Младинските олимписки игри се меѓународен спортски настан организиран од Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Игрите се организираат секои четири години и се состојат од летни и зимски спортови согласно моменталниот формат на Олимписките игри. Првото летно издание на игрите беше одржано во Сингапур од 14 до 26 август 2010 додека првото зимско издание беше одржано во Инсбрук, Австрија од 13 до 22 јануари 2012.[1] Старосната граница на спортистите изнесува од 14 до 18 години.[2] Идејата за ваков настан била воведена од австриецот Јохан Росензоф во 1998 година. На 6 јули 2007 година, членовите на Меѓународниот олимписки комитет на 119. заседание во Гватемала го одобриле создавањето на младинско издание од Олимписките игри, со намера на поделба на трошоците на организирање на игрите помеѓу МОК и градот домаќин, додека пак трошоците за патување на спортистите и тренерите ќе бидат платени од МОК. Овие игри исто така вклучуваат програми за културна размена и можности за учесниците да ги запознаат олимписките спортисти.
Неколку други олимписки настани за младите спортисти, како Европскиот младински олимписки фестивал и Австралискиот младински олимписки фестивал се покажале како успешни. Младинските олимписки игри се создадени по овие спортски настани,[3] и тие се наследник на прекинатите Светски младински игри.
Летните младински олимписки игри одржани во Сингапур во 2010 и Нанѓинг во 2014 биле домаќин на 3600 млади спортисти и траеле 13 дена, додека пак Зимските младински олимписки игри одржани во Инсбрук во 2012 угостиле 1059 млади спортисти и траеле 10 дена. И покрај тоа што овие бројки ги надминале првичните проценки,[4][5] сепак овие настани се помали и пократки од нивните сениорски еквиваленти. Следните зимски младински олимписки игри ќе бидат одржани во 2016 во Лилехамер.
Концептот за младинските олимписки игри бил предложен од австрискиот индустриски менаџер Јохан Росензоф во 1998 година.[6] Ова било одговор на растечката глобална загриженост за дебелината на децата и нивното намаленото учество во спортски активности, особено во развиените земји.[7] И покрај овие причини да се има олимписки настан за младите луѓе, МОК не се согласил настанот да биде чисто спортски.[8] Делегатите на МОК сакале настанот да биде за културно образование и размена колку што бил за спорт, поради тоа програмата за култура и образование била развиена како дел од секое организирање на игрите.[8] Жак Рог, претседателот на МОК, формално објавил планови за младинските олимписки игри на 119. заседание во Гватемала на 6 јули 2007 година.[9] Постојат неколку цели за младинските олимписки игри, а четири од нив се: собирање на најдобрите светски млади спортисти, нудење вовед во олимпизмот, иновации во образованието и водење дискусии за олимписките вредности.[10]
Опсегот на младинските олимписки игри е помал од Олимписките игри, кој е намерен и овозможува помали градови да организираат олимписки настан. Потенцијалните градови домаќини се обврзани сите спортски дисциплини да ги одржат во рамките на градот и нови спортски собиралишта не треба да бидат изградени.[10] Исклучок на вториот услов е изградба на центар за медиуми, амфитеатарски објекти за одделенија и работилници и село за спортистите и тренерите.[10] Ова село треба да биде срцето на игрите за спортистите и центар на сите активности.[10] Не се бараат нови или посебни системи на транспорт бидејќи сите спортисти и тренери се превезуваат со превозни средства.[10] Во однос на кандидатурите, стадионот на кој ќе се одржуваат атлетските дисциплини и на кој ќе се одржат церемониите на отворање и затворање на игрите мора да собира 10.000 луѓе и исто така градот мора да има базен на кој ќе се одржат водените спортови со 2.500 седишта.[11]
Преку 200 земји и 3,600 спортисти се натпреварувале на воведните Летни младински олимписки игри во 2010 година.[12] Учесниците се сместени во следниве старосни групи: 14–15 години, 16–17 години, и 17–18 години.[13] Годините на спортистите се одредени по тоа колку тие би имале на 31 декември во годината во која се натпреваруваат на игрите.[10] Квалификационите норми за учество на младинските олимписки игри се одредени од МОК и меѓународните спортски федерации за различните спортови на програмата.[10] Да се осигура дека сите земји се застапени на игрите, МОК го вовел концептот на универзални места. Одреден број места во секој спорт се оставаат отворени за спортистите од недоволно застапените земји без разлика на квалификациските норми. Тоа е така со цел да се осигура дека секоја земја ќе испрати барем четири спортисти на секои младински олимписки игри.[10] Во тимските спортови учествуваат пет екипи, по една од секој континент, а шестата екипа може да биде или домаќинот или некоја друга екипа предложена од страна на меѓународните федерации со дозвола од МОК.
Спортовите одржани на младинските игри се исти како оние кои се организираат за сениорските игри, но со некои адаптации и со ограничен број на дисциплини.[14] На пример, во водените спортови, МОК одлучил да ги вклучи пливачките дисциплини и скоковите во вода но ги исклучил синхронизираното пливање и ватерполото.[15] Некои од спортовите биле изменети за игрите. Кошаркарскиот турнир се игра по форматот три на три, каде периодите на играње траат по пет минути и победник е онаа екипа која прва ќе постигне 33 бода.[16] Во натпреварите во велосипедизам се вклучени дисциплините планински и друмски велосипедизам и BMX, додека пак велодромскиот велосипедизам не е дел од програмата.[17] На програмата може да бидат додадени и други спортови доколку тие се поддржани од соодветни меѓународни спортски федерации. Во ноември 2007 година било откриено дека петобојот ќе биде вклучен, како и едрењето, давајќи предност на градовите кандидати кои се наоѓаат покрај вода.
Зимските младински игри вклучуваат седум спортови. Хокејот покрај машкиот и женскиот турнир, вклучува и натпревар во поединечни вештини.[18] Во санкањето, уметничкото лизгање и брзото лизгање на кратки патеки има мешани дисциплини, кои дозволуваат спортисти од различни земји да се натпреваруваат заедно во екипи. Алпското скијање и скијачкото трчање вклучуваат дисциплини во кои мажите и жените се натпреваруваат заедно во мешани екипи.[18]
Во почетокот на ноември 2007 година, Атина, Бангкок, Москва, Сингапур, и Торино биле одбрани од страна на МОК како пет градови кандидати кои ќе ги организираат воведните младински олимписки игри.[19] Во јануари 2008 година, изборот бил скратен помеѓу Москва и Сингапур. Конечно, на 21 февруари 2008 година, Сингапур бил назначен за град домаќин преку програма во живо од Лозана, Швајцарија, победувајќи ја Москва со резултат 53-44.[20]
На 2 септември 2008 година, МОК објавил дека извршниот одбор го стеснил изборот на градови кандидати кои ќе ги организираат првите Зимски младински олимписки игри. Четирите градови кандидати биле Инсбрук, Куопио, Лилехамер и Харбин.[21] Претседателот на МОК, Жак Рог ја назначил Пернила Виберг да ја предводи комисијата која ги организирала проектите. Во ноември 2008, изборот бил скратен помеѓу Инсбрук и Куопио. На 12 декември 2008 година дека Инсбурк го победил Куопио и ќе биде организатор на игрите.[21]
Нанѓинг го победил Позњан и ја добил организацијата на Летните младински олимписки игри 2014. Изборот бил одржан на 10 февруари 2010 година, два дена пред почетокот на Зимските олимписки игри 2010 во Ванкувер.[22] Лилехамер ќе биде домаќин на Зимските младински олимписки игри 2016.[23] Во овој момент, Хобарт (Австралија), Њујорк (САД) и Монтереј (Мексико) шпекулирале понуди за Летните младински олимписки игри 2023.[24]