Селото е едно од поголемите во областа, сместено во северниот дел на територијата на Општина Карбинци, а низ него поминува патот Штип-Кочани. Се наоѓа од десната страна на реката Брегалница, а неговиот атар се допира со подрачјето на Општина Чешиново-Облешево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 300 метри. Од градот Штип е оддалечено 14 километри.[2]
Селото поседува квадратна основа со прави улици, кои се асфалтирани.
Историја
За време на работите на хидросистемот Злетовица, при ископувањата во наоѓалиштето Грнчарица, во близината на селото Крупиште, била откриена населба од раниот неолит, при што биле пронајдени предмети и керамика чија старост е проценета на околу 6000 години п.н.е. Малку подалеку бил откриен каменот на кој првата организирана човечка заедница во Македонија ги изработувала своите орудија од кремен. На тој начин, таа се смета за најстара неолитска населба на територијата на Македонија. На истото место бил откриен скелетот, кој го добил името Славе Македонски, за кого, според анализата на коските направена на Универзитетот во Глазгов, се претпоставува дека е стар 7745 години, што го прави еден од најстарите скелети во Југоисточна Европа.[3]
На локалитетот Кале се верува дека постоел градот Равен, каде Методиј бил поставен за епископ и каде е напишана глаголицата.[4]
Во завршните денови од Втората светска војна, на 14 октомври1944 година германскиот окупатор убил 49 лица од Крупиште. На тој ден биле извршени масовни убиства и во останати осум села во Штипско и Кочанско.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 8,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 425 хектари, на пасиштата отпаѓаат 391 хектар, а на шумите само 18 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото има услужни објекти, фабрички погон и земјоделска задруга.[2]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[7]
Крупиште преминало од големо во средно село по големина. Така, во 1961 година броело 828 жители, од кои 759 биле Македонци, 13 Срби, 9 Турци и 37 други, а во 1994 година 433 жители, од кои 410 биле Македонци, 15 Власи и 8 Турци.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Крупиште живееле 336 жители, од кои 313 Македонци, 12 Турци, 10 Власи и 1 останат.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 274 жители, од кои 222 Македонци, 6 Роми и 46 лица без податоци.[9]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Крупиште:
Селото влегува во рамките на Општина Карбинци, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Карбинци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Штип. Селото припаѓало на некогашната општина Штип во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Крупиште, во која покрај селото Крупиште, се наоѓале и селата Горни Балван, Горно Трогерци, Долни Балван, Пишица и Уларци. Општината Крупиште постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Гуњовци, Крупиште, Новоселани, Пишица и Уларци.
Избирачко место
Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 2316 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[10]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 февруари 2021.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.