Царче-Жарче — поема на македонскиот писател Велко Неделковски, издадена во 1989 година.
Напишана во стилот на народна приказна, поемата ја раскажува приказната за царчето кое изгубило апетит и за чие здравје стравуваат неговите родители, царот и царицата. Царот бара лек, готвачи кои со своите јадења ќе го поттикнат апетитот на царчето. Како што бива во народните приказни, никој од четворицата готвачи кои се јавиле за исполнување на тешката задача, не успеал да го поттикне апетитот на малиот цар. Лекот го наоѓа питачот кој молел за корка леб во царството, преправен мудрец, кој ги советувал родителите да го остават детето да биде дете, да игра и да се забавува, а не да биде царче-кукла. Кога ќе го послушаат советот на стариот мудрец, царчето не само што побарало да јаде, туку и само си зготвило јадење.[1]
Царче-Жарче претставува извонредно дело на македонскиот автор Велко Неделковски, со ритамот и римата наликува на поемите на Пушкин и е забавна приказна, сказна за родителството и растењето на децата.