Линотопи или Линотоп (грчки: Λινοτόπι, Линотопи; влашки: Linotopea или Linotopi; албански: Linatopi) — поранешно село во Костурско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Нестрам во областа Западна Македонија, Грција.
Селото се наоѓало во областа Нестрамкол, западно од Нестрам и 40 км југозападно од Костур. Лежело високо во северните пазуви на планината Грамошта во долината на Линотопска Река, притока на Бистрица.
Во османлиски дефтер од XIV век во Линитова по име се заведени 72 глави на семејствата.[1] Селото е споменато во Слепченскиот поменик од XVI век како Ленотωп. Во периодот меѓу XVI - XVIII век во Линотопи се развила голема уметничка школа.[2] Првото спомнување на мајстор од Линотопи е во зографскиот натпис во црквата „Св. Димитриј“ во селото Палатица.[2] Според документите на манастирот „Варлаам“ во Метеора од 1613 - 1614 г., меѓу дарителите се јавуваат осум имиња од Линотопи.[2] Во 1619 - 1620 г. селото влегло во состав на Рупишката каза.[2] Зографот Јон се спомнува во натписот на црквата „Св. Атанасиј“ во Рилево од 1627 г. Дарители од Линотопи се забележани во Забрдскиот кодик од 1692 година.[2] Во првата половина на XIX век во селото било отворено грчко училиште, каде предавал учител по името Јосиф во 1724 г.[2]
Во 1769 г. арнаутските банди го уништиле селото, заедно со соседните Грамошта, Ветерник, Пискохор, Лагор, Омотско и Загар.[3] Уништени се и соседните села Шипска и Николица. Жителите се иселиле во селата Влашка Блаца, Селица, Пепелишта, Нестрам, Клисура, Самарина, Трново и Кионат, како и во Битола, Охрид, Крушево, Магарево и Нижеполе.[2][3] Споменот за уништувањето на Линотопи и Николица е зачуван во влашките народни песни.[2]
Во 1812 година, по албанските прогони, во Крушево пристигнал нов бран бегалци од Линотопи.[2] Во уништеното село се населиле Албанци. Според Јон Нинеческу во 1895 г. селото било населено со 350 Власи и неколку семејства на албански муслимани.[2]
Според Николаос Схинас („Οδοιπορικαί σημειώσεις Μακεδονίας, Ηπείρου, Νέας οροθετικής γραμμής και Θεσσαλίας“) во 1886 г. Линотопи било населено со муслимани.[2] Според сознанијата на Густав Вајганд од 1889 г. селата Николица и Линотопи биле населени со неколку семејства на албански овчари.[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Линотопи имало 250 жители Албанци христијани.[4]
За време на Илинденското востание во почетокот на септември 1903 г. Линотопи било изгорено од големата чета на Васил Чакаларов.[5]
По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Според албански извори, Албанците го напуштиле селото поради зулумите на грчките банди.[6] Во 1913 г. селото било целосно напуштено.[2]
Во „Етнографија на Македонија“ издадена во 1924 година, германскиот истражувач Густав Вајганд го запишал селото како албанско на јазичната граница.[7]
Во 1928 г. Панделис Цамисис напишал дека од селото имало остатоци од 200 куќи и три цркви. Според него, жителите на Загар водат потекло од Линотопи.[2]
Родени во Линотопи
По потекло од Линотопи
|lang-hide=