Пчиња — река во Македонија и Србија, лева притока на реката Вардар. Нејзиниот слив зафаќа површина од 3.140 км2 (1.247 км2 во Србија и 1.893 км2 во Македонија). Поголеми притоки и се реките: Бистрица, Петрошница и Крива Река (леви), Кумановска Река (десна). Му припаѓа на егејскиот слив.
Реката се образува на западната падина на планината Дукат кај селото Радовница, Трговишко. Оттука тече на запад под името Трипушница[1]. Речната долина сочинува мала област со средиште во градот Трговиште, каде од југ се влева Лесничка Река, од каде реката продолжува на запад, веќе под името Пчиња. Ова подрачје е меѓу најсиромашните во Србија, со најголем одлив на население (од 12.556 во 1971 на 6.372 во 2002 г). Пчиња потоа тече на запад, северно од Широка Планина. Кај селото Шаинце ја прима десната притока Коќурица и продолжува на југ по тесна долина меѓу планините Руен и Козјак. Во оваа долина е и познатиот манастир „Св. Прохор Пчински“. Недалеку одовде, по 45 км низ Србија, реката ја преминува границата во Македонија.
Во преостанатите 83 км од течението Пчиња благо свртува на југозапад. Навлегува во Кумановско кај Пелинце[2], течејќи крај селата Карловце, Драгоманце, Стрновац, Војник, Клечевце, Пчиња, Студена Бара. Отако ќе премине во Скопско (областа Блатија) минува низ Горно Коњари, Долно Коњари, па доаѓа до Катланово, крај кое се наоѓа познатата Катлановска Бања.
Течението низ Македонија се дели на малите области Средорек и Которлак, меѓу кои се протега Бадерската Клисура. Во најдолниото течение, реката минува од западната страна на Градиштанска Планина, па се влева во Вардар во Таорската Клисура, на полпат помеѓу Скопје и Велес.