Името на селото првпат е забележано во XIV век (1326 г.) како Белјаковци. Името на селото потекнува од личното име Бељак, што означува „човек со бела коса или кожа“.[2]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општините Кратово и Старо Нагоричане. Тоа е сместено на десниот брег на Крива Река и во минатото претставувало завршна железничка станица на линијата Скопје-Куманово-Бељаковце.[3] Селото е раштркано и неговите маала се наоѓаат на надморска височина од 380 до 520 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 28 километри.[3]
Бељаковце се наоѓа во долината на Крива Река и има многу разбиен тип. На падините лево од реката се наоѓаат две постари маала, Ѓуреско и Чифлачко, додека десно од реката се наоѓаат понови и помали маала како Качаровско, Вардарско, Шантиоровско, Големиновско, Неделинско и Средореченско Маало. Во минатото, селаните се снабдувале со вода за пиење од извори и бунари.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Липац, Стари Козарник, Пезоски Камења, Говедарски Чуки, Остри Брест, Јанков Камен, Голи Врв, Голем и Мал Гарванец, Еленац и други.[4]
Поради големата разбиеност на селото, во минатото во него постоеле две основни училишта, едно за маалата на десниот брег на реката, додека друго за маалата на левиот брег на реката. Отсекогаш постоеле и одвоени гробишта.[4]
Како и другите села во долината на Крива Река, така и Бељаковце е многу издолжено во насока југ-север. Жителите сакале да имаат земја за полјоделство и сточарство, па така јужно од Крива Река биле нивите, а северно пасиштата. Поради ова, Бељаковце најпрвин се наоѓало само на јужната страна на долината. Тоа се состоеле од двете денешни селски маала, Ѓуреско и Чифличко Маало. На северната страна се наоѓале сточарските трла. Меѓутоа, во текот на XIX век овие трла постепено станувале куќи.[4]
До околу 1930 година, мештаните од новиот дел на Бељаковце своите починати ги закопувале на старите селски гробишта, лево од Крива Река. Но, од таа година тие основале свои нови гробишта. По Втората светска војна, во новиот дел на Бељаковце било изградено и посебно училиште.[4]
Во поново време, и железничката станица „Бељаковце“ било изградена на десната страна на селото, па поради тоа новиот дел на селото добило поголемо значење.[4]
Стопанство
Атарот на селото има средна големина и зафаќа простор од 16,3 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 711,6 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 651,3 хектари, а на шумите 129,4 хектари.[3]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[3]
Во Чифличкото Маало се наоѓа најдобрата обработлива земја, поради што во него еден турски бег во отоманскиот период поседувал Чифлиг, па оттаму и името на маалото. Тој поседувал и воденица на Крива Река. Во втората половина на XIX век, земјата на тој чифлиг ја купиле предците на некои денешни родови.[4]
Во 1960 година, во селото започнал да работи помал рудник „Опалска бреча“, а суровините од тој рудник со железнички превоз се носеле во Скопје.[4] Во 2022 година, на местото на поранешната железничка станица била започната изградба на нова железничка станица, како дел од проектот за обнова на пругата Куманово-Бељаковце и подоцнежно нејзино продолжување до Бугарија.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[8]
Бељаковце било големо село, но по пат на иселување станало мало село. Во 1961 година селото броело 807 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 119 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Бељаковце живееле 64 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 54 жители, од кои 25 Македонци, 23 останати и 6 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:
Ѓуревско Mаало:Ѓуревци (11 к.), Портаровци (5 к.), Николчевци (3 к.), Илијевци (2 к.), Јаневци (1 к.) и Рокинци (1 к.). Ѓуревци се најстар род во селото, додека останатите се доселени. Николчевци се доселени од селото Мургаш. Рокинци се гранка од родот Вардарци. А другите не си го знаат потеклото.
Чифлак Mаало:Кајсевци (10 к.), Дрдорковци (6 к.), Мусевци (6 к.), Ѓурковци (4 к.), Суќевци (4 к.), Барабунци (3 к.) и Ѓурчинци (3 к.). Дрдорковци се доселени од Кривопаланечко. Ѓурчинци и Суќевци потекнуваат од ист предок доселен од селото Коњух кај Кратово. Другите не си го знаат потеклото.
Mаало Качаровци:Качаровци (8 к.) и Дурмишовци (2 к.). Качаровци се доселени однекаде. Додека Дурмишовци се гранка од родот Портаровци.
Mаало Вардарци:Вардарци (7 к.) и Грблевци (4 к.), првиот род потекнува од предок доселен од некое село во Мариово. Го знаат следното родословие: Стевко (жив на 99 г. во 1972 година) Пешо-Стојан-Стеван, кој се доселил.
Mаало Шавтировци:Шавтировци (6 к.), доселени се однекаде.
Mаало Големиновци:Големиновци (7 к.), доселени се однекаде.
Mаало Неделинци:Неделинци (10 к.), доселени се однекаде.
Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Клечевце.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Клечевце, во која покрај селото Бељаковце, се наоѓале и селата Довезенце, Зубовце, Јачинце, Клечевце, Косматац, Мургаш и Новоселани. Во периодот 1950-1952 година селото влегувало во рамки на некогашната Општина Довезенце, во која влегувале селата Бељаковце, Довезенце, Јачинце и Мургаш.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1144 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватен објект.[15]
↑ 3,03,13,23,33,4Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 26.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 ноември 2022.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.