Голо Село (грчки: Ακρολίμνη, Акролимни; до 1926 г. Γκόλο Σέλο, Голо Село[2], до 1966 г. Γυμνά, Гимна[3]) — село во Ениџевардарско, Егејска Македонија, денес во општината Постол на истоимениот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 1.388 жители (2011). Сè до 1924 г. било населено со само со Македонци, кои денес се мнозиство од населението.[4]
Селото се наоѓа во источниот дел на Солунското Поле, 3 км западно од Пласничево, југозападно од Пазар (Ениџе Вардар).[4]
На крајот на XIX век Голо Село е забележано како село во Ениџевардарскатаказа. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во селото живееле 380 Македонци и 25 Роми.[5][6] Во Голо Село работела грчката пропаганда. Сите жители на селото биле под врховенството на Цариградската патријаршија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Голото Село (Goloto-Selo) имало 400 Македонци под патријаршијата.[5][7]
Селото многукратно настрадало од андартски напади. На 22 ноември 1909 г. гркоманскиот андартски капетан Гоно Јотов дал отчет за свршената работа во Ениџевардарско:
На 12.02.1906 г. го заведов предводникот на целата група во Голо Село, за да го задржам тој што ни причини толкави штети — Дионисиј Чекрели, кога го нападнавме селото. Македонците дадоа голем отпор, и затоа успеавме да го раниме само Дионисиј и да му ја изгориме куќата. Ги задржавме и другите двајца и всеавме паника не само во Голо Село, туку и во околината. За да го запра това, двајцата војводи Лука и Апостол следниот ден разбраа за нашите дејства, организираа 110 мажи и го нападнаа нашето село Ниси, при што успејаа да изгорат 27 куќи.
На 10.09.1906 г. со десет вооружени мажи го нападнав Голо Село со цел да ги задржам само Христо Камчев и Трпче Орфано, за да дознаам од нив за силите на комитите. Но тие не насетија и дадоа отпор во селото. Како последица на тоа имаше шестмина убиени и двајца ранети Македонци.
На 09.08.1907 г. со 12 мажи го нападнав Голо Село. Како последица од тоа убивме двајца, заробивме шестмина, од кои успеавме да задржиме само двајца.[8][9]
Во овој период во селото работела и бугарската пропаганда. Според податоци на кукушкиот околиски училиштен инспектор Никола Хрлев, во 1909 г. во Голото Село работело бугарско училиште.[10]
По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата 1913 г. селото броело 343 жители, кои во 1920 г. спаднале на 270.[4] Во 1913 г. грчкиот функционер Панајотис Деказос, одговорен за земјоделството при Македонското управништво го споменал Голо Село како село населено со „словенојазични елини“,[11] што секако е тенденциозна лага. Учителот Н. Антонов е ставен на распрашување од грчки војници[12].
Во 1924 г. властите присилно иселиле 53 лица во Бугарија,[4] а на нивно место доселиле 143 грчки колонисти од Кавказ. Во 1926 г. името на селото е сменето во Гимна, што е превод на македонското име (букв. „Голо“). Во 1928 г. Голо Село имало 425 жители,[4] од кои 105 лица (31 семејство) биле грчки дојденци.[13]
Во 1940 г. селото имало 738 лица кои, како и во сите околни села, продолжиле да растат во текот на следните десетлетија поради плодноста на почвата добиена од пресушувањето на блатното Ениџевардарско Езеро.[4]
Во 1966 г. селото е повторно преименувано, овојпат во Акролимни.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Селото има мошне плодна почва, потпомогната од каналската мрежа преку која се врши наводување на целото земјиште ослободено со мелиорација на блатото. Главни производи се овошјето (од големите насади со праски и јаболка), памукот и житото. Се одгледуваат и млечни крави.