5.000 ракети (според Хамас) од појасот Газа во Израел биле пуштени, убивајќи најмалку пет лица.[39][40][41] Избувнувања биле пријавени во области во непосредна близина на појасот Газа, како и во Тел Авив и Ашкелон.[42][43] Сирените за воздушна тревога биле активирани во Бершева и Ерусалим.[44][45]
Упад на борците во Израел
Истовремено, околу 1.000 борци навлегле во Израел од Газа користејќи камиони, теренци, мотоцикли, булдожери, чамци и параглајдери.[46][47][48] Според Ел Џазира, израелската војска го изгубила управувањето над контролниот пункт Ерез.[49] Израелската војска ја започнала противтерористичката операција „Железни мечеви“ во појасот Газа. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најавил масовно повикување на резервисти.[42] Шефот на Регионалниот совет на Шаар Ханегев, Офир Либштајн, бил убиен во престрелка со борците на Хамас.[50]
Напади на воени бази
Борците на Хамас извршиле поморски десант во Зиким.[51] Воена база во близина на Нахал Оз, исто така, била преземена од борците, при што загинале најмалку двајца израелски војници, а шест други биле заробени. ИОС соопштиле дека убиле двајца напаѓачи на плажата и уништиле четири брода, вклучително и два гумени чамци.[52]
Биле пријавени борби во воената база Реим, седиште на израелската дивизија Газа. Подоцна било објавено дека Хамас ја презел контролата врз базата и зел неколку израелски војници заробени, пред ИОС да ја врати контролата подоцна во текот на денот. Полициската станица Сдерот паднала под контрола на Хамас, при што борците убиле 30 Израелци, вклучувајќи полицајци и граѓани.[53] Најмалку шест израелски воени бази во близина на границата со Газа биле нападнати.