Продром (понекогаш нарекувано: Стар Продром; грчки: Πρόδρομος, Продромос) — село во Берско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Гида, во Централна Македонија, Грција.
Селото се наоѓа на 20 километри североисточно од градот Бер, во непосредна близина на десниот брег на реката Бистрица, на надморска височина од 30 метри.[2]
Сместено е во областа Урумлак.
Селото уште од постаро време било населено со Грци.[2]
Во селото, главна дејност претставува земјоделството. Населението произведува големи количества памук и шеќерна репка.[2]
Во 1900 година според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Продром живееле 190 Грци христијани.[2][3] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Продром (Prodrom) живееле 190 Грци.[4]
За време на пописот во 1913 година било забележано со 373 жители. Во 1920 година во Продром имало 374, а во 1928 година 469, од кои само 18 бегалци. Во 1940 година биле попишани 649, во 1951 година 738, во 1961 година 819, во 1971 година 839, во 1981 година 895, а во 1991 година 933 жители. Зголемувањето на бројот на жителите се должело на плодните обработливи површини и на убавата местоположба на селото.[2]
Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 896 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 815 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Селото припаѓа на општинската единица Мелик со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Гида, во округот Иматија. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Продром, во кој покрај Продром влегуваат и селата Нов Продром и Киркасии.