Земјоделство — стопанска дејност во Македонија која (заедно со шумарството и рибарството) учествува со 8,6% во вкупниот БДП на земјата (2020 година).[1] Вкупните земјоделски површини сочинуваат 1⁄2 од територијата на Македонија, при што 1⁄4 се обработливи, а 1⁄4 се пасишта или во бројки вкупната земјоделска површина изнесувала 1.271.400 хектари во просек за 2001-2005 година.[2] Во 2014 година, вредноста на откупот од вкупното земјоделско производство изнесувала над 13,7 милијарди денари или 215 милиони евра.[3]
Во 2022 година, во Македонија имало 515.000 хектари хектари обработлива површина во кои најголемо учество имале ораниците и бавчите (81%), а најмало било учеството на овоштарниците (3,3%).[4]
Во 2015 година, во Македонија се обработувало земјоделско земјиште на површина од 315 863 хектари при што најголем дел од парцелите биле мали (58,2% со големина од еден хектар). Од вкупното земјоделско земјиште, дури 75% отпаѓало на ораници, бавчи и куќни градини; ливадите учествувале со 12%; лозјата со 7%; а 5,5% отпаѓало на овоштарници.
Користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште се регулирани со Законот за земјоделско земјиште.[5]
Во текот на 7 и 6 милениум п.н.е., земјоделството прогресивно се шири од југозападна Азија во блиските региони. Неговата експанзија на запад го донесе земјоделството прво во медитеранските области со слични климатски услови на оние каде што започна, каде што исто така се одгледувал речиси истиот растителен спектар, а потоа прогресивно на север, почнувајќи од Балканот.[6]
Со археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија се детектирани остатоци од повеќе мешункасти плодови и житарици. Најголем дел од класифицираните остатоци припаѓале на култивирани растителни видови (61%), а речиси сите се остатоци од различни житни култури - гол и излупен јачмен (Hordeum vulgare), двозрна пченица (Triticum dicoccon) и еднозрна пченица (Triticum monococcum). И мешункастите растенија исто така биле документирани, но само со неколку остатоци од леќа (Lens culinaris) и грашок (Pisum sativum).[7] Резултатите покажуваат дека земјоделството имало значајна улога и веројатно бил најважниот начин за обезбедување на храна во ранонеолитската населба Влахо. Сепак, присутни биле и остатоци од диви растенија кои можеле да се собираат за конзумирање, но во многу помали количини (12%). Тие се претставени со дренот (Cornus mas) и капината (Rubus fruticosus), можеби исто така и со белата лобода (Chenopodium album). Белата лобода би можела да се собере ненамерно за време на жетвата бидејќи расте како плевел, но како што е документирано на други локалитети од раниот неолит во Пелагонија, би можела да се користи и како храна.
Животинските остатоци од Влахо упатуваат на сточарско стопанство, каде, како и на останатите неолитски локалитети во Македонија, доминираат овца и коза за сметка на што говедото и свињата се застапени во помал број.[7]
Најраното датирање со помош на радиокарбон анализите од Влахо укажуваат на континуирана окупација на просторот и седентарен начин на живот, почнувајќи од околу 6.400 год. п.н.е. Датираните остатоци од грашок и леќа се секако најстарите директно датирани единечни наоди на идентификувани остатоци од мешунки во Европа до денес.[6] За време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен во 2023 година, сериозно бил оштетен и биле уништени околу 20-30% археолошкиот локалитет Влахо.[8][9]
Производство
Производство на градинарски култури - Ниви со праз и пластеници со пипер во с. Градошорци, Струмичко
Производство на индустриски култури - Сончогледово поле во Пелагонија
Погодните почвени терени односно поставеноста на тереност и составот на почвите, благата клима и водите (заедно со вкупните годишни врнежи) овозможуваат широк дијапазон и разновиден состав на земјоделското производство според полјоделските култури и според видовите добиток.[2] Дополнително, Македонија има и изразито поволен релјеф, со котлини оградени со високи планини кои имаат огромни површини на обилни и бујни квалитетни пасишта за напасување на секаков вид крупен и ситен добиток и коишто воедно богато и обилно ги напојуваат рамнините во котлинските дна со вода од бројните водотеци, потоци, реки и топењето на снегот и истовремено ги заштитуваат од силни ветрови и воздушни влијанија, што пак нуди извонредно добри можности за развој на обемно и напредно полјоделство и сточарство, како и лозаро-овоштарство.Од поледелските култури најмногу се застапени: житните - зрнести растенија (пченица, пченка, 'рж, јачмен и овес); грозје (винова лоза); овошје; градинарски култури и др.[2] Благата клима, особено средоземната, овозможува да се одгледуваат различни тропски индустриски растенија, како на пример оризот, тутунот, сончогледот, шеќерната репка и во мали количества - памукот, афионот и сусамот.[2]
Според земјоделскиот попис спроведен од Државниот завод за статистика во сите осум региони на државата најмногу се одгледувале житните култури, Пелагонискиот и Југоисточниот дел се засеани и со индустриски култури, а Полошкиот, Југозападниот и Југоисточниот Регион со фуражни растенија. Во Југоисточниот, а по него и во Скопскиот Регион најмногу успеваат и градинарските култури.[10]Вардарскиот и Пелагонискиот се со најразновидно производство, односно во нив успеваат речиси сите земјоделски производи.[10] Високите планини во Македонија чиишто падини се покриени со густа и висока трева, како и пасиштата (ливади и утрини) во котлините се поволни за развој на сточарството од кое во Македонија се одгледуваат говеда, коњи, мазги и магариња од крупниот и овци, кози, свињи и живина од ситниот добиток, како и кошници со пчели.[2] Врз основа на застапеноста на одредени култури кои се одгледуваат и со кои најмногу се занимаваат жителите, одредени области и региони се надалеку познати и препознатливи според најчесто одгледуваните земјоделските култури како на пример Пелагонија како најголема житница, Кочанско по оризот, Прилепско по тутунот, Струмичко по пиперките и доматите односно зеленчукот, Тиквешијата или Кавадаречко и Неготинско по грозјето и лозарството, Преспа (Ресенско) по јаболката, Тетовско по гравот, Беровско и Кривопаланечко по компирот, Гостиварско, Бучин и Драчево по кромидот, Гевгелиско со Миравци и Скопско со Бардовци по зелката, Росоман по праските, Валандовско по калинките итн. Според пописот на земјоделството од 2007 година, во земјоделското производство во Македонија, учествувале 192.378 поединечни земјоделски стопанства.[11]
Анализите на целокупното земјоделско производство во поглед на увозот, извозот и задоволувањето на домашните потреби покажуваат дека градинарските производи особени домати и пиперки, но исто така и млад кромид и лук, производството на јаболка, трпезно грозје и грозјето за преработка во вино, како и јагнешкото месо, претставуваат значајно извозно ориентирани производи, а производството на тутун е целосно ориентирано за извоз и задоволување на домашната индустрија за цигари.[12] Од друга страна сите позначајни земјоделски производи како производството на пченица и пченка (и другите жита) заедно со производството на говедско, свинско и живинско месо и кравјото млеко се дефицитарни прехранбени производи за исхраната на населението во Македонија, при што некои од овие производи (жита и живинско месо) се увезуваат и до 30% и 70% од вкупните потреби иако се на линија на компаративните предности во нивното производство, а слична е состојбата и со недоволното производство на суровина за шеќерната и маслодајната индустрија со задоволување на само 20% од потребите.[12]
За период од половина век по Втората светска војна, постигнати се значајни подобрувања и зголемувања во земјоделското производство во Македонија. Имено, во периодот од 1951 до 2005 година вкупното производство во тони пораснало кај пченицата за 3,6 пати, кај пченката 2,1 пати, кај сончогледот 3,5 пати и кај тутунот 2,2 пати. Доста интересни показатели за земјодлското производство во Македонија дава и вредноста на вкупниот откуп на земјоделски производи на годишно ниво. Имено, вредноста на вкупниот откуп на земјоделски производи во Македонија во 2014 година изнесувал над 13,7 милијарди денари односно поточно 13.780.573.000 денари[3] или 215 милиони евра. Доколку се погледне оваа вредност во петгодишниот период од 2010 до 2014 година забележлив е постојаниот и голем пораст на обемот на вредноста на вкупниот откуп на земјоделски производи кој пораснал за цели 39,55% помеѓу 2010 и 2013 кога го достигнал највисокото ниво од 14.069.724.000 денари[3] или 229 милиони евра. Според податоци од 2003 година во структурата на вредноста на земјоделските производи житата учествувале со 5,5 милијарди денари или 90 милиони евра, градинарските производи со 15,3 милијарди денари или 250 милиони евра, овошјето со 7,6 милијарди денари или 124 милиони евра, сточарското производство со 12,6 милијарди денари или 205 милиони евра [13]
Земјоделска механизација и хемизација
Структура на физичкиот обем на земјоделството
Распределба на земјоделските површини по реони
За развојот на земјоделството во Македонија посебен придонес им се припишува на: механизацијата, хемизацијата, мелиорациите (зафати за сушење на блатата и мочуриштата), селектираните семиња, добриот посадочен материјал, облагородените раси на добиток, ветеринарната и друга заштита, остручувањето на кадри итн.[2] Најзначајни показатели во тој однос се бројката на трактори од земјоделските машини и употребата на вештачки ѓубрива. Во Македонија во 1951 година имало само 270 трактори, за веќе во 1990 година нивниот број да се покачи на 44 154, а во 2005 да допстигне 67.349 што е пораст за 249 пати.[2] Според податоците од пописот на земјоделството во Македонија во 2007 година земјоделските стопанства поседувале вкупно 74.641 трактори од кои 22.122 едносовински и 52.519 двоосовински и 42.335 тракторски приколки, 1.686 комбајни за жито, 4.022 машини за прибирање земјоделски производи, 9.905 машини за сеење, садење и расадување, 3.990 машини за молзење, 5.858 гроздомелачки, а 57.185 стопанства поседувале опрема за наводнување.[14] Потрошувачката на вештачки ѓубрива се зголемила од 53.447 тони во 1960 на 56.217 тони во 1984 година, а потоа опаѓа и во 2005 изнесувала 9.900 тони.[2] Според податоците од пописот на земјоделството во Македонија во 2007 година во Македонија вкупната третирана повришна со ѓубрива и заштитни средства изнесувала 134.292,96 ха со минерални ѓубрива, 30.761,15 со органски ѓубрива, 137.727,06 со хербициди, 95.203,36 со инсектициди, 48.762,77 со фунгициди, 10.237,15 со родентициди.[14] Зголемувањето на потрошувачката на минералните ѓубрива која била забележана по 1993 година не се одразила на зголемување на приносите, пред сè поради ѓубрењето со ист состав на хранливи материи кое што е нерационално.[12]
Вкупниот број земјоделски стопанства во Македонија во 2015 година изнесувал 170.885, од кои 170.581 биле поединечни земјоделци, а 304 биле правни лица. Притоа, само 10% од правните лица виле големи комбинати, со повеќе од 50 вработени. Инаку, 34,4% од земјоделските стопанства (58.014) произведувале житни култури; мешано растително-сточарско производство имале 31.179 стопанства; а 5.640 стопанства се занимавале со одгледување добиток. Малиот обем на земјоделските стопанства се изразувал и низ податокот дека, во просек, на едно стопанство отпаѓале само 0,5 трактори. Така, во 2015 година, во Македонија имало вкупно 92.708 трактори и 1.797 комбајни за жито. Во просек, во едно земјоделско стопанство биле ангажирани 2,6 лица. Дури 55% од поединечните земјоделски стопанства трошеле повеќе од половина од производството за својата потрошувачка.[15]
Поледелство
Според вкупниот обем на производството, поледелството претставува најважна земјоделска област.[2] Тоа зафаќа најголем дел од обработливите површини, ангажира бројна работна сила и голем дел од агротехничките средства и обезбедува издршка (егзистенција) на најголем дел од селското население.[2] Македонија има изразито поволен релјеф, со котлини оградени со високи планини кои богато и обилно ги напојуваат со вода од бројните водотеци, потоци, реки и топењето на снегот и истовремено ги заштитуваат од силни ветрови и воздушни влијанија, што пак нуди извонредно добри можности за развој на обемно и напредно полјоделство. За полјоделското производство, воглавно, се користата рамничарските површини кои зафаќаат 1/5 од вкупната површина на земјата (4.900 км2), а покрај нив се користата и површини по нерамни терени односно по ридишатата и планините.[2] Во својот најголем обем обработливата површина опфаќала 572.800 хектари кои речиси целосно се наоѓаат по котлините, од кои околу 2/3 од него е со ниска бонитетна вредност (класа V-VIII), а само 1/3 е со добар квалитет (класа I-IV).[2] Од вкупната обработлива површина, околу 83% се под ораници и бавчи, околу 3% под овошни насади, околу 5% отпаѓаат на лозја и околу 8% на ливади.[2]
Според податоците од пописот на земјоделството во 2007, површината на искористение ораници, бавчи и куќни градини изнесувала 190.725,88 хектари.[11] Од земјоделските производи во Македонија на прво место доаѓаат житните растенија: пченицата, јачменот, 'ржта, овесот и оризот, потоа следат индустриските култури: тутунот, сончогледот, шеќерната репка и градинарските култури.[2] Најголем дел од производството на поледелските култури служи за домашна потрошувачка, а позначајно учество во извозот имаат градинарските култури односно зеленчукот, тутунот, некои видови овошје и оризот.[2] Ораниците и бавчите, заедно со овоштарниците и лозјата, потенцијално се најинтензивниот систем за користење при што тие го претставуваат најголемиот капацитет од обработливата површина[12] Обемот на ораниците и бавчите во Македонија на крајот на 90-тите години на XX век се движел околу 540.000 хектари.[12] Во истиот период просечно годишно се засејувале околу 362.000 хектари, со што просечно биле искористувани само 67% од расположливите ораници и бавчи, додека 33% останувале угари и необработени.[12]
Според податоци од 2012 вкупната земјоделска површина во Македонија во 2011 изнесувала 1.120.213 хектари, од кои вкупната обработлива површина заземала 511.316 хектари од кои ораници и бавчи 414.829 хектари.[14] Со новите политики за поддршка на развојот на земјоделството, во последните години е забележано зголемување на земјоделските површини, што пак е јасно видливо ако се земат предвид бројките кои во 2009 година кога земјоделското земјиште изнесувало 1.014.410 хектари.[14] Општо земено, поледелското производство бележи значаен раст во периодот 1951 до 2005 година вкупното производство во тони пораснало кај пченицата за 3,6 пати, кај пченката 2,1 пати, кај сончогледот 3,5 пати и кај тутунот 2,2 пати, а истовремено во овој период овоштарството и лозарството растеле побрзо од вкупното поледелство.[2]
Градинарските култури се она што најмногу се произведува од земјоделските производи во Македонија, од што дел од домашните градинарски култури се застапени и на странските пазари.[10] Вкупното годишно производство на градинарски култури, односно зеленчук, во Македонија изнесува околу 800.000 тони.[2] Од околу 60.000 хектари годишно засадени под градинарски култури, поединечните земјоделски стопанства ангажираат односно обработуваат 50.000 хектари или над 83%.[12] Голем дел од градинарското производство, особено за ран зеленчук, се одвива во оранжериски услови под стакленици и пластеници, при што 328 хектари се во затоплувани и 4.500 хектари во незатоплувани (елементарни) простори.[2] Според статистиката во последните дваесеттина години најголем пад на производството има кај бостанот, кој често подлежи на големи промени на цените.[10] Во последните неколку години најголем обид за зголемено производство се забележува кај пиперот и кромидот, при што единствено кај производството на кромид се забележува пораст во последната година во однос на претходната.[10] Градинарското производство обезбедува свеж зеленчук кој се користи директно во исхраната на населението и како суровина на прехранбената преработувачка индустрија. Производството на градинарските култури го задоволува домашниот пазар, па добар дел од него оди и за извоз.[10] Сепак, земјоделците најмногу проблеми имаат со одредени трговци кои со увезени производи од Албанија или земји од регионот им ги уриваат цените на градинарските култури, па во тој поглед потребна е стратегија кој ќе го заштити домашното производство од нелојалната конкуренција.[10]
Според податоците од пописот на земјоделството од 2007 искористената земјишна површина на која биле засадени и се одгледувало зеленчук изнесувала 22.051,59 хектари, од кои под домати 197,66 ха, под пиперки 4.984,88, под краставици 491,54, под грав 1.879,70, под компир 5.174,99, под кромид 1.215,73, под лук 168,71, под морков 144,03 ха, под зелка 1.196,19, под лубеници 3.342,80 ха, под дињи 545,26, под јагоди 264,67 и под друг зеленчук 665,43 хектари.[11] Учеството на градинарските култури во сеидбената структура е релативно задоволителна, со оглед на пазарните услови и изградените капацитети на финализација, а исто така тоа учество е стабило и се движи од 16-17% со зафатена површина од 59.000 до 61.000 ха.[12] Иако учеството на градинарските култури поединечно во вкупните површини под градинарски култури е распоредено порамномерно отколку кај житата и индустриските култури каде што доминираат една или две култури, сепак компирот зафаќа околу една четвртина од вкупната површина под градинарски култури со релативно стабило учество, а потоа следат пиперките, доматите, бостанот и гравот.[12] Кај сите градинарски култури се јавуваат мали разлики на засадените површини по години, но со извесна тенденција на пораст се површините под домати, пиперки и грав, а со опажање е застапеноста на површините под бостан. Од градинарските производи во Македонија во периодот од 2009 до 2011 биле постигинати следните највисоки количества според култура: 204.717 тони компир во 2009 г., 47.432 тони кромид во 2010 г., 168.010 тони домат во 2010 г., 168.150 тони пиперки во 2010 г., 49.879 тони краставици во 2011 г.[14]
Градинарското производство во земјоделството во Македонија во значаен дел е и извозно ориентирано, па така според податоци на меѓународно собрани статистики за извоз, во 2018 година Македонија била на 27 место во светот според извозот на домати, а на 33-то според извозот на лубеници[16]. Според податоците собрани од претходната 2017 година Македонија извезла домати во вредност од 17,1 милион долари што е 0,2 од светскиот извоз, а извозот на лубеници достигнал 2,9 милиони или, исто така, 0,2 процента од светскиот извоз[16].
Градинарството за одгледување зеленчук за сопствени потреби е развиено буквално во сите села и области на Македонија. Најголемото градинарско оранжериско производство, под стакленици и пластеници како и воопшто на насади на отворено, за добивање на раноградинарски култури и ран и сезонски зеленчук како пиперки, домати или патлиџани, зелка, праз, лубеници и дињи најмногу е развиено и застапено под најголеми површини во: Струмичко што претставува своевидна градина или трпеза на Македонија каде виреат сите култури, а посебно пиперка, домат, бостан, но и кикиритки, долините на Повардарието од Скопско (домати „скопски јабучар“, зелен пипер „каварџик“), преку Велешко и Градско (млад кромид, зелен пипер) до Гевгелиско-валандовско (зелка, праз, домати) како и Црна Река во Пелагонија - црвен „буковски“ и зелен пипер во Битолско и ајварка и кромид во Прилепско. Производството на компир е најзастапено во ридско-планинските предели на Беровско, Кривопаланечко и велешките села на падините на Јакупица - Горно и Долно Јаболчиште. Најпознати и најраспространети сорти на градинарски растенија од кои некои се и домородни во Македонија, од пиперките се: ајварка - „куртовска капија“ најмногу во Струмичко, „каварџик“ претежно во Скопско, „сиврија“ застапена само во Велешко,[17] од доматите познати се сортите: скопски „јабучар“ и „воловско срце“ која претежно се одгледува во Охридско и Струшко, од гравот тетовски или „тетоец“, ситнозрнест „цацар“ итн.
Од севкупно засеаните површини во Македонија, учеството на житата е највисоко и тоа со повеќе од 60% од сите посеви воопшто, при што од 1995 година житните посеви бележат слаб, но постојан пораст.[12] Вообичаениот просек на учество на житатата во вкупните сеидбени површини и структурата на користење на ораниците и бавчите изнесува 63% , при што во вкупната површина под жита далеку највисоко е учеството на пченицата, а потоа на пченката, па на јачменот.[12]
Според податоци од пописот на земјоделството од 2007 година под жита во Македонија имало вкупно засеани 123.365,02 хектари, од кои под пченица - 67.105,80 ха (54,40%), под пченка - 25.517,86 ха (20,68%), под јачмен - 23.881,41 ха (19,36%), под ориз - 2.790,25 ха (2,26%) и под други жита ('рж, овес) - 4.069,70 ха (3,30%).[11] Според застапеноста пченицата, пченката и јачменот се распространети во сите краишта на целата земја при што најголема житница во Македонија е котлината Пелагонија со 18.24% од вкупните житни посеви, додека оризот е застапен во Кочанската Котлина со 91,22% од вкупните оризови посеви и долината на реката Тополка во Велешко. Житните култури посебно пченицата, пченката, 'ржта и оризот се користат во непосредната исхрана на населението и се суровина за мелничарската и пекарската индустрија за производство на брашно и леб, додека јачменот покрај ова најчесто е суровина за производство на пиво и воедно за сточна храна, посебно за овци во зимата. Од двете најзастапени жита во Македонија во 2009 година биле постигинати следните највисоките произведени (ожнеани) количества од 271.117 тони пченица и 154.237 тони пченка[14], додека во периодот од осамостојувањето во 1991 па заклучно сè до 2014 година рекордното производство кај овие две житни култури изнесувало 356.825 тони пченица во 2004 година и 160.550 тони пченка во 1999 година.[3] Сепак, покрај забележаниот последователен пад во производството и посеаните површини под жито во последните десет години, за одбележување е што од 2012 до 2014 година е забележан постојан пораст на производстовото на пченица и пченка кое кај произведената пченицата се зголемило за 17% во 2012/13 и 10% во 2013/14 при што во 2014 биле вкупно произведени 287.954 тони, додека кај произведената пченка порастот изнесувал 11,5% во 2012/13 и 4,3% во 2013/14 со вкупно произведено количество во 2014 од 139.930 тони.[3] Како што е високо учеството на житните ултури во користењето на ораниците и бавчите како одраз на релативната екстензивност, ист таков показател е и високото учество на стрни жита во вкупните површини под жита, бидејќи тие учествуваат со 80%, а со 20% учествуваат пченката и оризот како култури кои бараат повисоки вложувања и се показатели на интензивното производство.[12]
Книга за Кочанскиоториз (Стиснете на сликата за да ја отворите и читате во целост)
Во однос на приносите кај житата, тие се релативно ниски и во стагнација, при што пченицата ретко обезбедува 3.000 кг/ха, а почесто приносот е поблиску до 2.500 кг/ха со тоа што поради подобрата обработка приносите кај земјоделските претпријатија се речиси редовно нешто повисоки од тие кај поединечните земјоделски стопанства.[12] Сепак, податоците за периодот од 2012 до 2014 година покажуваат значително зголемување на вкупното производство и приносот на пченица по хектар од 214.963 т. со принос од 2.696 т/ха во 2012 на 287.954 т. со принос од 3.755 т/ха во 2014, што претставува значителен пораст од ¼ или 25,35% во произведеното количество и 28,2% во приносот по хектар.[3] Слична релација кај приносите се забележува и кај останатите три стрни жита - 'ржта, јачменот и овесот, со тоа што поубедливо земјоделските претпријатија редовно имаат повисоки приноси, а воопшто кај сите овие три вида стрни жита приносите се сосема ниски и далеку се од потенцијалните можности на сортите и природните услови на подрачјето.[12] Кај пченката приносите се уште пониски, а само еднаш во 1995 година е постигнат задоволителен принос од близу 7.000 кг/ха и тоа само кај земјоделските претпријатија кои имаат редовно повисоки приноси за 20-30% отколку кај поединечните земјоделски стопанства. Приносот на оризот е релативно задоволителен и покрај тоа што има големи осцилации по години, од 3.012 кг/ха до 5.301 кг/ха, при што кај него се јавува своевиден исклучок поради тоа што за разлика од другите житарици оризот кај поединечните земјоделски стопанства има поголем принос отколку кај земјоделските претпријатија. Средниот принос на житариците во Македонија по житна култура изнесува 2.803 кг/ха кај пченицата, 4.093 кг/ха кај пченката, 2.517 кг/ха кај јачменот итн. Познато е дека влијанието на средоземната (средоземна) клима, сушните периоди и ниската релативна влажност на воздухот во Македонија се причина за релативно ниските приноси на житата и на другите континентални култури, заради што можностите во Македонија за експанзија на овие колутир или за планирање на особено високи приноси се ограничени.[12]
Според анализираните податоци од производството на житни растенија во последните дваесетина години има скоро ист тренд на движење.[10] Она што е највпечатливо е што производството на скоро сите житни култури бележи значителен пад во 2010 година, а уште повпечатливо е падот на производството на пченица уште од 2000 година.[10] Евтиното увезено брашно од соседните земји го доведува прашањето за опстанокот на домашната мелничка индустрија заради што треба да се земе предвид загрозеноста на производството на пченица, и да се воведат мерки од надлежните иституции со кои ќе се заштити.[10] Тоа би се постигнало преку зајакнати контроли на границите, особено за квалитетот и потеклото на увезениот производ, како и воведување маркички за произведено декларирано, увезено брашно, а исто така треба повторно да се активира одлуката од 2010 и 2012 година за врзан увоз на брашно со откуп на домашна пченица кога во овие реколти трговците и мелничарите биле обврзани за секој килограм увезено брашно да купат четири килограми домашна пченица со цел да се заштити домашното производство и за поддршка на мелничко-пекарскиот сектор.[10] Вредноста на вкупниот откуп на жита во Македонија изнесувала 1.956.253.000 денари.[3]
Со погодните услови за земјоделство благодарение поволната клима, состав на почвите и географска местоположба, Македонија уште од дамнина е познат производител на индустриски култури, односно растенија кои се користат како основна суровина за преработка во индустријата, и тоа најмногу и пред сè во текстилната за производство на облека, производство на цигари, масло, шеќер, фармацевтската индустрија за лекови итн. Од индустриските култури во Македонија, традиционално најмногу се одгледува тутун, потоа сончоглед, шеќерна репка, маслодајна репка, а за разлика од големата распространетост и значење во минатото, денес се речиси целосно намалени одгледувањето на афион, памук, лен.
Според податоците од пописот на земјоделството во 2007 година, под индустриски растенија вкупно биле засеани 14.421,56 хектари од кои под тутун 12.172,99 (84%), под сончоглед 936,33 ха, под шеќерна репка 175,40, под маслодајна репка 100,82 ха, под соја 71,59, а под други индустриски растенија биле засеани 964,43 хектари. Во општата сеидбена структура на македонско земјоделство, индустриските култури имаат најсериозен пораст на површини со пораст на учеството во вкупните засеани површини од 9% на 12%, што се должи главно на порастот на површините под тутун кои само во периодот од 1995 до 1999 година се зголемиле од 11.000 на 29.000 хектари, односно од 38,5% на 69% учество во вкупните површини под индустриски култури. Со владините политики на поддршка преку субвенции, производството на тутун постојано и уште повеќе расте, па така во 2007 тој го зголемил своето вкупно учество во засеаните индустриски култури на 84%, а во 2014 иако неговото учество се намалило сепак површините под тутун се зголемиле на 17.757 ха, при што и вкупните површини под индустриски растенија се зголемиле на 22.697 хектари. Од петте најважни индустриски култури, најголеми површини ангажира тутунот, а потоа следи сончогледот. По региони најголем производител на индустриски култури е Пелагонија со особена застапеност на тутунот во Прилепско, сончогледот и шеќерната репка во Битолско, потоа следат Струмичко, Штипско со Овче Поле и долниот дел на долината на Брегалница, Повардарието од Велешко преку Тиквешко до Гевгелиско каде се одгледува доста тутун, сончоглед, маслодајна репка, афион, а на околу 30 ха во Штипско повторно се враќа и памукот.[18]
Според сублимираните податоци може да се забележи дека производството на овие култури во доцните 1980-ти имал значителни порасти и падови, но секако било поголемо од денешното производство на индустриски растенија. Најголем пад на производството се забележува кај шеќерната репка. Афионот пак, кој го отсликува периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години, денеска скоро и да не се произведува воопшто. Сосема незамисливо е во услови кога постојат голем број на текстилни компании и доволно сончеви денови во Македонија, да не се произведува памукот како основната суровина во текстилната индустрија. Производството на тутун бележи раст во 2008 година, како резултат на високите субвенции кои ги обезбедува државата. Производството на сончоглед има значителен пад уште во 2000 година, и следните 10 години го држи истото ниско ниво.
Тутунопроизводство
Производството на тутун во Република Македонија е стратешка гранка и култура, со долга и прочуена традиција и речиси целосно извозно ориентирана. Традиционално во Македонија најмногу се застапени и се одгледуваат ориентални и полуориентални ситнолисни типови на тутун кои се одликуваат и се надалеку прочуени по својата ароматичност, а исто така се застапени и типовите вирџинија, берлеј ид-р Домородно развиени сорти на тутун од Македонија се: „прилеп“ (со подвидови: џумај бала и зихна), „јака“ (со подвидови: скече и драма басма), „отља“, „тетово“ (со подвидови: скече и блави-просочан), „блатец“ итн.
Тутунопроизводството во Македонија се организира просечно (2005-2011) на 18.270,6 хектари.[19] Со производство на тутун се занимаваат околу 33.000 семејства. Производството на тутун во Република Македонија просечно се движел од 17.056 тони во 2008 година до 30.283 тони во 2010 година, или во просек 24,678,8 тони за овој период, а оствареното производство на суров тутун во периодот 2005-2011 изнесувало 24.678,8 тони.[19] Ова значи дека Република Македонија многу години наназад има стабилно производство на тутун. Тутунот 99% е наменет за извоз на странските пазари и приливот на средства за производителите е доста голем и влијае на зголемувањето на нивниот стандард, односно ги намалува социјалните случаи во реоните каде што се одгледува.[19] Региони во кои најмногу се произведува тутун се: Прилепско Поле со општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани, Могила и Крушево, Радовишко со Општина Конче во долината на реката Крива Лакавица и поголемите полски села, Струмичко со селата Водоча, Вељуса, Куклиш, Костурино, Скопско со селата Горно и Долно Количани, Морани, Студеничани, Кумановско со селата во Општина Липково, Велешко со селата по долините на реките Бабуна и Тополка во Општина Чашка.
Покрај високопланинските пасишта и утрините во котлините, сточарството се снабдува со значаен дел на прехрана на добитокот преку поледелското производство на крмни или фуражни култури. Фуражните култури имаат релативно стабилно учество по површини во сеидбената структура чиј обем се движи во границите од 36.000 до 39.000 хектари. Луцерката зазема доминантно место по зафатена површина во споредба со другите култури, што е позитивно, бидејќи таа претставува релативно најквалитетна крмна сточна храна, која може да се користи преку разни облици (зелена маса, сено, брашно).[12] Покрај луцерката и останатите површини главно се искористуваат за сенопроизводство, како што се детелината, граорот и грашокот, додека релативно мали површини се ангажирани за крмна пченка, а уште помали за добиточна репка. Крмните култури имааат релативно највисоко учество во користењето на ораничните површини кај земјоделските претпријатија со дури 40% како резултат на потребата за исхрана на добиточниот фонд и тоа главно на крупниот добиток,[12] кој во најголем го поседуваат земјоделските претпријатија, комбинати и стопанства.
Според податоците од пописот на земјоделството од 2007 година вкупната површина засеана под крмни или фуражни култури во Македонија изнесувала 21.457,50 хектари.[11] Произведените количества на крмни култури во периодот од 2010 до 2014 покажуваат пораст кај: луцерката од 124.145 (2010) на 130.768 тони (2014), детелината од 13.657 (2010) на 17.203 тони (2014) и крмната пченка од 64.870 (2010) на 90.392 тони (2014), додека опаѓање е забележано кај: граорот во сено од 7.792 (2010) на 7.448 (2014), добиточната репка од 5.754 (2010) на 3.649 тони (2014) и добиточниот грашок во сено од 5.863 (2010) на 5.582 тони (2014).[3] Трендот на производството на фуражни растенија покажува благ пораст во текот на последните дваесетина години, кој е проследен со мали краткорочни падови и порасти.[10] Најзначително место во вкупното производство зазема луцерката и крмната пченка. Иако поднебјето на Македонија дозволува големо призводство и на овој тип на растенија, сепак поради високите трошоци тоа не е толку привлечно за македонските земјоделци, па голем дел од добиточната храна се увезува.[10]
Лозарство
Лозарството претставува важна стратешка индустриска гранка во Република Македонија од областа на растителното производство која што заедно со производството на вино придонесува со околу 17%-20% од земјоделскиот бруто-домашен производ (БДП).[21] Воедно, лозарството во Македонија е една од носечките гранки во вкупното земјодлеско производство. Освен тоа, виното е на прво место во однос на извозот на алкохолни пијалаци, а е на второ место веднаш по тутунот во однос на извозната вредност на земјоделските производи. Ова придонесува за остварување висок девизен прилив на средства.[21] Од вкупните површини под лозови насади трпезните сорти на грозје учествуваат со околу 35%, а винските сорти грозје со околу 65%.[12] Автохтони сорти на грозје од Македонија се станушина и регионалните специфични сорти како вранец, кратошија, смедеревка, жилавка, жупљанка, пловдина, прокупец. Во сортиментот на трпезните сорти водечка е сортата афус али која во повеќе виногорја дава добри резултати, а застапени се и сортите кардинал, рибиер, мускат хамбург, бело зимско и мускат италија.[12] Кај винските сорти преовладуваат сорти од локално значење, а многу е мало учеството на светски докажаните и бараните сорти, при што односот на бели и црвени вински сорти е 55:45 и тој е неповолен за нашите лозарски услови. Сортите смедеревка и вранец учествуваат со околу 80% во вкупното производство на винско грозје, а во последните години поинтензивно се засадени сортите шардоне, рајнски ризлинг, совињон, мерло, каберне совињон и црн бургундец.[12]
Основното производство е сместено по течението на реката Вардар со следниве виногорја: Скопско, Велешко, Тиквешко и Гевгелиско-Валандовско виногорје кое опфаќа околу 83% од вкупното производство на грозје и вино.[21] Останати виногорја во кои се врши производство на грозје и вино со околу 17% се следниве: Струмичко-Радовишко, Овчеполско, Кочанско-Виничко, Кумановско, Кратовско, Прилепско, Битолско и Охридско виногорје.[21] Во реонот Македонија има 16 под-региони (виногорја) кои се одликуваат со различни производствени услови и различен интензитет на производство.[21] Имено, тиквешкото виногорје е област на која отпаѓа најголемиот дел од производството на грозје и вино во Македонија (околу 30%).[21] По него, следат гевгелиско-валандовкото виногорје, струмичко-радовишкото виногорје, скопското виногорје, велешкото виногорје.[21] Повеќето виногроја имаат компаративни предности за производство на црвени вина, а во нивниот сортимент повеќе се застапени сортите кои обезбедуваат суровина за производство на бели вина.[12] Белите вина од Македонија се одликуваат со слаба киселост, живост и немаат одлики на „terroir”, додека црвените вина од Македонија се воглавно со темна рубин-црвена боја, со мирис на црвено и шумско овоштие и полна структура.[21]
Според податоци од пописот на земјоделството од 2007 година во Македонија имало вкупно 62.544.703 лозови пенушки засадени на површина од 17.160,42 хектари од кои: 58.002.157 (92,74%) лозови пенушки на 15.714,30 ха (91,57%) под вински сорти и 4.542.546 (7,26%) лозови пенушки на 1.446,12 ха (8,43%) под трпезни сорти.[11] Во периодот од 2010 до 2014 забележлив е постојаниот пораст на површината под лозови насади од 20.033 на 22.726 хектари, бројот на пенушки од 78.692.000 (2010) на 85.986.000 (2014) од кои родни 76.347.000 во 2010 и 84.481.000 во 2014 со производство од 3 и 4 кг по пенушка, но и опаѓање на вкупното производство во тони 292.075 во 2013 на 195.888 во 2014,[3] што се должи на крајно лошите и неповолни временски (метеоролошки) услови во целата година и особено летото 2014 година.
Овоштарство
Овоштарството во Македонија има многу долга историска традиција, па така надалеку се познати и некои области како големи производители на дадени видови овошки како што се: Преспа (Ресенско) по јаболката, Росоман по праските чие годишно производство од околу 12.000 тони претставува 1% од светското производство,[22]Малешево и Пијанец (Беровско и Делчевско) по сливите, Охридско по црешите, Карбинци по најголемите насади на вишни итн. Производството на овошје ги задоволува потребите на населението на Македонија, па добар дел од него се извезува во странство.[10] Во 2015 година, од овоштарниците, најголем дел (44,7%) биле засадени со јаболка, а најмало учество имале кајсиите (2,2%) и бобинките (0,4%). Од вкупното земјиште, 2.632 хектари (0,51%) биле наменети за органско производство, што претставувало раст од 11,6% во споредба со 2014 година.[15].
До шеесеттите години на XX век овоштарството во Македонија било третирано на екстензивен начин и не му се посветувало многу внимание. Од шеесеттите години па сè до 1985 година е достигнат максимум во подигање на плантажни насади, при што биле подигнати 24.000 хектари насади од повеќе видови на овошје со што овоштарството заземало 3,6% од обработливите површини. Македонските производители на овошје, независно за кој вид се работи, добро ја имаат совладано технологијата на одгледување, при што преспанските јаболко-производители се обучени на светско ниво така што одредени стручњаци од западните земји кои го посетиле воој реон се многу позитивно изненадени како од начинот на одгледување така и од добиените приноси кај приватниот сектор каде производството по хектар се движи од 40.000 па и до 80.000 килограми, што исто така е случај и со праската каде од еден хектар се добиваат и светски приноси од 20-30 тони.
Според пописот на земјоделството од 2007 година во Македонија имало вкупен број на 3.279.814 стебла од јаболка застапени на 4.012,16 хектари, вкупниот број на стебла круши бил 220.929 засадени на 358,52 хектари, сливите биле застапени на вкупно 74.016 стебла на 2.013,63 хектари, црешите биле засадени на вкупно 109.660 стебла на површина 254,61 хектар, вишни имало вкупно 300.952 стебла на 407,19 хектари, кајсии имало вкупно 103.778 на површина од 184,56 хектари, праски имало вкупно 697.900 стебла на 1.039,80 хектари, додека од јаткастите плодови оревови дрвја имало вкупно 125.906 стебла на 643,65 хектари и бадеми имало 37.630 стебла на површина од 71,84 хектари.[11] Во последните дваесетина години трендот на производството на овошје е скоро ист, со краткорочни падови и порасти. Најголеми промени се забележуваат кај производството на кајсии, но главно причините за промените во производството на овошјето се должат на климатските услови и непогоди кои ги имаат зафатено во текот на годините.
Сточарството или чувањето односно одгледувањето на добиток е втората главна гранка на земјоделството, која е во заемна поврзаност со растителното производство. Поради извонредно поволните природни услови Македонија има долга историска традиција на занимавање со сточарство и тоа во крупни размери уште од најстарите древни (антички) времиња. Пасиштата на високите планини и пространите котлини со блага клима, нудат поволни услови за развој на сточарството.[23] Сточарството, во минатото и сега, не е значајно за стопанството само поради месото, туку е важно и поради млекото и млечните производи, сирењето, кашкавалот, маслото, волната и кожите.[23]
Во повоениот период па сè до денес, сточарството забележува побрз пораст од растителното производство, што се должи на фактот дека аграрната политика на државата била повеќе свртена кон сточарството, а во негови рамки особено кон финансирањето на општествениот сектор при што во земјата во времето на социјалистичкото уредување биле основани повеќе фарми, пред сè за крупен добиток каде агрономите и ветеринарите ги применувале зоотехничките мерки на организација на производството.[23] Наспроти тоа, инвестициите во поединечниот сектор биле многу мали, а знаењата и работните навики на индивитуалните селски домаќинства скромни.[23] Шталското производство било посебен проблем во развојот на сточарството бидејќи од една страна шталското одгледување на добитокот (пред сè на молзните крави) барало големи количества храна кои фармерите не можеле да ги обезбедат во земјата и покрај определениот увоз, а истовремено од друга страна овчарството не успеало да се трансформира во шталско поради што селењето на овците в озимскиоте месеци од планинските бачила во потоплите котлини речиси престанало поради што во тие месеци се вршело прекумерно колење и продажба на приплодот (јагнињата).[23] Овие причини, а и фактот што во зимскиот период и овчарството се соочувало со недостиг на храна, довеле до неповолна состојба и фондот на грлата овци битно се намалил.[23] Голем проблем во развојот на сточарството во социјалистичкото уредување била забраната забраната за чување на кози со цел да се заштити и обнови шумскиот фонд поради нивната исхрана со брстење на корите на дрвјата и грмушките, што значело целосно уништување на козарството како сточарска гранка. Со стекнувањето на независноста на Македонија во селата повторно започна одгледувањето на кози при што особено во последните години козарството е во огромен и незапирлив подем. Живинарството во Македонија забележало значителен подем во осумдесеттите и деведесеттите години на XX век (особено на кокошките несилки и бројлери), но во периодот на транзицијата дојде до повторен пад.[23]
За состојбите во сточарството во периодот по независност на Македонија податоци дава билансот на добитокот: говеда и свињи не бележи некакви позначајани промени во текот на последните дваесетина години.[10] Најголема промена се забележува кај бројот на грла овци и тоа од 2.320.000 во 1985 г. на 778.000 во 2010 година.[10] Поради тоа воведени се мерки за зголемување на бројот на грлата овци и тоа ако во 2003 година биле издвоени по 300 денари субвенција за грло овци, во 2009 и 2010 се издвојуваат по 900 денари за грло овци.[10] Кон падот на бројот на грла овци се приклучува и падот на бројот на живината, дедека бројот на пчелните семејства се забележува како константен.[10] Намалувањето на бројот на живината е најмногу поради увозот на пилешко месо од земјите од регионот кои си го штитат домашното производство со субвенции, а исто така се увезува пилешко и од земји како Бразил и Аргентина, кое се увезува замрзнато, и со многу ниски малопродажни цени.[10]
Овчарство
Овчарството во Македонија има многу долга традиција уште од древните антички времиња, а тоа било и една од носечките стопански гранки кои имале пресудно влијание за развојот трговијата, индустријата со истовремено влијаение на општествено-политичките процеси низ историјата. Овчарското производство, за разлика од говедарството, сè уште се заснова на одгледување на автохтони-домашни, а не селекциони популации, при што се среќаваат шарпланински и овчеполски соеви на овци, кај кои со извршена меринизација, се сретнува поголем број на мерино-мелези, а во поново време се вршат и генетски подобрувања со расата виртенберг.[12]
Според пописот на земјоделството од 2007 година вкупниот број на овци во Македонија изнесувал 749.341,[11] при што тој покажува постојано намалување од 778.404 во 2010 на 731.828 во 2013 и пораст на 740.457 овци во 2014 година.[3] Производството на овчо млеко во Македонија се движело од 32.157.000 литри во 2010 преку 38.616.000 литри во 2012 до 35.661.000 литри во 2014 година, при што односот на литри млеко по молзна овца изнесувал 60,79 односно 74 литри.[3] Од млекото од овците се прави надалеку познатото овчо бело сирење, од кое најпознати се шарското, корапското, галичкото, како и урда. Исто така, Македонија е еден од големите и значајни извозници на јагнешко месо на странските пазари, посебно во Италија, Хрватска, Словенија и Средна Европа за време на католичкото прославување на Велигден. Во истиот петгодишен период, производството на волна било највисоко во 2010 кога изнесувало 1.025 тони, а потоа бележи постојан пад од 975 тони во 2011, 897 тони во 2012, 841 тон волна во 2013 и 829 тони волна во 2014, при што секаде се задржал просек од 2 килограми волна истрижени по овца.[3]
Козарство
Чувањето на кози во Македонија има долга многувековна традиција, но сепак во перидот на социјалистичкото управување по Втората светска војна, државната власт донела забрана за чување на кози, со цел да се заштити шумскиот фонд кој наводно се уништувал заради нивната прехрана со брстење на корите на дрвјата и нискостеблестите грмушки. И покрај постоењето закон за забртана на чување на кози, се цени дека во минатото поединечните производители-сточари постојано одгледувале околу 100.000 кози, од кои од примитивните раси поголеми групи, а од санаската раса поединечно.[12] Со престанувањето на забраната и формираниот центар за репродукција на приплоден материјал во периодот по стекнување на независноста на Македонија, козарството доживува огромен подем и незапирлив пораст на целата територија.
Првите званични податоци за бројот на козите од Заводот за статистика датираат од 1999 година кога имало вкупен број на кози од 85.537 глави, од кои 110 во претпријатијата и 85.427 кај поединечните производители.[3] По однос на производството се цени дека годишно треба да се добива по 300-400 литри млеко и по 1,5 јариња по грло.[12] Значителен пораст од 35% се забележува веќе за 8 години кога според пописот на земјоделството во 2007 година во Македонија имало вкупно 131.066 кози.[3] За козите како главна основа се екстензивните ридско-планински пасишта (многу повеќе и од овцитер), но и тие бараат храна „од рака“ во вонвегетацискиот период.
Говедарство
Говедарството опфаќа чување на говеда за производство на производи за човечка исхрана - млеко, млечни производи, месо (телешко и јунешко), како и за употреба при извршување на земјоделските работи како орање или превоз на стока и предмети на запрежни коли, што сè уште е забележливо во некои понеразвиение и посиромашни земјоделски стопанства коишто немаат доволно средства за земјоделска механизација па користат волови и коњи. Во рамки на говедарството се одгледува крупниот добиток односно крави, волови, бикови, телиња и јунци, додека во помала мерка се одгледуваат и биволи и биволици. Според целта на одгледувањето и користењето, говедата се делат на: бикови - машки приплодни грла, волови - машки кастрирани говеда, стари преку 2 години кои се користат за работа (орање, влечење запрега), јуници се говеда од женски пол, стари преку 2 години, кои сè уште не се телеле, стелни јуници се говеда од женски пол, стари преку 2 години, од кои се очекува првиот подмладок (пород), молзни крави се крави кои се чуваат за производство на млеко.[11] Тука се вклучени и стелните крави кои моментално не се молзат. Молзните крави кои се товат по последната лактација и се наменети за колење, до моментот на Пописот, се вклучуваат во оваа категорија.[11] Други крави се женските грла говеда кои се чуваат главно за одгледување на телиња и кои не се молзат. Тука се вклучени и кравите кои по телењето се користат за работа, како и други крави наменети за колење.[11]
Говедарството е застапено насекаде ширум државата и речиси секое селско домаќинство и во рамничарските, ридските и планинските предели има по неколку говеда и крави, а особено поголем број на грла говеда има во поголемите селски стопанства во котлините Пелагонија, Скопска Котлина, Кумановско, Полог, Струмичко-радовишка Котлина каде што преку одгледување на фуражни култури може да се обезбеди и производство на сточна храна покрај напасувањето на ливадите и утрините во нив.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на говеда кои се одгледуваат во Македонија бележи стабилност на околу 250.000 глави. Имено според пописот на земјоделството во 2007 се одлгедувале 232.526 говеда,[11] а бројката во периодот од 2010 до 2014 најпрвин забележала пораст од 259.887 во 2010 на 265.299 во 2011, па опаѓање на 251.240 во 2012 и 238.333 во 2013 и пораст на 241.607 во 2014 година.[3]
Краварство
Најзначаен дел од говедарството е одгледувањето на молзни крави кои се најпродуктивни во однос на давањето на млеко и производството на млечни производи. Краварството е стратешка сточарска гранка за млечната индустрија, а неговиот развој во Македонија трпи сериозни потреси и шокови поради непостојаните и често ниски откупни цени на суровото млеко што е често проследено со негово истурање на патиштата на протестите и блокадите на сточарите. Особено голем поттик за занимвање со краварство имаше отворањето и краткото работење на шведската млекарница „Сведмилк“ во периодот 2006-2009, чиешто брзо одење во стечај (банкротирање) и затворање имаше катастрофални последици по сточарите кои покрај долговите за неисплатеното млеко биле принудени да ги продадат кравите и да ги затворат шталите. Кравите кои се одгледуваат од македонските говедари најмногу припаѓаат на благородните раси: источна-фризиска, монтафонска, сименталска и оберенталска кои се 100% застапени во земјоделските претпријатија и 23% кај поединечните стопанства, мелезите меѓу благородните раси и бушата кои се застапени со 45% кај поединечните земјоделски стопанства и само бушата која зафаќа околу 33% од говедата.[12] Облагородувањето на расниот состав тече и тоа е основата заради што се забележува зголемена млечност кај стадата на поединечните стопанства.[12] Врз вкупното производство на кравјо млеко главен печат има состојбата на поединечните стопанства по однос на бројот на приплодните крави, нивниот расен состав и соодветната исхрана и одгледување.[12]
Бројките покажуваат дека на почетокот на деведестите години на XX век во 1993 тие учествувале со 69%, а кон крајот во 1998 со 87% во вкупното производство.[12] До почетокот на XXI век, се забележувало дека и наспроти позитивниот тренд во производството на млеко, вкупниот прираст имал негативен тренд, што доаѓало главно од намалувањето на говедата кај претпријатијата (намалување на вкупниот прираст за 2 пати во 6 години),[12] што во последните години е надминато со силниот развој на млечната индустрија и гигнатите како „ЗИК Пелагонија“, „ИМБ - Битолска млекарница“, „Суташ“ (поранешен „Сведмилк“), Млекара „Здравје“ - Радово, Млекарница „Идеал Шипка“, „Осогово Милк“ и др. Според податоците од пописот на земјоделството во 2007 година во Македонија се одгледувале 107.961 молзна крава, 10.012 стелни јуници, 14.912 јуници.[11] Во периодот од 1989 до 2014 година, млекопроизводството забележува постојан и значајно голем пораст. Така, во 1989 година се произвеле 116.951.000 литри млеко со 1.357 литри по молзна крава, во 2000 година производството се покачило за 1,8 пати на 220.244.000 литри кравјо млеко и 2.434 литри по молзна крава, за во 2014 година да го достигне највисокото производство од 387.008.000 литри со 3.053 литри по молзна крава, што претставува пораст од 1,75 пати во однос на 2000 и 3,3 пати во однос на 1989 година во поглед на производството на млеко, додека во поглед на млечноста по молзна крава зголемувањето изнесува 1,25 пати во однос на 2000 и 2,25 во однос на 1989 година.[3]
Свињарство
Одгледувањето на свињи во основа исклучиво се користи за производство на месо за човекова исхрана, а во многу мал дел од свињите се обезбедува суровина за производство на други производи за домаќинството и индустријата, како сапун, опинци во минатото, козметиката итн. Во деведесеттите години на крајот на XX век, свињарските стада кај претпријатијата биле составени од благородни високопродуктивни бели раси и маторици со годишно одгледани 12-13 прасиња (поради што произведувале прочено 1200 кг прираст), а кај поединечните фарми 6-5, од кои едно се годи до околу 80 кг прираст, а другите се продаваат, при што на крајот на овој период започнало брзото развивање на современи семејни свињарски фарми со што во денешно време значително е намелена забележаната разлика.
Според податоците од пописот во 2007 година во Македонија се одгледувале 173.175 свињи од кои 13.664 маторици, 2.714 спрасни назимки и 1.628 нерези,[11] при што во 2010 година е забележан пораст на 190.552 од кои 28.279 маторици и спрасни назимки и 2011 година на 196.570 од кои 24.180 маторици и спрасни назимки, а потоа следи постојан пад на 176.920 од кои 23.534 маторици во 2012, 167.942 од кои 23.581 маторица во 2013 и 165.054 од кои 20.990 маторици и спрасни назимки во 2014 година.[3] Речиси секое македонско православно домаќинство одгледува по една свиња со неколку прасиња, а најголемите свињарски фарми се застапени во Велешко каде што свињарската фарма на агрогрупацијата „АГРИА“ од Долно Чичево вкупно одгледува 47.000 товеници што претставува 37% од вкупното производство на свинско месо во Македонија,[24] „Жи-Ва“ и др., Кумановско, Скопско, Штипско и Пелагонија.
Живинарство
Живинарството опфаќа одгледување на домашни птици во кои спаѓаат кокошките и петлите, гуски, шатки, мисирки чиешто месо и јаца се користат во човековата исхрана. Сепак, бројно најзастапено и најразвиено во живинарството е одгледувањето на кокошки - несилки. Во текот на деведесеттите години на XX век при изградени капацитети за 500 000 несилки со производство на 600 милиони јајца годишно бил забележан пад во бројот и производството.
Според пописот на земјоделството во 2007 година во Македонија се одгледувала живина во број од 1.398.064,[11] додека во периодот од 2010 до 2014 е зебележано значително зголемување на вкупниот број кој изнесувал 1.994.852 во 2010, 1.944.260 во 2011, 1.776.297 во 2012, 2.201.550 во 2013 и 1.939.879 во 2014 година.[3] Во однос на производството на јајца за периодот од 1989 до 2014 година, статистичките податоци покажуваат големи варирања и нестабилност, бидејќи бројката од 551.523.000 произведени јајца со 160 јајца по кокошка-несилка до 2003 се намалила на 283.300.000 јајца и по порастот до 340 милиони во 2004 опаднала на 248.225.000 јајца во 2014 година. Порастот на вкупниот број на живина во последниот период од 2007 до 2014 се должи на стабилизирањето и осовременувањето на повеќето нови и приватни големи живинарски фарми како „Жи-Ва“ од Велес, „Везе-Шари“ од Тетово и голем број помали во Скопско, Кумановско, Штипско. Намалувањето на бројот на живината е најмногу поради увозот на пилешко месо од земјите од регионот кои си го штитат домашното производство со субвенции.[10] Исто така, се увезува пилешко и од земји како Бразил и Аргентина, кое се увезува замрзнато, и со многу ниски малопродажни цени.[10]
Пчеларство
Пчеларството во Македонија има долга традиција за што сведочат и домородните ендемски видови на пчели како што се мариовската и др. Одлгедувањето на пчени семејства се користи најмногу за производство на мед како и на матичен млеч, прополис кои се користат во човековата исхрана, но и како суровини во прехранбената, фармацевтската и други индустрии. Врз основа на видот на пашата од која што пчелите го собираат поленот во Македонија се произведуваат различни видови на мед како што се: цветен, ливадски, боров, костенов, дабов итн. Во периодот по осамостјувањето на Македонија бројот на пчелните семејства се забележува како константен.[10]
Според податоците од пописот на земјоделството вкупниот број на пчелни семејства во 2007 година изнесувал 109.003,[11] додека потоа тој забележал значително опаѓање и во периодот од 2010 до 2014 се движел во бројките 76.052 во 2010, 65.227 во 2011, 52.897 во 2012, 68.294 во 2013 и 73.869 пчелни семејства во 2014 година.[3] За истиот период производството на мед изнесувало 825 тони со 11 кг по кошница во 2010, 1.105 тони со 17 кг по кошница во 2011, 603 тони со 11 кг по кошница во 2012, 784 тони со 12 кг по кошница во 2013 и 723 тони со принос од 10 кг по кошница во 2014 година.[3] Ваквото опаѓање делумно се должи и на неповолните временски услови во нагло процветување и измрзнување на цветовите на растенијата во пролет во последниот период.
Пчеларството е најзастапено кај поединечни производи и во многу мал дел во задруги и претпријатија како што е на пр. „Напредок“ од Скопје. Поради повoлните услови на изобилство од ливади, шуми и цвеќиња пчеларството најмногу е распространето во Кичевско - Дебрца, Мариово, планинските предели на Скопско, Велешко, Беласица во Струмичко, Витачево во Кавадаречко, планината Кожуф во Гевгелиско итн.
Удели и значење во стопанството
Земјоделството има значајно и стабилно учество во македонската економија, при што веднаш по индустријата тоа има најголемо учество во БДП кое во периодот од 1996 до 2001 година учествувало со 10,6%.[12] Во следните години учеството на земјоделството во вкупниот БДП на Македонија изнесувало 10,0% во 2002, 11,4% во 2003 и 11,3% во 2004 година, при што во периодот 2002-2004 година земјоделското производство се развивало побрзо од просекот на стопанството.[2] Меѓутоа, ако се додаде и процентот од учеството од индустријата кој изнесува 5,4% за прехранбената и тутунската индустрија, тогаш агрокомплексот во македонското стопанство добива поголемо економско значење.[12] Заклучно со 1997 година година, земјоделството покажувало негативен тренд на опаѓање.[12]
Според податоците од Заводот за статистика, во 2003 година вкупната вредност на земјоделството во Македонија учествувала со 12%, а заедно со преработувачката индустрија 18%, при што изразената вредност на производството на земјоделската гранка изнесувала 57 милијарди денари или 925 милиони евра.[13] Вкупната меѓуфазна потрошувачка на семенски материјал, енергија (гориво), ѓубрива, средства за заштита, добиточна храна и друго имала вредност од 31 милијарда денари или 500 милиони евра, а додадената нето-вредност на земјоделската гранка изнесувала 23,6 милијарди денари или 380 милиони евра.[13] Во 2020 година, земјоделството, шумарството и рибарството учествувале со 8,6% во македонскиот БДП.[25]
Во структурата на вредноста на земјоделските производи житата учествувале со 5.500.000.000 денари или 90.000.000 евра, градинарските производи со 15.300.000.000 денари или 250.000.000 евра, овошјето со 7.600.000.000 денари или 124 милиони евра, сточарското производство со 12.600.000.000 денари или 205.000.000 евра.[13] Со засилените политики за поддршка и развој на земјоделството по 2006 година, тоа бележи благ но постојан пораст и развој.
Во структурата на физичкиот обем на земјоделството доминира учеството на растителното производство, кое постојано се зголемува (од 61% во 1994 на 70% во 1999 г.), а сразмерно на тоа, учеството на физичкиот обем на сточарството во истиот период се намалува (од 39% на 30%).[12]
Во 2017 година, во создавањето на бруто-додадената вредност во земјоделството, најголем придонес имале Југоисточниот Регион (31,2%) и Пелагонискиот Регион (22,1%), а најмало било учеството на Североисточниот Регион (3,4). Во создавањето на вредноста во растителното производство, најголем придонес имал Југоисточниот Регион (39,6%).[26]
Земјоделството учествува и има големо значење и во трансакциите со машинската и хемиската индустрија во поглед на снабдувањето со земјоделски хемиски препарати за заштита и зајакнување на посевите и семенскиот материјал како и земјоделската механизација, а учествува и во сите услужни дејности, особено во трговијата, угостителството и туризмот.[12] Во македонскиот трговски биланс земјоделството до крајот на деведесеттите години на XX век учествувало со 8-21% во вкупниот извоз и 8-17% во вкупниот увоз во Македонија.[12] Во 2010 година, Република Македонија остварила дотогаш највисок пласман на земјоделско-прехранбени производи на странските пазари со реализиран извоз од 424 милиони евра.[27]
Според податоците на Државниот завод за статистика, извозот во 2010 година бил за 66 милиони евра повисок од износот на извезените земјоделски производи во 2009 година.[27] Како резултат на тоа трговскиот дефицит со земјоделско-прехранбените производи бил намален за 34 милиони евра, односно за 23,5 проценти во однос на 2009 година.[27] Во 2010 година и вкупниот обем на трговска размена изнесувал 955 милиони евра, во кои преовладувале примарните земјоделски производи со 70 проценти, потоа следат преработките со 25 отсто и рибите и производите со риби со учество од 1 до 3 отсто.[27] Најважни трговски патрнери на производите од македонското земјоделство и агрокомплекс се: Албанија, Грција, Словенија, САД, Италија (особено за извоз на јагнешко месо), Косово, Србија и Црна Гора.[12]
Табели со показатели за значењето на земјоделството во стопанството на Македонија
Значење на земјоделството во стопанството на Македонија 1994-1998
Надворешна трговија според група земјоделски производи и прерабoтки
Агрокомплексот во надворешната трговија 1994-1998
Потрошувачка на земјоделски производи
Просечни годишни стапки на раст на БДП во вкупното стопанство и во земјоделството 1953-1988 и 2002-2004
Вработеност
Вработени во земјоделството во Македонија (како % од вкупните вработени)[28]
Учеството на вработеноста во земјоделството во вкупната вработеност во Република Македонија е на високо ниво, во споредба со процентуалната застапеност на другите работни места.[10] Пред Втората светска војна со земјоделство се занимавале 87% од целокупното население на Македонија.[2]
Според учеството во БДП земјоделството во Македонија има слично значење во вработеноста и тоа заедно со прехранбената и тутунската индустрија, коишто се суровински засновани на земјоделското производство, покажува големо учество во вработеноста на населението.[12] Со мали измени низ годините, како на пример во 2001 каде учеството на вработени во земјоделството е скоро 25% од вкупната вработеност, или во 2004 каде изнесува 16%, во текот на последните десетина години просекот на учество на вработените земјоделци во вкупното вработено население е 20%.[10] Карактеристично е што иако вработувањето во земјоделството од 2009 расте, сепак и покрај државните мерки за развој на дејноста, вработеноста во последните три години е скоро на исто ниво.[10] Во 2014 година, во Македонија, во регистерот на Управата за јавни приходи биле регистрирани вкупно 164.992 земјоделци, од кои, 16.593 се регистрирале како лица на кои земјоделството им е основна дејност, додека другите 143.399 пријавиле дека земјоделството им е дополнителна дејност.[29]
Со растот на земјоделското производство раст бележат и просечните исплатени плати по вработен во земјоделството така што бруто плата по вработен во земјоделството изнесувала 20.751 денар во 2010 и 21.418 денари во 2011 година, додека просечната исплатена нето плата по вработен во земјоделството за 2010 изнесувала 14.280 денари, а во 2011 пораснала на 14.781 денар.[14]
↑ 6,06,1Amalia, Sabanov; Soteras, Raül; Hajdas, Irka; Naumov, Goce; Antolín, Ferran (2024). „New research on crop diversity of the early farmers in southeastern Europe (ca. 6400 − 5700 BCE)“. Vegetation History and Archaeobotany. 33: 63–74. doi:10.1007/s00334-023-00940-2.
↑ 15,015,1Валентина Ангеловска, „Домашните ниви ги работат 170.581 поединечен земјоделец и 304 фирми“, Дневник, година XX, број 6175, вторник, 27 септември 2016, стр. 6-7.