Клечевце

Клечевце
Клечовце

Воздушен поглед на селото Клечевце

Клечевце во рамките на Македонија
Клечевце
Местоположба на Клечевце во Македонија
Клечевце на карта

Карта

Координати 42°6′57″N 21°51′25″E / 42.11583° СГШ; 21.85694° ИГД / 42.11583; 21.85694
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Средорек
Население 472 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1304
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17046
Надм. вис. 520 м
Слава Ѓурѓовден
Клечевце на општинската карта

Атарот на Клечевце во рамките на општината
Клечевце на Ризницата

Клечевце (познато и како Клечовце) — село во Општина Куманово, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.

До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, а служи како главно село за останатите села.

Географија и местоположба

Сретселото

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општината Старо Нагоричане. Тоа е сместено недалеку од устието на Крива Река во Пчиња, како и недалеку од десната страна на железничката линија Скопје-Куманово-Бељаковце.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 520 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 21 километар.[2]

Низ атарот на самото село поминува регионалниот пат 29277.

Клечевце отсекогаш било село со релативно поголемо значење поради својата местоположба на устието на главната река во Кумановско (Пчиња) и главната нејзина притока (Крива Река).[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Орловац, Голубица, Рамниште, Јагњило, Бара, Аџиско или Божиново Трло, Врањски Пут, Калиште, Локустово, Река, Кршевица, Жути Камен, Дрварски Пут, Црквени Пут, Бачилиште, Батаци, Доња Река (Пчиња), Вакав, Клинчевица, Аџиски Ливади и други.[3]

Селото има збиен тип и е поделено на Горно и Долно Маало. Помеѓу нив се наоѓа возвишението Ајдарово Брдо.[3]

Историја

Воздушен поглед на селото

Атарот на Клечевце е населен уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Калиште сместено на рид на 2 километри североисточно од селото.[4]

На местото на селото, бидејќи е сместено на устието на реките Пчиња и Крива Река, како и на стариот пат Солун-Штип-Врање-Белград (наречен и Врањски Пут), постоела голема и стара населба (античка и средновековна). Во текот на долгиот отомански период, Клечевце започнало да се развива повеќе како управно и сообраќајно место. Така, во него имало конаци за патниците и трговците и се одржувал неделен пазар.[3] За време на турското ропство врз Македонија, Клечевце било голем центар каде што можело да се пронајде оружје.

Во денешниот облик селото постоело уште пред турското време, но за неговото име се знае дури по доаѓањето на Турците. Тие го истиснале месното македонско население, кое се раселило по околните села и на населбата ѝ го дале името Чаушчојле. Тука најпрвин се доселиле побогатите Турци како и некои сиромашни (како крепосници).

Меѓутоа, во втората половина на XIX век се случиле важни промени во дотогашниот развој на Клечевце. Бил воспоставен железничкиот сообраќај на насока Солун-Скопје-Белград, поради што Куманово, западно од Клечевце, добило зголемено сообраќајно, обласно и стопанско значење. Нагло прекинал сообраќајот на стариот пат преку Клечевце, поради што тоа се претворило во обично, релативно мало село.[3]

Во 1952 година од Клечевце биле иселени (по своја волја) и последните Турци кои живееле таму. Денес во селото живеат Македонци и мал дел Срби.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 18,9 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 1.363 хектари, на пасиштата отпаѓаат 288 хектари, а на шумите само 30 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во него во минатото имало земјоделска задруга, а денес во него работат продавници и угостителски објекти.[2]

Економијата на ова населено место е многу слаба, па затоа сите млади луѓе одлучуваат да се отселат и да се преселат во поголемите градови како Куманово, Скопје, па дури и во странство. Луѓето кои живеат таму живеат од земјоделството или работат во градот како градежни работници за многу мали плати.

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.207—    
19531.328+10.0%
19611.382+4.1%
19711.165−15.7%
1981935−19.7%
ГодинаНас.±%
1991694−25.8%
1994615−11.4%
2002573−6.8%
2021472−17.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Клечевце живееле 595 жители, од кои 350 Турци и 245 Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Клечевце имало 160 Македонци, патријаршисти и 90 Роми. Во селото се наметнала српската пропаганда и со децении работело српско училиште..[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Македонци и 100 Турци.[7]

Селото во 1961 година било големо, со 1.382 жители, од кои 1.337 биле Македонци, 39 Срби, а по двајца жители Хрвати и Албанци. Во 1994 година, поради намалување на населението селото преминало во средно по големина со 615 жители, од кои 610 биле Македонци и 5 жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Клечевце живееле 573 жители, од кои 555 Македонци, 17 Срби и 1 останат.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 472 жители, од кои 440 Македонци, 1 Албанец, 2 Роми, 4 Срби, 1 останат и 24 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 595 250 1.207 1.328 1.382 1.165 935 694 615 573 472
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

Клечевце е македонско село, иако во него има и ромски семејства. Сите родови се доселени.[3]

Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:

  • Македонски родови:
  • Ромски родови: Крошњарци (5 к.), Даниловци (5 к.), Кокошчевци (4 к.), Науновци (4 к.), Радевци (4 к.), Јежовци (3 к.), Тодевци (3 к.), Аврамовци (2 к.), Масевци (2 к.), Тодосијевци (2 к.), Величковци (1 к.), Ѓуневци (1 к.) и Костевци (1 к.), никој не знае ништо за своето потекло и се доселени за време на отоманскиот период. Родот Канаревчанци (2 к.), доселени се од селото Канарево, а родот Овчеполци (1 к.), доселени се од некое село во Овче Поле, по Втората светска војна.

Иселеништво

Постари иселеници се Нешовци кои живеат Горно Ѓуѓанци, Овче Поле.[3]

Посилен бран на иселување настапил од 1961 година.

Општествени установи

  • Основно училиште „Вера Которка“, централно осумгодишно основно училиште
  • Задружен дом
  • Пошта (1304)
  • Амбуланта
  • Ветеринарна станица
  • Стручна канцеларија на Агенцијата за поддршка на земјоделството
  • Детска градинка

Самоуправа и политика

Кон крајот на XIX век, Клечевце било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната истоимената општина.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Клечевце, во која покрај селото Клечевце, се наоѓале и селата Бељаковце, Довезенце, Зубовце, Јачинце, Косматац, Мургаш и Новоселани. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Клечевце, во која влегувале селата Зубовце, Клечевце, Косматац и Новосељане.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1149 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 383 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[16]
Споменици

Редовни настани

Селски слави

Личности

Драган Богдановски
Родени во или по потекло од Клечевце

Култура и спорт

Во селото работи фудбалскиот клуб „Клечовце“.

Галерија

Поврзано

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 151.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 178–180.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 210. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 декември 2022.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-12-10. Посетено на 10 декември 2023.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!