Тополовиќ (поретко именувано како Топаловиќ) — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.
Потекло и значење на името
За потеклото и значењето на името на селото Тополовиќ, постојат повеќе претпоставки од научните истражувачи. Една претпоставка смета дека неговото значење доаѓа од дрвото топола и означува „место обраснато со тополи“.[2]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на територијата на Општина Кратово, од левата страна на Крива Река.[3] Селото е раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 460 до 580 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 11 километри.[3]
Куќите на ова мало село се наоѓаат на благите падини на брдата помеѓу соседните села: Кетеново во североисточна насока, Вакуф во југозападна насока и Филиповци во јужна насока. Во минатото, жителите користеле вода од извори и бунари.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Големи Рид, Камбаница, Врлевица, Боровиќ, Борса, Островица 1, Островица 2, Липовиќ, Бигор, Голи Рид и други.[4]
Селото има многу разбиен тип, поделено на седум групи на куќи или маала, оддалечени едно од друго по 500 метри или повеќе. Групите куќи вообичаено припаѓаат на еден род и се нарекуваат по неговото име.[4]
Историја
Во народната традиција се чуваат спомени на т.н. „римско село“, кое се наоѓало на висорамнина покрај денешното маало Чукуровци. Таму се наоѓа селското училиште. На споменатото селиште има уште гробишта со плочи. Во близина на селиштето е и брдото Камбаница, каде се наоѓала камбана на старото село.[4]
Според оскудното знаење на мештаните, денешните села Талашманце и Тополовиќ некогаш биле едно село. Тоа село се наоѓало на понизок терен, околу устието на Кратовска Река во Крива Река. Лево од Кратовска Река се наоѓал делот на селото Тополовиќ, додека десно од нејзе се наоѓал делот на селото Талашманце. Споменатото село подоцна се раштркало, бидејќи мештаните изградиле куќи по околните брда каде имале свои трла или сточарски колиби. Оттогаш постојат две посебни села. Некои мештани, пак, ја споменуваат чумата како причина што селото се растурило.[4]
Поделбата на старото село се случило на почетокот на XIX век. Ова време е зачувано во родословот на родот Камбановци каде основачот на родот Ангел се преселил во денешното маало Камбаница.[4]
Преку селото Тополовиќ во минатото била пренесена стока во насока Велес-Крива Паланка и обратно. Од Велес, патот водел преку овчеполското село Немањици, па продолжувал кон Строиманци-Секулица-Тополовиќ-Кетеново и завршувал во Крива Паланка. Околу 1920-тите, овој пат ја изгубил својата значајност.[4]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 8,1 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 342 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 257 хектари, а на шумите 118 хектари.[3]
Пред крајот на отоманскиот период, целата земја во атарот припаѓала на кратовските Турци, најмногу на некој Рушид-бег. По ослободувањето од Турците, селаните ја купиле земјата од беговите.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]
Селото не е многу големо и е населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 308 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 68 жители.[3]
Поради лошите услови за живот, бројот на население во селото, постојано се намалува, а неговите жители се иселуваат.
Според пописот од 2002 година во Тополовиќ живееле 32 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 8 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од 1975 година, родови во селото се:
Стари родови:Качарци (9 к.), Ценовци (4 к.), Чукуровци (2 к.), Камбаничани (12 к.), Гајдорци (3 к.) и Боровичани (3 к.), предците на овие родови некогаш живееле во старото село, кое било крај Кратовска Река. Во родот Камбаничани се знае следното родословие: Ѓоре (жив на 55 г. во 1975 година) Алексо-Наце-Филип-Алексо-Анѓел, кој прешол од старото село.
Доселеници:Филиповци (2 к.), доселени се од соседното село Филиповци.
Иселеништво
Родовите Зензерци (7 к.) и Портарци заминале во соседното село Кетеново, додека родот Ценевци (3 к.) заминале во соседното село Вакуф. По 1950 година, Тополовиќ постојано опаѓа во бројот на жители. Најмногу иселеници има во градовите Куманово, Кратово и Скопје.[4]
Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Шопско Рударе, во која се наоѓале селата Вакуф, Кетеново, Коњух, Секулица, Татамир, Топаловиќ и Шопско Рударе. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Туралево, во која се наоѓале селата Живалево, Туралево, Тополовиќ и Филиповци.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0917 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.[14]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“