Оча — река во Поречието, северозападна Македонија, една од најзначајните понорници во земјата. Тече низ природниот резерват Јасен[1], и нејзиното поречие е значајно по разновидните ендемски и други видови, и нејзиниот горен дел подлежи на особено строга заштита.[1] Преку езерото Козјак завршува во сливот на Треска, и била нејзина притока пред создавањето на акумулацијата.[2] Главниот водотек е долг 17 км.[1] Зафаќа од сливно подрачје од 75 км2, намалено од претходните 81,3 км2 пред исполнувањето на акумулацијата Козјак, која зафатила дел од коритото.[1]
Извира во западниот дел на планината Караџица, недалеку од месноста Јалоарник[3] и ги прима потоците Бурин Дол и Варен Дол како десни притоки. Се одликува со асиметрична долина, а во средниот тек тоне под земја.[2] Тече во северозападен правец, покрај падинската месност Подово, и по десниот брег ги одминува пештерите (поточно, поткапини) Црна Пеш и Веља Пеш кај Селиште во атарот на с. Тажево, каде го прима потокот Буков Дол од лева страна, а потоа минува крај пештерата Грнец од десно[3]. Оча потоа постепено се спушта на понизок терен во атарот на с. Брезница и го прима Широк Дол од десната страна. По неколку километри Оча навлегува во атарот на с. Здуње, каде во неа дотекуваат Козји Дол и Црковни Дол од левата. Последна притока ѝ е потокот Сремечки Дол во стрмнината Капина, со кој заедно ја образуваат северозападната граница на Сува Планина.
Оча се одликува слаб површински протек поради понорниот карактер (просечно само 0,4 м3/с), но затоа има забележителни наслаги и прегради од бигор кои се сметаат за природна знаменитост.[1]
Реката завршува влевајќи се во тесен залив во езерото Козјак на Треска кај археолошките наоѓалишта Градиште (Градец) и Подградец во атарот на Здуње. Овој залив е значаен како природно мрестилиште македонската пастрмка и затоа постои предлог за забрана на риболовот во него[1].
|author1=