Монетарното осамостојување на Македонија претставува процес на дефинирање на државниот суверенитет на Република Македонија во областа на монетарните финансии, вклучувајќи и создавање на национална валута.
Подготовка на процесот на монетарно осамостојување
Подготовките за спроведување на монетарното осамостојување започнуваат во најголема тајност, веднаш по прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот на Македонија. Во овој период, СФР Југославија беше зафатена од многу висока инфлација, предизвикана од упадот на Србија, Хрватска и Словенија во монетарниот систем, така што тоа делуваше како причина за што побрзо монетарно осамостојување на Македонија. Но, од друга страна, овој процес беше попречен од неколку фактори:
- присуството на ЈНА во Македонија, т.е. прашањето како би се извршувало финансиското работење на армијата во моментот на укинувањето на југословенскиот динар.
- потребата да се финансира увозот на основните производи во услови на исклучително ниски девизи резерви.
- прашањето за можната реакција на меѓународната заедница, особено главните странски кредитори.
- прашањето за можната реакција на Србија и стравот од економска блокада на Македонија.
Притоа, Народната банка на Македонија инстистирала да не се избрзува со монетарното осамостојување, т.е. тој чин да се одложи до моментот кога ќе се формираат доволно девизни резерви (според тогашните проценки, од 300 до 360 милиони долари) за набавка на основните животни производи (храна, лекови, нафта итн.). [1]
За спроведување на монетарното осамостојување, во 1991 година, Владата на Република Македонија формира Комисија за монетарен систем во состав: Никола Кљусев - претседател на Владата, Методија Тошевски - министер за финансии, Борко Станоевски - гувернер на НБМ и професорите Ксенте Богоев и Љубе Трпески.[2] На 19 декември 1991, Владата на Република Македонија носи одлука со која ја овластува Народната банка на Македонија да го организира процесот на печатење и дистрибуција на вредносни бонови како привремено платежно средство. На 7 февруари 1992 г., во трезорите на НБРМ се депонирани 27.858.696 парчиња вредносни бонови, печатени во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп. Боновите се издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици со унифициран дизајн и со различна боја. На предната страна на боновите се претставени тутуноберачи, а на задната страна е споменикот „Македониум“ во Крушево, дело на вајарот Јордан Грабул. Заради ефектите на галопирачката инфлација, подоцна се печатат и вредносни бонови со апоенска вредност од 5.000 и 10.000 единици.[3]
Монетарно осамостојување и воведување на македонскиот денар
На Велигден, 26 април 1992 година, Собранието на Република Македонија донело пакет закони со кои се поставила институционалната рамка на монетарниот систем и се воведува денарот како парична единица на Република Македонија. Денарот се дели на 100 дени, а неговиот скратен назив во платниот промет е ДЕН. Името на македонската валута - денар - е донесено на предлог на академик Петар Илиевски, како израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период. Претходно, на состаноците на Комисијата за монетарен систем биле разгледувани неколку предлози за името на македонската валута, како: македонски динар или лав.[4] На 27 април 1992 година. започнала замената на книжните југословенски динари со вредносни бонови во однос 1:1, при што замената трае три дена. Книжните пари што гласат на југословенски динари дефинитивно престануваат да важат како платежно средство во Република Македонија на 29 април 1992, додека кованите пари со апоенска вредност од 1, 2 и од 5 југословенски динари остануваат во оптек уште една година.
Напуштање на вредносните бонови и појава на вистинските пари
По пуштањето во оптек на вредносните бонови, НБРМ започнува со подготовките за издавање на првата стандардизирана емисија на македонски денари (банкноти во апоени од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари). Така, на седницата на Советот на НБРМ, одржана на 10 декември 1992, е донесена одлука за распишување конкурс за изработка на новите пари. Истовремено, формирана е жири-комисија за избор на најдобрите понуди, во состав: академик Ксенте Богоев, Љубе Трпески, Александар Никољски, Димитар Кондовски, Александар Цветковски и Томе Неновски. Во конкурсот, од авторите е побарано да достават идејни решенија за шест апоени, и тоа во две варијанти: една, со ликови од историјата на Македонија и втора, со симболи на државноста, историјата, културата, природата и општествените одлики на Македонија. На конкурсот пристигнуваат осум понуди, од кои четири не ги задоволуваат техничките и формалните барања, а понудата на Билјана Унковска (под шифрата „Дориан“) едногласно ја добива првата награда на конкурсот. Притоа, во однос на изгледот на македонските пари, НБРМ и претседателот на државата заземаат став да се прифати варијантата со симболите на македонската државност, култура и природа, со цел да се избегнат јавната полемика и реакцијата на малцинствата околу тоа кои историски личности да се стават на парите. На тој начин, останале нереализирани ликовните решенија на парите со ликовите на Гоце Делчев, браќата Миладиновци, Св. Климент Охридски итн. [5]
Првата емисија на денарите е печатена во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп, а металните пари се изработени во фабриката „Сувенир“ од Самоков. Печатењето и ковањето започнува во есента 1992 г. и трае до април 1993 г. Дизајнот на првата емисија на книжни пари е дело на графичкиот уметник Борче Николоски, а банкнотите носат ликовни решенија од македонското културно наследство (старата зграда на НБМ во Скопје, црквите св. Софија и св. Јован Канео во Охрид, црквата св. Пантелејмон во с. Нерези, Даут-пашиниот амам во Скопје, саат-кулата во Прилеп, куќата на Робевци во Охрид итн.). Дизајнот на металните пари ги изразува најзначајните претставници на биодиверзититетот во Република Македонија (охридската пастрмка, шарпланинското куче, пелистерскиот рис и дојранскиот галеб). Замената на вредносните бонови со денарски банкноти трае од 10 мај до 31 декември 1993 г. Притоа, на 7 мај 1993 г. е извршена законска деноминација на денарот со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови.
Сегашното издание на македонски банкноти е пуштено во оптек на 8 септември 1996 година и се состои од книжни пари во апоени од 10, 50, 100, 1.000 и 5.000 денари, кои се дело на ликовниот уметник Билјана Унковска. Банкнотите носат ликовни решенија кои го изразуваат богатото културно-историско наследство на Република Македонија (статуа на божицата Изида пронајдена во Охрид, детал од мозаикот на базиликата воСтоби, детал од фреска од црквата св. Ѓорѓи од с. Курбиново, таванска розета од албанска куќа од Дебар, златната маска пронајдена во с. Требениште, икона од црквата Мали св. Врачи од Охрид, бронзена фигура на Менада пронајдена во Тетово итн.).[6]
Наводи
- ↑ Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скенпоинт, Скопје, 2010, стр. 96-98.
- ↑ Љубе Трпески, „Успехот на Народна банка не падна од небо и преку ноќ“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 17.
- ↑ Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, стр. 87-109.
- ↑ Љупчо Трпески, исто, стр. 101-103.
- ↑ Љупчо Трпески, исто, стр. 106-108.
- ↑ Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, исто.
|
---|
| Историја | |
---|
| Валута, управување, регулатива | |
---|
| Сектори | |
---|
|