Панорамски поглед на селото
Јудово — село во областа Копачка, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Името на селото првпат е споменато како „Јудово“ во XV век.
За значењето на името има неколку мислења:[2]
Според едно предание, името Јудово го добило поради тоа што селаните од ова село некого предале, како што Јуда го предал Христос, па оттаму потекнува името на селото. Меѓутоа, има и друго предание по кое името Јудово го добило од името на селото Удово кај Дебар, од каде се претпоставува дека дошле првите доселеници во ова село.[3]
Помеѓу двете светски војни, селаните сакале да го променат името на селото и да го именуваат во нивниот основач, Ковачево. Меѓутоа, властите го предложувале името Вирово. На крај, промената не била извршена.[4]
Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во горното сливно подрачје на реката Треска, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца.[5] Селото е планинско, на надморска височина од 850 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12,5 километри.[5]
Јудово е сместено на границата помеѓу Кичевската Котлина и областа Дебрца. Се наоѓа во горниот дел на долината на Јудовска Река, а во подножјето на планината Голјак. Околни села се Брждани на исток и Турје на југозапад.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Голи Рид, Стиско, Длабоки Дол, Капиница, Јароштица, Планиница, Пепелиште, Глеждано, Црвен Камен, Преслоп, Лескоец, Јачмиште, Црвенушка, Душманица, Црков Камен, Јанкојца, Габројца, Горно Трло, Задел, Шилест Камен, Урвишта, Разбојиште, Падиње, Слоништа, Згуројца, Моројца, Виноградец, Трипинец, Голјак, Маркоа Нива, Локвишта, Барине, Крстец, Бигла и Пљешец.[4]
Селото има збиен тип. Не се дели на маала, бидејќи е мало село. Сепак постојат родовски групирања во него.[4]
Селото се наоѓа во областа Горна Копачка, на падините на планинскиот масив Голјак, распослано на бреговите на Јудовска Река. Населбата е отворена кон исток.[3]
Мештаните веруваат дека во околината постоело село Пепелиште на истоимената месност. Имало околу 20 до 30 словенско-христијански куќи. Месноста се наоѓа југозападно од денешното село, на планинска падина. Месноста е на патот за селото Турје, а над месноста се наоѓа мало планинско езеро.[4]
Јудово, исто така, се смета за едно од старите села во Кичевско. Под истото име се сретнува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 17 словенско-христијански куќи.[4]
Се верува дека селата Пепелиште и Јудово наеднаш опустеле, а останал да живее само еден селанец Новаче, кој работел како ковач во селото Мраморец, во Дебрца. Новаче дошол во денешното село Јудово, кај што основал ново село, во месноста Куќиште. Ова се случило околу 1770 година. Новаче имал пет синови. Денешните родови потекнуваат од тројца од неговите синови (Наум, Апостол и Кузман).[4]
На селиштето Пепелиште и денес може да се забележат ѕидови од куќи, воденици, стари гробови и стари овошни дрвја.[4]
Во XIX век, Јудово било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Куќите во селото честопати биле палени. При борба околу 1880 година помеѓу поречките четници и Торбешите од кичевското село Другово, селото било запалено. Потоа повторно во 1903 година за време на Илинденското востание. Повторно било запалено во 1905 година од страна на арбанашкиот арамија Зулко, кој барал пари, но селаните не му дале. Во мај 1944 година, Јудово било запалено од страна на германските војници.[4]
Атарот зафаќа простор од 8,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 528 хектари, на пасиштата отпаѓаат 225 хектари, а на обработливото земјиште 64 хектари.[5]
Во одредени делови од атарот на селото (како Кршојне) има остатоци од стари рудници. Постои рударски ров долг 9 и широк 4 метри. По Втората светска војна, тука повторно имало рудник, во кој работеле 240 работници. Рудникот работел во периодот 1951-1955 година. Во него била пронајдена железна руда.[4]
Според податоците од 1873 година, селото имало 14 домаќинства со 48 жители христијани (Македонци).[6] Селото било познато како Надово.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Јудово имало 250 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Јудово имало 240 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Јудово:[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[10]
Јудово е мало село со тенденција на раселување. Тоа во 1961 година броело 239 жители, а во 1994 година само 46 жители, македонско население.[5]
Според пописот од 2002 година, во селото Јудово живееле 27 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Јудово е македонско православно село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Блажевци (6 к.), Богдановци (10 к.). Грујовци (5 к.), Шкрлевци (6 к.) и Јаковчевци (5 к.), сите не си го знаат потеклото или мислат дека дошле од старото село.[16]
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Брждани, во која покрај селото Јудово, се наоѓале и селата Белица, Брждани, Видрани, Козица и Свињишта.
Во селото постои избирачкото место бр. 0769 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект.[17]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[18] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 23 гласачи.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[20]
Традиционално, во селото има прослави и собири за:
Од Јудово постепено се иселил голем дел од населението. Потполно се иселени родовите: Трпевци и Милошевци. Последните иселеници од Милошевци заминале за Јабука крај Панчево.[4]
Доста голем број иселеници живеат во Софија (околу 30 к.). Потоа ги има во селата Трап и Будаково во околината на Битола, Дебреште кај Прилеп (Ѓурчиноски, 3 к.), во Војводина (3 к.), во Кичево и кичевското село Другово (3 к.).[4]
|title=