Селото се наоѓа на крајната западна страна на Општина Кратово, од левата страна на Крива Река, а чиј атар се допира со подрачјето на општината Куманово.[2] Селото е раштркано, а маалата се издигаат на надморска височина од 480 до 600 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 23 километри.[2]
Куќите на ова село се наоѓаат лево и десно од Крива Река. Лево од реката се наоѓаат маалата: Горно, Долно, Ресавско и Црноруковско. Десно од реката е маалото Кашла. Околни села се Бељаковце, Пезово, Шопско Рударе и Димонце. Помеѓу Коњух и Шопско Рударе се наоѓа длабоката долина на малата река Врлеј, притока на Крива Река. Жителите се служат со вода за пиење од извори и бунари.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Калиман, Жлеб, Градиште, Гаѓин Камен, Љољак, Коњушки Камен, Деделица, Јахер, Блага Страна, Длага Страна, Цеев Рид, Брнарски Рид, Присој, Мицев Рид, Црни Камењ, Лока, Козарачки Рид, Остри Чукар, Плакало, Русин Преслап, Црцало, Ражино Брдо, Селиште, Дрзава, Чука, Коњушки Рид и Модре Лиске.[3]
Селото има разбиен тип. Главниот дел на селото е во Горно и Долно Маало, каде се наоѓа селското училиште и најголемиот број на домаќинства. Доста помали и издвоени се маалата Ресавско, Црноруковско и Кашла.[3]
Во долниот дел на долината на Крива Река, кај денешното село Коњух, судејќи по географската местоположба, пронајдените старини и народната традиција, во минатото постоела значајна утврдена населба, која била наречена Коњух-град.[3]
Населбата се наоѓала покрај Крива Река, на нејзиниот лев брег. Денес, таму се наоѓа археолошкото наоѓалиште Големо Градиште, како што се нарекува и самата месност. Таму се наоѓаат бројни остатоци од некогашните градски бедеми, остатоци на куќи, стари гробови, големи земјени ќупови и друго. Во подножјето на градиштето се наоѓаат остатоци на камен мост преку широкото корито на немирната Крива Река. Недалеку од месноста се наоѓаат местата Манастириште и Црквиште, каде исто така има остатоци од старини.[3]
Населбата на Градиште во минатото сигурно била значајна, бидејќи се наоѓала на раскрсница на патишта и на премин преку Крива Река. Подоцна, овие патишта изгубиле важност и мештаните се иселиле. Народната традиција наведува дека се иселиле во Солун, каде имале посебно Коњушко Маало.[3]
Село Коњух
Денешното мало село потекнува од првата половина на XIX век. Било основано од доселеници од други поблиски и подалечни околни села. Први доселеници се предците на денешниот род Дандуровци, доселени од околината на Прилеп, а подоцна дошле предците на родот Ресавци, по потекло од областа Ресава во Србија.[3]
Пред крајот на турската власт, земјата во Коњух била чифчијска. Во 1912 година имало четири чифлици во сопственост на кратовски Турци: Мамуд-бег, Амет-бег, Бари-бег и Аџи Јусеин-бег.[3]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 14,1 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 658 хектари, на пасиштата отпаѓаат 602 хектари, а на шумите само 49 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци и 25 до 50 Власи.[7]
Коњух во 1961 година било средно по големина село, со 707 жители, но во 1994 година преминало во мало село, со 184 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Коњух живееле 150 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 112 жители, од кои 104 Македонци, 1 Ром и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:
Македонци:
Доселеници:Дандурци или Прилепци (6 к.), тие се најстар род во селото. Доселени се од Прилепско; Ресавци (10 к.), доселени се од областа Ресава во Србија; Коларци (3 к.), гранка се од претходниот род; Динговци (6 к.), Бунгурци (4 к.), Црноруковци (4 к.) и Миндисци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде; Дамјановци (2 к.), доселени се од селото Мечкуевци во Овче Поле; Димитријевци (2 к.) доселени се од селото Пезово после 1912 година; Петраличанци (3 к.) и Стојковци (3 к.), доселени се од селото Петралица кај Крива Паланка. Првите се доселени во 1917 година, а вторите во 1922 година; Ѓуковци (1 к.), доселени се од селото Габар кај Крива Паланка; Бантевци, Калинци, Тотевци и Динговци, живеат во маалото Кашла, каде преминале од другите маала.
Роми:Лолевци (11 к.), Падаровци (10 к.), Папевци (5 к.), Величковци (3 к.) и Кара-Јовановци (3 к.), не знаат ништо за своето потекло. Тие се православни.
Иселеништво
Од Коњух има значаен број на иселеници. Претходно мештаните се иселувале во другите кумановски села, додека во поново време иселувањата се кон градовите Куманово и Скопје.[3]
Македонски иселеници има во кумановските села: Новосељане (Коњушани, 12 к.), Димонце (Лисичарци, 2 к.), Петровец (Коњушани, 9 к.), Бељаковце (Суѓевци, 4 к. и Ѓурчинци, 3 к.), Кучкарево (Спасевски, 5 к.), Скачковце (Живачки, 4 к.) и Биљановце (Блаженоски, 1 к.).
Ромски иселеници има во селото Војник, Димонце (Коњушани, 2 к.) и гратчето Свети Николе (Чемберови, 2 к.).
Селото влегува во рамките на Општина Кратово, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Кратово.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шопско Рударе, во која покрај селото Коњух, се наоѓале и селата Вак’в, Кетеново, Секулица, Татомир, Топаловиќ и Шопско Рудари. Во периодот 1950-1952 година селото влегувало во рамки на некогашната Општина Шопско Рударе, во која влегувале селата Коњух и Шопско Рударе.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0922 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
Во близината на Коњух се пронајдени остатоци од ранохристијанска базилика во кружен облик (ротондата) од V век. Црквата се наоѓа во подножјето на карпестиот гребен каде има остатоци од стари утврдувања. Наоѓалиштето е познато под името Стар Град или Градиште. Во селото се наоѓа и коњушкиот манастир во чии рамки има црква од XIII век.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2022.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.