Граче или Грче (дијалектно изменето од: Гратче или Градче; грчки: Πτελέα, Птелеа; до 1928 г. Γκρέντση, Гредци[2]; до 1949 г. Φτελιά, Фтелија[3]) — село во Костурско, Егејска Македонија, денес во општината Нестрам на Костурскиот округ во Западна Македонија, Грција. Населението брои 45 жители (2021), сочинето целосно од Македонци.[4]
Селото се наоѓа во областа Нестрамкол, на 17 км југозападно од градот Костур, во североисточното подножје на планината Гал'мбица по која оди границата со Албанија, на надморска височина од 825 м. Низ селото тече реката Черешново, лева притока на Бистрица, кое го дели на две маалa - Горно и Долно Грaче.[4]
Меѓу Граче и Дреничево се наоѓал древноримскиот град Ватина, кој според натпис од 193 година, играл важна улога во време на царот Адријан. Камената црква „Свети Никола“ во селото е од XI век.
Според Тодор Симовски првично селото се состоело од пет маала - Монастирец, Кљасовисо, Иљавица, Ладушица и Бела Црква, кои вкупно имале 700 куќи. Овие пет села се распаднале во времето на Али-паша Јанински во XVIII век и нивното население било преселено во Епир. По триесет години некои од жителите се вратиле и од урнатините подигнале нова населба.[4]
Во XIX век Граче било македонско село во Костурската каза на Горичкиот Санџак.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Граче имало 195 жители, сите Македонци.[5][6] Во Етнографските карти на Битолскиот Вилает од 1901 г. се вели дека Граче се состои од 26 македонски куќи.[7]
По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Граче имало 208 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6][8] Според грчки извори, во 1905 г. во Граче имало 198 жители „Грци“.[9] Според Христо Сиљанов во 1906 година селото страда од грчки андартски напади.[10]
Според Георги Константинов Бистрицки селото пред Балканската војна имало 30 македонски семејства[6][11], а според Георги Христов и 1 влашка.[12]
По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога броело 318 жители. Нивниот број во 1920 г. се намалил на 287.[4]
Боривое Милоевиќ („Јужна Македонија“) во 1921 г. напишал дека во Гроче имало 30 куќи на словени (Македонци) христијани.[4]
Во 1920-тите властите довеле грчки колонисти од Мала Азија. Во 1928 г. се евидентирани 333 луѓе, од кои 301 Македонец и 32 доселеници.[9] Во 1928 година, името на селото било променето во Фтелија (Φτελιά). Во 1949 г. е одново преименувано, овојпат во Птелеа (Πτελέα).
Селото прилично настрадало за време на Граѓанската војна - биле убиени 60 лица. Намалувањето на населението по војната се должи на емиграцијата во други градови во Грција и прекуокеанските земји.[4]
Населението произведува жито, а делумно се занимава и со сточарството.[4]
Сè до 1961 г. Долно Граче се броело како маало на Граче, кога е прогласено за одделно село. Граче отсекогаш било населено со Македонци и во тој поглед нема претрпено никакви етнички промени.[4]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Во 1918 година, селото станало самостојна општина[4]. Општината Граче била приклучена во општината Нестрам во 1997 година.
Селото припаѓа на општинската единица Нестрам со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Нестрам, во округот Костур. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Граче, во кој влегуваат и селата Долно Граче и Дреничево.
Родени во Граче
Починати во Граче