До 2004 година, Самоков претставувал административно седиште на истоимената општина, која ги опфаќала селата во Горно Порече.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, на просторот на левата страна на реката Треска.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри.[2]
Атарот зафаќа простор од 14,2 км2. Најзастапени се шумите на површина од 869 хектари, на пасиштата отпаѓаат 256 хектари, а на обработливото земјиште 182 хектари. Во вкупната површина влегува и просторот околу селото Ковач, кое не е заведено во катастарската евиденција и го дели атарот со Самоков.[2]
Во XIX век, Самоков било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство. За време на отоманското владеење, Самоков било административниот центар на Порече[3]. Во Самоков се наоѓал поречкиот мудур, а привремено престојувала и војска. Во тие времиња во Самоков се ковала железната руда, која се ископувала и измивала во поречките мелови[3].
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[7]
Селото е мало, без поголеми промени на бројот на населението. Така, во 1961 година имало 270 жители, а во 1994 година 292 жители и е населено само со македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Самоков имало 388 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 356 жители, од кои 331 Македонец, 6 Албанци, 1 останат и 18 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Самоков во целост е населено со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед. Како средиште кое и во минатото имало управна (административна) и стопанска важност Самоков е привлечно место за доселување поради што населението во најголем дел е сочинето од доселенички родови од околните поречки села, а со изградбата на фабриката „Сувенир“ и од други краишта на Македонија. Според истражувања од 1925 година во Самоков живееле пет куќи од родот Ушиновци и три куќи од родот Лазаровци, доселени од селото Ковач[3]. Во денешно време во Самоков живеат семејствата и родовите: Аврамоски, Ангеловски, Ванески, Видески со потекло до блиското село Косово, Златески со потекло од блиското село Ковач, Карафиловски, Јанкулоски, Огненоски и др.
Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Самоков.
Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Самоков.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Самоков, во која покрај селото Самоков се наоѓале селата Бенче, Брест, Звечан, Зркле, Инче, Ковач, Ковче, Лупште, Рамне, Старо Село и Сушица.
Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.
Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.
Многу жители на Самоков и околните села се иселени во поголемите градови во Македонија. Исто така, многу жители на Самоков и околните села за време на Втората светска војна се иселени во странство.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 31 октомври 2017.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Податоците за населеното место Ковач, согласно важечката територијална организација од 1948 година, се вклучени во податоците за населеното место Самоков.
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑ 21,021,121,221,321,421,5. Крајчески, Цуте (2017). Порече (1943 - 1945). Скопје: Државен Архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)