Охридска пастрмка (науч. Salmo letnica) — ендемска слатководна риба што живее во Охридското Езеро, а припаѓа на семејството пастрмките. Неколку локални називи и подврсти се летница-летна форма, зимска форма во која како подврсти се струшката и охридската, а како посебна подврста е охридската пастрмка-Белвица . Максималната должина се движи од 25 до 60 см, а тежина до 15,8 кг, додека кај подврста Белвица максималната должина е околу 25 см и тежина до максимални 2 кг. Зимската подврста се мрести од декември до февруари, додека летната форма некаде околу август и претежно на Охридскиот и Албанскиот дел на езерото. Додека подврстата Белвица се мрести во периодот од Ноември до Јануари.
Подврсти
Охридската пастрмка е изразито езерски ендемичен вид риба, длабинска и реликтна риба, па се развива и живее во длабоките слоеви вода исклучиво во Охридско Езеро. Имајќи ги предвид начинот на живот и уште некои одлики, познавачите разликуваат струшка, пештанска и летна форма на овој вид риба.
Согласно новата класификација овие форми (подвидови) кои во литературата се опишувани и како „раси“ се издигнати на одделни видови, така што денес, согласно новата класификација, би требало да разликуваме неколку вида на пастрмки кои се изведени од видот Salmo letnica Karaman 1924.
Бројот и распоредот на темните и црвените пеги по телото на охридската пастрмка силно варира. Црните пеги преовладуваат по страните и над грбната линија, црвените се релативно малубројни и распоредени по должината на страничната линија.[1]
Полово незрелите единки се разликуваат од полово зрелите единки со посветла боја на телото со сребренест сјај:
Охридската пастрмка се јавува во три подвидови и тоа:
- Летница (латински: Salmo letnica Balcanicus) - се мрести на зима;
- Струшка пастрмка (латински: Salmo letnica Typicus) - се мрести на зима, а меѓу мрестењето на оваа раса и расата S.L.Baclanicus (струшка) има разлика од барем еден месец;
- Охридска белвица (латински: Salmo letnica Aestivalis) - се мрести на лето, во периодот од мај до јули;
Опис и градба
Охридската пастрмка се разликува од поточната пастрмка по сплеснатото тело, по малата глава и ѕвездестите сиви пеги по телото. Бојата на месото е кај некои бела, а кај некои розовкаста.
Навики, живеалиште, распространетост
Охридската пастрмка е ендемски вид риба на Балканот и во Европа. Таа е најблизок потомок на видовите што живееле на тоа подрачје уште од периодот на терциерот. Охридската пастрмка природно живее само во Охридското Езеро. Во другите езера во Република Македонија и водените екумулации овој вид е порибуван.
Охридската пастрмка вештачки се мрести во Хидробиолошкиот завод - Охрид и во мрестилиштето Шум во Струга. Основна цел на постоечките мрестилишта е порибување на Охридското Езеро и одржување на популацијата на охридската пастрмка во него.
Во минатото направени се повеќе обиди и охридската пастрмка е пренесена и во други водени биотопи надвор од нашата земја (власинска акумулација, неколку акумулации во САД). Во новите услови на средината охридската пастрмка исклучително успешно се одржала и покажала значително поголемо темпо на тежински и должински прираст, како и скратување на периодот на постигнување на полова зрелост, споредено со Охридското Езеро. Исто така, охридската пастрмка во експериментални услови се одгледува и во неколку салмонидни рибници во Република Македонија и покажува задоволителни резултати.[1]
Охридската пастрмка секогаш живее во Охридското Езеро. Денот го поминува во длабочините и на места што се доста оддалечени од брегот, а на површината на водата испливува навечер, кога лови муви. Понекогаш приоѓа до самиот брег, во плитките води, барајќи храна од подводните растенија.
Охридската белвица се наоѓа само во најдлабоките места на езерото и тоа до 200 метри, и се мрести на зима како поточната пастрмка. Сè почесто се лови, па се претпоставува дека ѝ се заканува истребување.
Размножување
Половата зрелост охридската пастрмка ја достигнува со навршени 4 до 5 години старост, а се мрести во зимските месеци, од декември до април, на песковитите и чакалестите делови на Охридското Езеро и во близина на сублакустричните извори обично кога достигнуваат должина од 35 - 40 см и околу 400 до 500 грама телесна тежина.
Подмладокот на охридската пастрмка се исхранува исклучиво со планктонски организми, додека постарите единки покрај планктон конзумираат и амфиподи, изоподи, инсекти и мекотели како и икра и други видови риба.[1]
Mелезите се настанати со вкрстување на поточна пастрмка и охридската пастрмка, кои по телото имаат наизменично распоредени црвени округли и сиви ѕвездести пеѓи како летницата.
Значење
Охридската пастрмка има исклучително големо значење како објект за рекреативен риболов, но многу повеќе како објект за стопански риболов. Поради својот квалитет и доминантноста во пелагијалните води на езерото, од секогаш била најинтересниот објект за стопански риболов. И покрај сите мерки за заштита, навалата за искористување на рибните ресурси на Охридското Езеро е повеќе од силна, што покажуваат и статистичките податоци за лов. Доминирањето на помали должински и тежински класи во ловините е знак дека интензитетот на риболовот е пораснат преку оптималната граница.[1]
Наводи