Воздушен поглед на Теранци
Теранци — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Името на селото првпат е забележано како Теранци во XVI век (1570 г.) во турски документи. За името има најразлични толкувања од каде произлегува, па така првото значење се поврзува со личното име Теран што доаѓа од основата тер- во глаголот тера со значење гони, но постои можност и да е изведено од апелативот тер со значење смола. Како последна можност се наведува видот грозје теран.[2]
Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во југоисточниот дел на територијата на Општина Чешиново-Облешево, од левата страна на реката Брегалница, а чиј атар се допира со подрачјето на општините Карбинци и Зрновци.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 340 до 400 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 10 километри.[3]
Низ селото поминува регионалниот пат 2334, кој е поврзан со регионалниот пат Кочани-Штип.
Селото е сместено во подножјето на планината Плачковица, помеѓу Кучичино на запад и Видовиште на исток. Во минатото, водата за пиење доаѓала од чешми и од бунари, а над селото имало извори Водни Дол, Солен Дол, Тодорова Чешма и Чоколад.[4] Денес, селото поседува селски водовод, ама уште постојат и неколку селски бунари и чешми. Најбогата со вода е Голема Чешма, која се наоѓа во централниот дел на селото.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Подлашко Поле, Долни и Горни Орман, Завој, Мери, Средно Поле, Тлак, Батал, Порој, Татула, Ташлак, Долна Лака, Трновица, Спас, Тодорица, Улица, Уши, Јованковец, Тополова или Ковачка Река, Овчарски Рид, Варена Глава, Криви Рид и Кукавица.[4]
Селото има збиен тип. Средишниот дел на селото е поделено на три маала: Горно, Средно и Долно. Тие се наоѓаат на една косина, додека источно и западно од нејзе се наоѓа по една долина. Зад овие долини има уште по едно маала: Мухаџирско на запад и Ѓурова Река на исток.[4] Мухаџирско Маало денес се нарекува Маџир Маало, додека Ѓурова Река понекогаш е нарекувано Спас.
Морфологијата на атарот на селото е доста сложена: јужниот дел на планината е составен од високи и стрмни ридови, испресечени со водотеци покриени со дабова и букова шума, а во понискиот дел се присутни ритчиња покриени со нискостеблеста шума наречена прнар, но и ритчиња покриени само со трева. Самото село е распослано на ридести форми, кои благо се спуштаат кон реката Брегалница, каде е најнискиот дел од селото и најголемиот дел од обработливите површини.[5]
Народниот музеј во Штип чува камен блок на кој има издлабено тракиски коњаник,[4] кој е пронајден во самото село во 1950-тите години, но без никакви информации од кое наоѓалиште.[6]
За Теранци се говори дека е старо село, колку и соседните населби Кучичино и Бурилчево. Во 1780-тите години во сите три села се појавила чума, од која многумина умреле. Тогаш, во Теранци останале 8, во Кучичино 4, а во Бурилчево само едно домаќинство.[4]
По болеста, во Теранци се населиле малоазиски Турци. Ова се случило во втората половина на XVIII век. Тогаш се вршело населување на Турци и по други села во Кочанската Котлина (во подножјето на Плачковица и во други делови). До 1912 година, бројот на Турци пораснал на околу 180 куќи. Од некогашните 8 македонски домаќинства до 1912 година останала само една куќа (Тасеви).[4]
По ослободувањето во 1912 година, започнало иселување на Турците од Теранци. Околу 30 домаќинства се иселиле истата година, додека најголемиот дел се иселиле во периодот 1923-1928. Тогаш заминале околу 120 турски домаќинства. Последно иселување се случило во периодот 1954-1959, кога се отселиле 32 турски домаќинства. Во 1960-тите години, во селото имало само три турски куќи.[4]
Попознати Турци во селото биле Шериф-ага, Раим-ага, Амет-ага, Ајрула-ага, Шукри-ага, Мемет-ефенди и други. Постарите Турци живееле во три поглавни маала: Јокари (Горно), Орта (Средно) и Ашаји (Долно) Маало. Мухаџирското маало се наоѓало западно од нив и таму имало 25 турски домаќинства населени од Бугарија во 1878 година. Во тоа маало имало и помала џамија.[4]
Турците во Теранци имале главна џамија во Средно Маало, која постоела во 1960 година,[4] но денес не постои.
Во 1924/25 година, во селото биле населени шест српски домаќинства, чии старешини биле Симо Контиќ, Симо Марковиќ, Радован Вучковиќ, Душан Павловиќ, Рајко Павловиќ и Сава Станковиќ. Само првиот бил од Србија, додека другите од Црна Гора. Биле иселени од страна на бугарската власт во 1941 година. Денес, живеат во Оџаци во Бачка.[4]
Атарот на селото зафаќа простор од 21,6 километри квадратни. На него преовладуваат шумите на површина од 963 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 614 хектари, додека на пасиштата 445 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во него имало земјоделска задруга и други услужни објекти.[3]
Во Теранци постоела земјоделско-сточарската задруга „Орач“ (првично наречена „Нов Живот“), која имала околу 72 хектари обработливи површини (30 хектари со ориз, а останатите со жито и сточна храна) и 70 крави. Земјата на оваа задруга до 1941 година припаѓала на српските колонисти.[4] Во 1960-тите години била припоена кон земјоделската задруга „Гоце Делчев“ од селото Облешево.
Покрај земјоделската задруга, во селото во минатото свои деловни единици имале и други фирми со општествен капитал. Денес, во селото се регистрирани 10 приватни стопански субјекти.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Теранци живееле 395 жители, од кои 375 Турци и 20 Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Теранци имало 32 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според Димитар Гаџанов во 1916 година во селото живееле 327 жители, од кои 307 Турци и 20 Македонци.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Теранци во 1961 година било големо село, коешто броело 883 жители, од кои 812 биле Македонци и 17 жители Турци. Во 1994 година бројот се намалил на 761 жител, од кои 755 биле Македонци, четворица Власи и двајца жители Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, селото имало 738 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 498 жители, од кои 475 Македонци, 3 Власи и 20 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Теранци:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Денес, Теранци е македонско православно село, но во минатото живееле и други народности.[4]
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
Освен бројните турски иселувања, се знае за македонскиот род Теренчани (5 к.) кои се иселиле во Горни Подлог, како и за иселувања на влашките домаќинства во 1931 година кон Романија (Унчови, 2 к.) и Дорфулија (Мечкари, 2 к. и Содови, 1 к.).[4]
Во поново време е забележано значителен пад на населението во селото.
На крајот од XIX век, Теранци било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево.
Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Зрновци, во која покрај селото Теранци, се наоѓале и селата Видовиште, Зрновци и Мородвис. Селото било дел од некогашната Општина Видовиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Видовиште, Мородвис и Теранци.
Во селото постои избирачкото место бр. 0883 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на задружниот дом.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 535 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 547 гласачи.[15]
Според истражувачот Јован Трифуноски во 1953 година била изградена црквата „Св. Богородица“ кај старите селски гробишта „над село“, но нема потврда дека оваа црква постои.
Во денешно време во селото Теранци функционираат два спортски клуба и тоа боречкиот клуб Орка-стил и фудбалскиот клуб ФК Брегалница-Теранци.