Селото најпрвин запишано како Беранци се сретнува во 1468 година во турски документи. Се верува дека името потекнува од личното име Беран.[2]
Всушност, легендата вели дека прв во месноста се населил некојси Беран (или Берон) од струшкото село Вевчани, кој избегал од налетот на Турците. Тука тој создал семејство и започнал да живее.[3]
Географија и местоположба
Ова село се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на Битолското Поле, во западниот дел на територијата на Општина Могила.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 640 метри. Се наоѓа од левата страна на патот Битола-Прилеп, а од самиот град Битола е оддалечено 17 километри.[4]
Беранци е поголемо село сместено помеѓу планинската падина на Древеник на запад и рамнината Пелагонија на исток. Околни села се: Долно Српци, Вашарејца и Могила. Во селото постои чешма на сретсело, од која луѓето во минатото пиеле вода.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Долна Нива, Црна Земја, Самовилец, Висои, Голем Присој, Градиште, Стара Река, Садинки, Црквиште, Петилеб (чешма), Смрдеш, Црна (ливада) и Габа Бара.[5]
Селото е од многу збиен тип. Одредени делови од селото добиле имиња по поголемите родови, како Боевци, Пецевци, Велјановци, Љаковци и други.[5]
Историја
Во околината на Беранци се наоѓаат бројни и значајни археолошки наоѓалишта. Градиште е возвишување западно од селото. За него, мештаните велат дека е тумба со долови. На местото биле пронаоѓани стари пари, ќерамиди, големи врчви и печени тули.[5]
Месноста Висои на тромеѓето помеѓу атарите на селата Беранци, Могила и Црнобуки. Во истражување спроведено во 1954 година биле откопани стари гробови наредени во круг. Биле откопани плочи со „римско писмо“, а во внатрешноста на гробовите се наоѓале грнчиња.[5] Се претпоставува дека се работи за македонскиот древен град „Чепик“.
Од горната страна на селото се наоѓа црквиште. На месноста Црквиште, пак, се верува дека се наоѓа античка некропола.[5]
Беранци се смета за старо село. Првпат е споменато во XVII век. Сепак, тоа постоело и два века порано кога тука дошле предците на денешниот најголем род Пецевци.[5]
Во селото постои црквата „Св. Атанасиј“, изградена над селото, која е постара од манастирот. Над селото се наоѓало и манастириште, на местото на денешниот манастир „Св. Јован Крстител“.[5]
За време на турското ропство во Беранци постоеле неколку турски чифлици, чии сопственици живееле во Битола. Пред 1912 година таа земја ја купил Ѓорѓе Икономов, Грк од Битола, кој од крајот на Првата светска војна ја продал на жителите. Жителите на денешниот род Пецевци живееле на своја земја.[5]
Атарот зафаќа простор од 19 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.028,3 хектари, пасиштата заземаат 785,5 хектари, а шумите само 15 хектари.[4]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[4]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Беранци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 57 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[10]
Од Беранци се иселил голем број од населението, така што тоа преминало од големо во средно село по големина. Во 1961 година селото броело 1.127 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 478 жители, македонско население.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Беранци живееле 445 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 339 жители, од кои 327 Македонци, 1 Албанец, 1 Влав, 1 останат и 9 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Беранци е македонско православно село, во селото има еден староседелски род, а другите родови во селото се доселенички.[5]
Родови во Беранци се:
Староседелци: Ралевци (4 к.), за нив се вели дека во Беранци живеат од век и превек.
Доселенички: Пецевци (46 к.), потекнуваат од предокот Пеце кој се доселил од Дебарско во ХVIII век, го знаат следното родословие: Ѓоргија (жив на 72 г. во 1956 година) Никола-Павле-Петре-?-Пеце кој се доселил во селото; Поповци (3 к.), гранка од родот Пецевци; Бојовци (18 к.), доселени се од некое село во Мариово; Николовци (4 к.), гранка се од родот Бојовци; Вељановци (8 к.) доселени се од соседното село Долно Српци; Јазевци (5 к.), доселени се од некое село во Мариово; Гајдовци (1 к.) гранка се од родот Јазевци; Гарговци (4 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде, кој влегол во родот Пецевци; Љаковци (5 к.), Кумбуловци (2 к.), Бочваровци (2 к.) и Ѓаковци (2 к.), доселени се однекаде; Рушкиќ (1 к.), родот го основал џандар кој дошол од Неготин во Србија, во 1919 година и Дамјановци (1 к.), доселени се од селото Вирово, Железник во 1955 година.
Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кукуречани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Беранци, се наоѓале и селата Вашарејца, Древеник, Ивањевци, Лознани, Новоселани, Подино, Свето Тодори, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Српци, во која влегувале селата Беранци, Вашарејца, Лознани и Српци.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0189 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]
Водичарки — уникатен обичај, спој на христијанството и народните обичаи. Настанот се одржува на празникот Водици. Водичарки се женска група, облечени во традицијална носија, составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, а групата ја предводи главната водичарка. Вообичаено, во групата има и две момчиња.
Личности
Родени во Беранци
Веле Мачкаров — битолски селски војвода на ВМРО, участвувал во одбраната на Крушевската Република во одредот на Питу Гули[22]
Се знае за следните иселени родови од селото: Каровци (12 к.) во Драгожани; Пишмановци (8 к.) во Ивањевци; Зајковци (6 к.), Миновци (3 к.) и Велјанчевци (2 к.) во Долно Српци; Љаковци (4 к.) и Јазевци (4 к.) во Могила; Ковачевци (2 к.) во Добромири и Нечовци (1 к.) во Кравари.[5]
Од ова село има иселено над 1.000 лица. Најголем дел од нив се имаат иселено во градовите Битола, Прилеп и Скопје, но и во прекуокеанските земји и во Европа.[3]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 ноември 2019.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 101 - 102.