Котлината се дели на три дела: Струмичко, Радовишко и Дамјанско Поле. Рамничарскиот дел има должина од 200 до 500 м и зафаќа површина од 29.000 ха (290 км2). Највисоко е Дамјанското Поле, а најниско е Струмичкото.
На север, кон планината Огражден најдолниот дел од котлината се извишува. На запад котлината е поврзана со малите полиња Попчевско и Костуринско по долината на Бела и Тркајна Река. На исток Струмичко Поле се стеснува и источно од Ново Село, помеѓу Беласица и Огражден, широчината е околу 2 км, за потоа реката Струмица преку Клучната Теснина да навлезе во Петричката Котлина (Пиринска Македонија).
По целата должина во подножјето на планините се наоѓаат фосилизирани дилувијални наноси, на кои се наоѓаат повеќе села и двете града: Струмица и Радовиш.
Стопанство
Котлината дава високи приноси на раноградинарски култури благодарение на изградените системи за наводнување. Од особено значење е Струмичкото Поле, кое е мошне плодно и богато.