Куќи во селото
Ново Село (порано и Витибор) — раселено село во Општина Радовиш, во областа Радовишки Шоплук, во околината на градот Радовиш.[2]
Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Ново Село (или Дели Орман) во XVI век (1519 г.). Во подоцнежниот период се користело и името Витибор. Неговото значење е едноставно, од придавско-именскиот состав на ново и село.[3]
Селото се наоѓа во крајниот северен дел на територијата на Општина Радовиш, чиј атар се издига до сртот на планината Плачковица, каде што се допира со подрачјето на Општина Виница.[4] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.060 метри.[4] Селото се наоѓа северно од градот Радовиш.
До селото води земјен пат, кој започнува од селото Смиланци.
Атарот на селото е релативно голем и зафаќа простор од 24,3 км2.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Ново Село (Вити Бор) имало 80 жители, сите Македонци христијани.[5][6]
На почетокот на XX век мнозинството од жителите на селото потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Витибор (Vitibor) имало 88 Македонци под егзархијата.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]
Ново Село значајно нараснало во првите децении на XX век и продолжило да расте и по Втората светска војна. Меѓутоа, во 1950-тите дошло до стрмен пад на населението, кој продолжил и во следната деценија, за да се сведе на 7 жители во 1971 година а потоа и сосема да се испразни.[4]
Според пописот од 2002 година, Ново Село немало ниеден жител.[9] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Во XIX век, Ново Село било село во Радовишката каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Радовиш, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со Општина Подареш. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Радовиш.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подареш, во која покрај селото Ново Село, се наоѓале и селата Дурутлија, Јаргулица, Калуѓерица, Ораовица, Папавница, Подареш, Покрајчево, Саригон, Смиланци, Ќоселија и Худаверлија. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Смиланци, во која влегувале селата Ново Село, Смиланци и Шаинташ.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1606 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница на селото Козбунар.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[16]