Се верува дека името на селото потекнува по првиот жител на селото, кој се нарекувал Иван.[2]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот северен дел на Битолското Поле и во северниот дел на територијата на Општина Могила, чиј атар на тесен простор се допира со подрачјето на Општина Прилеп.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 630 метри. Од главниот пат Битола-Прилеп, селото е оддалечено 5 километри, а градот Битола е оддалечено 24 километри.[3]
Ивањевци е поголемо потпланинско село. Сместено е на допирот помеѓу подножјето од високата планинска падина на запад и рамничарскиот дел од полето, кој пространо се отвора кон исток и север. Околни села се Лознани, Подино, Долно Српци и други.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Маркова Стапалка (источно од селото каде во камен се познаваат стапалата на Крали Марко), Широк Дол, Липа, Везовица, Орлеица, Леска, Лозница, Вишна, Русалија, Бели Камења, Ровов Дол, Рупчеица, Садоање, Мрамор, Нимчеица, Шаркова Ливада, Беќирови Врби (именувано по поранешен чифлик-сајбија), Савеица, Света Петка, Шиклеица и Селиште.[4]
Селото има збиен тип и одредени делови од селото се нарекуваат по родовите, како Мартиновци, Ночевци, Паревци и слично.[4]
Од исток селскиот атар на Ивањевци е исто така заграден од соголени ридови кои се протегаат кон селата Лознани и Вашарејца, додека кон север е широко отворен кон прилепскиот дел на рамнината на Пелагонија. Ваквата положба на Ивањевци нуди одлични стопански можности.
Нивите лежат на рамното земјиште источно од селото. На запад е планинската падина под шума и пасишта. Од планинската падина на запад се спушта бистар поток кој протекува низ средината на селото. Водата за пиење се добива од бунари и од чешми.[4]
Панорамски поглед на селото Ивањевци
Историја
Во пишаните извори, селото за првпат се споменува во 1337 година, како Иваници, кога кралот Стефан Душан го приложил на манастирот Трескавец. Изгледа дека тоа е денешното село Ивањевци. Друго пишано споменување на селото – како Ивановци, се среќава во периодот меѓу 1650 и 1750 година во XVIII век.[4]
Месноста со назив Селиште лежи југозападно од Ивањевци, а на неа нема остатоци од старини. Источно од селото е месноста Света Петка, каде што на површината на земјата се воочуваат остатоци од ѕидини на манастирот кој го носел тоа име.[4]
На местото на зградата на денешото основно училиште се наоѓала црквичката „Св. Никола“ околу која имало гробови. Кога се градело училиштето сѐ било израмнето со земја.[4]
Според кажувањата Ивањевци некогаш било чисто турско село и имало 30 до 40 турски семејства. Селото имало уште и џамија која се наоѓала на местото на сегашната продавница (во 1955 г.) и муслимански гробишта. Турците од Ивањевци се иселиле во Битола и други села.[4]
Во теренските истражувања во педесеттите години на XX век, еден селанец раскажал предание: „Дедо ми кажуваше дека Турците ги утепала болеста - улера“ (колера). Додека имало Турци во Ивањевци, постојано населени Турци имало и во соседното село Долно Српци. Селаните наведуваат дека тие биле „прави Турци, како канатларчани“, т.е. Турци од селото Канатларци, односно вистински Турци кои зборувале турски, а не Македонци со исламска вероисповед како во блиското соседно село Трновци.[4]
После иселувањето на Турците, земјата во Ивањевци ја заземале некои „битолски агалари“. Тие населувале „како ортаци и момоци“ Македонци христијани од други села. Последни сопственици на чифликот се викале Аџи Мустафа, Садуш Афтар, Усеин-ефенди, Амет-ефенди и други. Сите живееле во Битола. Иселувањето на Турците од Ивањевци и доселувањето на Македонците христијани се случило во втората половина на XVIII век, пред околу 240 години. Тогаш во Ивањевци најпрвин дошле предците на денешниот род Ночевци, потоа дошле Мартиновци итн.[4]
Сепак пишаните историски документи од XIV век пред времето на доаѓањето на турските завојувачи, самото име на селото, како и староста на селската црква сведочат дека Ивањевци од дамнина уште пред 7 векови било населено со Македонци христијани.
Атарот зафаќа простор од 17 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 898 хектари, на пасиштата отпаѓаат 597 хектари, а на шумите само 98 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Населението речиси во целост се занимава со полјоделство и сточарство. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето на жита од кои најмногу пченица, а потоа јачмен и пченка. На големи површини се одгледуваат и градинарски и индустриски растенија од кои најмногу: тутун, зелка, компир, сончоглед, шеќерна репка, пиперки (зелени и ајварка), домати, боранија, грашок, кромид, лук, марула и морков. Најголем дел од земјоделските производи се продаваат во Битола и Прилеп, а помал дел и во Скопје преку трговци.
Од сточарството најзастапени се одгледувањето крупен добиток односно крави, волови и телиња од кои се добива многу млеко, кое го откупуваат двете најголеми млекарници од Битола, а од поситната стока најзастапени се овците чие млеко исто така се откупува, а јагнињата се продаваат за извоз на домашните и странските пазари. Во помала мерка е застапено и одгледувањето на свињи, кози и живина како кокошки.
Покрај убавите пасишта и ливади (утрини), за потребите на стоката преку зимата во Ивањевци се одгледуваат и фуражни култури како луцерка, граор и крмна пченка. Во селото Ивањевци работат и други стопански претпријатија и објекти како фабрички погон за метални конструкции кој се наоѓа на самиот влез во селото од левата страна, а во кој се вработени 15 работници, потоа во селото работат и пошта, амбуланта, ветеринарна клиника „ВЕТ-МАКС“, неколку продавници, ресторан-ќебапчилница „Тројца браќа“, кафулиња, аптека и друго.
Еден дел од населението на Ивањевци се занимава и со дејности надвор од селото како работа во полицијата, автопревоз, градежништво, угостителство и други услужни дејности или фабрички погони во Битола, Прилеп и Демир Хисар. Економската состојба на жителите на Ивањевци е значително подобра и повисока од онаа на населението во другите околни села, што се забележува според самата уреденост и изглед на куќите од кои некои имаат и сончеви колектори и воопшто од уреденоста, изгледот и чистината на целото село, улиците и другите објекти.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Ивановци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 21 куќи.[7]
По Првата светска војна, Ивањевци било административно седиште на истоимената општина во Битолската селска околија и имало вкупно 409 жители.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[9]
Во 1961 година, Ивањевци било големо село со 989 жители, а во 1994 година преминало во средно село по големина со 673 жители, од кои 667 Македонци и 5 жители Роми.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Ивањевци живееле 615 жители, од кои 611 Македонци, 3 Роми и 1 останат.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 492 жители, од кои 458 Македонци, 15 Роми, 6 останати и 13 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Во Ивањевци последните 3 века, па сѐ до денес живеат исклучиво православни македонски родови.[4]
Овие се македонските родови во селото: Ноачевци (13 к.), најстар род во селото, за нив се вели: „дојдени се, но никој не знае од каде“; Мартиновци (17 к.), дошле од битолското село Мојно, таму живееле тројца браќа. Еден од браќата имал два сина: Марвин и Доде. Тие пред 240 години од Мојно се преселиле во Беранци близу Српци. Таму четири години ги чувале селските говеда. Потоа преминале во Ивањевци, каде што купиле земја „од некој дебранец“. Во родот Мартиновци се знае следното родословие: (генеалогија): Видан стар на 62 години во 1955 г. - Мице-Ничо-Нешко-Мартин (се доселил неговиот татко); Џафкуровци (10 к.), дошле од Старо Подино, кое се наоѓало под планинското село Древеник; Андоновци (3 к.), се доселиле однекаде; Паревци (9 к.), се по потекло од Трновци, нивните предци се иселиле „кога во Трновци завладеале Турци“ (Македонци-муслимани). Од Трновци преминале во Свето Тодори, а потоа дошле во денешното село; Лазаровци (11 к.), и тие како и Паревци од Трновци преминале во Свето Тодори, а потоа дошле овде; Буџаковци (6 к.), со постаро потекло од Трновци. Од таму преминале во Свето Тодори, па во сегашното село. Во Свето Тодори имаат роднини (Нолевски). И тие велат: „Кога насилиле Турците (муслиманите), тогаш за нив немало живот во Трновци“. Во Ивањевци работеле „кај агалари колку за леб“; Пишмановци (8 к.), дошле во XIX век од Беранци кај Српци. Таму роднини им се Волкановци; Шекревци (6 к.), дошле во турско време од демирхисарското село Вирово; Станковци (3 к.), дошле на почетокот на XIX век од селото Свето Митрани во Крушевско; Шарковци (5 к.), Џиуновци (4 к.), Велевци (14 к.) и Кирковци (3 к.), доселени од некаде. За Кирковци се говори дека „шетале секаде како момоци и субаши“. Сугаревци (1 к.), дошле од Подино, каде што имаат истоимени роднини.
Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било административно седиште на тогашната Општина Ивањевци, во која селото Ивањевци, се наоѓале и селата Беранци, Вашарејца, Древеник, Лознани, Новоселани, Подино, Свето Тодори, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од Општина Ивањевци, во која влегувале селата Древеник, Ивањевци, Новоселани, Подино, Свето Тодори и Трновци.
ФК „Победа“ постои многу години и се натпреварува во општинската и регионалната лига. Своите натрпевари ги игра на фудбалското игралиште кое се наоѓа на самиот влез на селото од десната страна.
Собрани се податоци за овие иселеници: Плосниковци (24 к.), живеат во Дихово; Лукаревци (4 к.), живеат во Долно Српци; Ѓоревци (3 к.), живеат во Карамани; Черговци (4 к.), живеат во Могила; Сламковци (1 к.), живеат во Бучин и Ноачовци (2 к.), живеат во Бистрица.
Димовци биле стар селски род. Подоцна се „испустиле“ (се иселиле и изумреле) затоа што нашле „вакавски пари на Света Петка“. Во Ивањевци сега постои топографското име Димовска Нива.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 септември 2019.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.