Селото е оддалечено 31 километар од градот Куманово. Се наоѓа во средишниот дел на општината Старо Нагоричане. Воедно, самото село е и дел од областа Козјачија, кое се наоѓа во самиот нејзин средиштен дел. Претставува планинско село од разбиен тип, а неговите маала се наоѓаат на различна надморска височина, од 750 до 810 метри.[2] Самото село е поделено на седум маала: Буковско, Каленчарско, Ресавско, Мајсторовско, Лениште, Чукар и Ќукинско. Главниот дел на селото се наоѓа во Ресавското маало.[3]
Во однос на атарот, селото се протега на 8,1 км2, од кои на пасишта припаѓаат 465 ха, обработливо земјиште 272 ха, шуми 57 ха.[2] Атарот на селото се протега преку Змијино брдо, Самарак, Колчаст камен, Луг, Бели брег или Мрамор, Бајловски дол, Бојков кладенец и Меќник. Во рамките на атарот на селото се наоѓа и Татиќев камен (1012 м.), Татин дол, Голи врв, Блатец (664 м.), Прашчар, Лениште, Чаушица, Старо село, Црквиште, Рупак, Црвени ниви и Манастириште.[3]
Села со кои се граничи Кокино се (од североисток надесно): Арбанашко, Бајловце, Жегљане. Во близина на селото извира Драгоманска Река, која претставува лева притока на Пчиња.[3]
Историја
За самата историја на селото има многу малку податоци. Сепак, одредени податоци говорат дека на местото на селото се наоѓала стара населба, чии остатоци може да се видат на месностите „Црква“ и „Манастириште“. Месноста „Црква“ се наоѓа во западниот дел на селото на потегот Рупак, каде се наоѓаат остатоци на некогашна црква, а околу нив се наоѓаат селските гробишта. Месноста „Манастириште“, пак, се наоѓа во средишниот дел на атарот на селото, кај денешното селско училиште. Самото месно население вели дека тоа било „римски манастир“. Самиото наоѓалиште бил откриен при орање на нива, при што се откриени земјени темели на ѕидови и еден саркофаг, во кој се наоѓале три черепи.[3]
По народно предание, старата населба на местото на Кокино, пропаднала и со време целосно исчезнала. Веројатно тоа се случило во текот на XVII век за време на австриско-турската војна, кога настрадале и други селски населби.[3]
Денешното Кокино било основано од жители донесени од еден кратовски бег. Жителите на селото потекнувале од разни краеви од Србија. Биле донесени од одредени Арбанаси и Турци во Куманово како заробеници по задушувањето на Караѓорѓевото востание во 1813 година и тука биле продадени. Во текот на основањето на селото на почетокот на XIX век, Кокино било село од збиен тип. Куќите се наоѓале на потегот Старо село. Околу 1860 година, жителите изградиле нови куќи на местата на трлата. Така, селото почнало да го добива својот денешен изглед и издвоените маала. На почетокот на XIX век, селото било поседувано од кратовски бег, како и другите села во источниот дел на кумановската област. Жителите на селото за тоа плаќале со злато.[3]
Стопанство
До крајот на Втората светска војна, во селото добро се развило сточарството, особено одгледувањето овци. Земјоделството било ограничено на мали површини.[3]
Население
Население во минатото
Година
Нас.
±%
1948
255
—
1953
263
+3.1%
1961
248
−5.7%
1971
178
−28.2%
1981
105
−41.0%
Година
Нас.
±%
1991
70
−33.3%
1994
59
−15.7%
2002
48
−18.6%
2021
21
−56.2%
Населението во селото бележи повеќедецениско намалување на бројот на жители. Во Кокино, во 1921 година имало 44 домаќинства со 323 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[4]
Во 1948 година, во селото имало 40 домаќинства со 255 жители. На пописот во 1961 година, селото броело 248 жители и 37 домаќинства. Веќе на пописот во 1994 година, селото броело само 59 жители, од кои 55 Македонци и 4 Срби.[2]
На спроведениот попис во Македонија во 2002 година, селото броело 48 жители. Населението било во следниов состав:[5]
Македонци: 46
Срби: 2
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, од кои 19 Македонци и 2 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Денешното население на Кокино потекнува од следниве родови во селото: Ресавци (8 к.), основачи на селото и веројатно потекнуваат од некое село во Ресава, Србија; Мајсторовци (5 к.), Доданци (3 к.) и Ѓукинци (2 к.), за кои се велело дека се „едно племе“ и со потекло од Србија. Секој род имало посебно маало. Куќата на Доданци се наоѓала во маалото Лениште, па поради биле наречени и Леништани, во родот Мајсторовци се знае следното родословие: Краљо (жив на 51 г. во 1971 година) Спиро-Алексо-Павле-Крсте, основачот на родот, тој имал четири синови Павле, Деспот, Велко и Паун, од него се овие родови; Буколовци (5 к.) доселени се после претходните родови, можно е да се и они од Србија (Горна Пчиња); Каленчарци (8 к.) и Кајсторовци (2 к.) доселени се од селото Алгуња, се доселил Младен, дедото на денешните жители.[3]
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце.
Во периодот 1952-1955, селото било исто така дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Кокино се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце.
Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Куманово.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта
Кокино — археолошко наоѓалиште и мегалитска опсерваторија
Личности
Роса Пауновска (1875 - 1971) — изведувач на народни песни
Иселеништво
Првите жители главно се иселувале во Белград и Банат, каде се претпоставува дека има околу 20 домаќинства од ова село.[3]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 март 2017.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“