Поглед на селото
Козица — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во јужниот дел на Кичевската Котлина, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Од градот Кичево е оддалечено 13 километри.[2]
Селото се наоѓа во долината на Козичка Река, десна притока на Беличка Река. Местоположбата на селото е поволна од стопански цели. Околни села се: Свињиште, Белица и Кладник.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Смоквица, Водејнчиште, Топола, Завртај, Менин Габер, Средорек, Белајница, Белички Рид, Требејници, Лазој, Острец, Рамна, Краста, Штавејца, Средојне, Вриштица и Грамаѓе.[3]
Селото има многу збиен тип. Постојат две маала, Горно и Долно. Во маалата, родовските куќи се поблизу една со друга и се групирани.[3]
Селото Козица се наоѓа во областа Долна Копачка, по долината на Беличка Река.
Селото поседува две чешми („клајнци“) со природна минерална вода, а во атарот на селото се наоѓа и извор со природна минерална кисела вода. Во неговиот атар се наоѓаат и две пештери, а една од нив е истражувана од друштвото на истражувачи „Бистра“ од Битола. Истражуваната пештера се нарекува Динчејца.
Козица е дел од старите населби во Кичевската Котлина. Под истото име се споменува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 16 словенски христијански куќи. Меѓутоа, тоа село подоцна пропаднало.[3][4]
Денешното село било основано во слично време се околните населби, како Јудово и Брждани. Тоа се случило во втората половина на XVIII век. Се верува дека селото било основано од доселеници од раселеното село Лакаица, кое се наоѓало во долината на Беличка Река, околу 1,5 километри североисточно од денешното село (денес, тоа е месноста Селиште на селото Кладник).[3]
Околу 6-7 домаќинства од селото Лакаица се префрлиле во долината на Козичка Река и го основале селото, додека останатите заминале во селото Кладник.[3]
Во XIX век, Козица било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Во текот на Втората светска војна, селото претставувало важно средиште на народноослободителната борба.[3]
Во 1953 година во Козица случајно избил пожар. Од пожарот биле уништени 55 куќи и стопански објекти. Потоа, селото било обновено со помош од државните власти.[3]
Постарите мештани во селото велат дека селото било основано по уништувањето на старото соседно село Лакаица (во моментов археолошко одредиште од бронзено време). Легендата за ова село е дека еден овчар од селото Лакаица го пасел своето стадо на пасишта во денешното село Козица. Девојка била испратена да му однесе храна и вода на сточарот. Незнаејќи што ќе се случи, штом девојката заминала да ја однесе храната кај сточарот, селото Лакаица било запалено од тогашните поробувачи. Девојката останала кај овчарот и зачнала семејство во денешно Козица. Се хранеле со природните „блага“ и со производите од стоката.
Атарот зафаќа простор од 11,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 840 хектари, на пасиштата отпаѓаат 183 хектари, а на обработливото земјиште 72 хектари.[2]
Во селото се одгледуваат и земјоделски производи од типот на: компир, пленка, житни култури, овошје и зеленчук. Се одгледува и добиток, и тоа: коњи, кози, крави, кокошки, магариња, свињи и патки. Селото Козица е исто познато по квалитетниот природен мед.
Селскиот туризам се развива преку импровизираниот музеј во приватна куќа и меаната во селски амбиент наречена „Роден крај“ непосредно пред влезот во селото.
Според податоците од 1873 година, селото имало 31 домаќинство со 118 жители христијани (Македонци).[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Козица имало 585 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Козица имало 592 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Косица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[8]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Козица:[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Козица е мало село, кое што во 1961 година броело 221 жител, додека во 1994 година имало 164 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Козица живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 останат.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 45 жители, од кои 40 Македонци и 5 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Козица е македонско православно село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Манчевци (15 к.), Тутаковци (14 к.) и Аврамовци (8 к.), староседелци, односно доселени се од раселеното село Лакаица; Дамјановци (1 к.), доселени се од раселеното селото Требичево, кое постоело во атарот на селото Трапчин Дол; Стојчевци или Јонузовци (1 к.), доселени се од селото Слатино, Дебрца.[17]
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Брждани, во која покрај селото Козица, се наоѓале и селата Белица, Брждани, Видрани, Јудово и Свињиште.
Во селото постои избирачкото место бр. 0771 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[18]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[19] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 39 гласачи.[20]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[21]
Традиционално, во селото има прослави и собири за:
Иселеници од Козица има насекаде, но највеќе се иселени во соседна Бугарија, односно во Софија каде се проценува дека има над 40 семејства. Во Македонија највеќе се иселени во Кичево и Скопје, но и во други градови како Охрид, Битола, итн. Иселеници има и во Австралија и Белград, Србија, а исто така и во Војводина, односно во селата Јабука и Качарево.[3]