Ова мало село се наоѓа во областа Јуруклак, во повисокиот југоисточен дел на територијата на Општина Карбинци, на северозападните ограноци на планината Плачковица.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 830 метри. Од градот Штип е оддалечено околу 18 километри.[2]
Во 2020 година, пристапниот пат до селото, кој се двоел од регионалниот пат Р2431 бил целосно асфалтиран.[3]
Атарот е мал и зафаќа простор од 5,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 314 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 48 хектари, додека површини под пасишта нема.[2]
Според Димитар Гаџанов, во 1916 година во селото живееле 52 жители, сите Турци.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Турци.[6]
Селото е сосем мало, коешто во 1961 година броело 18 жители, од кои 11 биле Турци, а пет жители Македонци, а во 1994 година бројот се намалил на 6 жители, турско население. Селото е на пат целосно да се расели.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Кепекчелија живееле 9 жители, сите Турци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 12 жители, сите Турци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Селото влегува во рамките на Општина Карбинци, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Карбинци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Штип. Селото припаѓало на некогашната општина Штип во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот од 1955 до 1957 година селото се наоѓало во рамките на тогашната општина Радање.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радање, во која покрај селото Кепекчелија, се наоѓале и селата Вртешка, Голем Габер, Ебеплија, Јунузлија, Калапетровци, Калаузлија, Кошево, Курфалија, Кучилат, Кучица, Мал Габер, Мичак, Муратлија, Никоман, Оџалија, Почивало, Прналија, Радање и Шашаварлија. Селото припаѓало на Општина Радање во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Голем Габер, Јунузлија, Калаузлија, Кепекчелија, Кучилат, Курфалија, Мал Габер, Оџалија, Радање и Таринци.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2329 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Калаузлија. Во избирачкото место се опфатени селата Јунузлија, Кепекчелија и Калаузлија.[12]