Според пописот од 2002 година, селото имало население од 163 жители[2], со што селото се вбројува во мали села во областа на Конче и Радовиш.[3]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Конче и во близина на селото е Долни Липовиќ. Сместено е на југозападната падина на планината Смрдешник во горното сливно подрачје на реката Крива Лакавица[4]. Според верувањата и кажувањата на мештаните во самото село Горни Липовиќ, кај селската воденица се наоѓа изворот на реката Крива Лакавица[5], иако нејзиното течение всушност настанува кај селото Долни Липовиќ со спојувањето на трите изворишни челенки - потоците Стругарница, Царевец и Липовичка Река која всушност извира и минува низ воденицата во Горни Липовиќ.
Селото е ридско, расположено на надморска височина од 740 метри[4]. Од општинското средиште Конче е оддалечено 13 километри, а од градот Радовиш е оддалечено 25 километри, со кои е поврзано со асфалтен пат. Постои шумски пат кој го поврзува селото со Општина Струмица.[6]. Атарот, чии граници се допираат до Општина Василево во Струмичко, зафаќа простор од 18 км2, на кои пореовладуваат шумите на површина од 1106,8 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 298,6 ха, а на пасиштата 182,3 ха[4].
Историја
Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, кои се однесуваат на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот санџак, се запишани две села со имињата Липовик кое било дервен-џиско и Стар Липовик кое било тимар на некојси Јусуф[7]. За селото Липовик е запишано дека тоа билодервен на патот што води од Струмица за Солун при што секој човек имал обврска да дава давачка-испенџе по 10 акчиња, жените по еден денк (половина товар) пченица и еден денк јачмен, а од сите вонредни давачки и обичајни оптоварувања како давање веслари, јаничари итн. биле ослободени во замена за што требало да чуваат и да обезбедуваат да не дојде до шетета на ничиј имот и живот[7], односно да ја вршат дервенџиската должност за обезбедување на сигурноста на патниците по патот. И двете села биле населени со чисто христијанскомакедонско население, при што Липовик имало 50 христијански македонски семејства кои произведувале пченица и мешано жито по 25 товари, вино, чувале свињи и имало една воденица на некојси Петко Стојко за што се остварувало приход од 2780 акчиња, додека во селото Стар Липовиќ живееле 16 христијански македонски семејства кои произведувале пченица до 17 товари, мешано жито до 19 товари, уров, леќа, сено, градинарски култури, праз, чувале свињи и пчели во улишта и кошници и правеле вино за што се остварувало севкупен приход од 1884 акчиња[7].
На основа на овие записи кои секако се однесуваат на селата Горни и Долни Липовиќ е тешко да се одреди и претпостави на кое точно се однесуваат соосветните Липовик и Стар Липовик. Врз основа на местоположбата како дервен - теснина, клисура или превој низ кој минува пат, може да се претпостави дека дервенџиското Липовик се однесува на Горни Липовиќ низ кој и денес постои (шумски) пат кој преку месноста Скрки во која некогаш имало куќи[5], води кон Струмица. Месноста Скрки во која и денес повторно се градат (викенд) куќи е на границата, но повеќе припаѓа под Струмичко, а според предание жителите сметаат дека некогаш во дамнина селото Горни Липовиќ се наоѓало на тоа место[5]. На основа на ова предание меѓу мештаните и записите од средновековните турски дефтери може да се претпостави дека дервенџиското село Липовик се однесува на Горни Липовиќ. Но, доколку се увиди фактот дека селото Стар Липовиќ е запишано како помалубројно по бројот на семејства, може да се претпостави дека тоа се наоѓало погоре во планината, како што е впрочем чест случај постарите села и населби да се наоѓаат на повисоко ридско-планинско земјиште од каде слегувале жители и ги основале новите долни села[8], при што во тој случај тоа одговара на Горни Липовиќ. Но фактот што е запишано дека селото Стар Липовиќ произведува повеќе градинарски култури за кои одговара низинско земјиште со многу вода од река, укажува дека според тоа неговата местоположба одговара на Долни Липовиќ, која пак исто така е многу погодна и поповолна за пат по долот на Стругарница и превојот во долот на Бела Река над струмичкото село Рич.
На крајот на XIX век, Горни Липовиќ било дел од Радовишката каза на Отоманското Царство.
Потекло и значење на името
Се верува дека името на селото, заедно со блиското село Долни Липовиќ, потекнува од мноштвото липи кои порано постоеле на нивните атари.[6]. Густа и доста застапена липова шума постои и денес на ридот Вртешка непосредно до селото[5], како и во месноста Липадиница во долот кон Долни Липовиќ. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Горни Липовиќ е запишано дека неговото име потекнува од ботаничкото име на дрвото липа, односно од изведената именка Липовик/Липовиќ што означува 'место со липа, липова шума' (сп. буковиќ, дабовиќ, дрчевиќ, габроик итн.)[9]
Стопанство
Жителите на селото Горни Липовиќ се занимаваат исклучиво со преработка на вар, односно ископ и печење на варовник и добивање на негасена вар. Освен печење на вар, овде има услови и за сточарство, кое во последно време е во благ пораст.[6] Моментално, во селото постојат околу 30 варници.
Покрај каменот и дрвата, кои им се потребни за производството на варта, жителите на Горни Липовиќ се занимаваат и со одгледување тутун.[6]
Селото Горни Липовиќ отсекогаш, па до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови и семејсртва кои живеат во Горни Липовиќ се: Томови кои имаат иселеници и во Ораовица, Ангелови, Божинови, Митеви, Доневи, Јаневи, Коцеви, Стојанови.
Според истражувањата од 1928 година, родови во селото.
Староседелци:Продановци (5 к.), Златковци (5 к.), Стефановци (16 к.), Ќајовци (20 к.), Канџовци со Веселиновци, Димитријевци и Јовановци (10 к.) и Божидаровци (10 к.).[18]
Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Горни Липовиќ, се наоѓале и селата Габревци, Долно Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1610 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
↑ 4,04,14,2Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 75.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.