Селото се наоѓа во јужниот дел од Општина Кавадарци, чиј атар лежи на водоразделот помеѓу Црна Река и Бошавица.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 900 метри. Од градот Кавадарци, селото е оддалечено околу 25 километри.[2]
Има мошне голем атар, што зафаќа простор од 31,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.292,6 хектари, потоа следат пасиштата на површина од 429,1 хектар, а на обработливото земјиште отпаѓаат 418,3 хектари.[2]
Селото е од збиен карактер со разредени краеви. Било поделено на Горно Маало (или Старо Село) и Долно Маало (или Зборштани).[3]
Историја
Селото било христијанско од чифлички тип. Само мал дел од родовите се староседелци.[3]
Во XIX век, Бојанчиште било село во нахијата Рожден во Тиквешката каза на Отоманското Царство.
Стопанство
Селото има мешовита земјоделска функција, но таа денес не е толку искористена.[2]
Селаните повеќе живееле од сточарство, отколку од земјоделство.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[6]
Од селото се иселил значителен дел од населението и тоа преминало од средно во мало село. Во 1961 година броело 448 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 60 жители македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Бојанчиште имало 45 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 13 Македонци и 2 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Парапанци (3 к.) потекнуваат од дедо-Коле кој се доселил кон крајот на XVIII век од селото Полчиште во Мариово; Стојановци (1 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Витолиште во Мариово; Тодоровци (2 к.) доселени се од селото Клиново во Мариово; Пејовци (6 к.) доселени се од селото Долна Бошава; Атанасовци-Ѓошовци (3 к.) доселени се од селото Витолиште во Мариово; Аралинци (2 к.) доселени се на почетокот од XIX век од околината на Лерин; Гацовци (1 к.) доселени се околу 1850 година од селото Конопиште; Оцковци (1 к.) доселени се околу 1860 година од селото Клиново во Мариово; Бошковци (1 к.) доселени се околу 1870 година од селото Градиште; Лазовци (1 к.) доселени се од селото Полошко, а таму од селото Галиште; Видевци-Колевци (2 к.) доселени се од селото Конопиште; Ацовци (3 к.) доселени се од селото Градиште, а таму од селото Куманичево; Богевци (1 к.) доселени се од селото Клиново; Пројчевци (1 к.) доселени се од селото Клиново; Угриновци (1 к.) доселени се од селото Куманичево; Бошковци (1 к.) доселени се од селото Конопиште, а таму од селото Мрежичко; Божиновци (1 к.) доселени се од селото Куманичево во 1920 година, уште подалечно потекло од селото Полчиште во Мариово; Кајчевци (1 к.), Џамбазовци (4 к.), Чипковци (3 к.), Гицаловци (1 к.), Шикуревци (1 к.), Кабрановци (2 к.), Палиќовци (1 к.), Чакревци-Дарамановци (6 к.), Чоклевци (1 к.), Гоџомановци (1 к.), Ѓорѓевци (1 к.), Димковци (1 к.), Рашевци (1 к.), Лапчевци (1 к.), Ѓуновци (1 к.), Афковци (1 к.), Самарџијовци (2 к.). и Рускуфци (4 к.) сите се доселени во 1916 година од селото Зборско во Меглен; Мечовци (1 к.), Чечковци-Волчевци (2 к.) и Црпковци (1 к.) доселени се во 1916 година од селото Тушин во Меглен.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Месна заедница
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Конопиште.
Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Бојанчиште, во која се наоѓале селата Бојанчиште, Конопиште и Куманичево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Мрежичко, во која покрај селото Бојанчиште се наоѓале селата Клиново, Мрежичко и Рожден.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Конопиште.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.
Избирачко место
Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0710 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Бојанчиште, Клиново и Куманичево, кое е сместено во зграда на општината, поранешно основно училиште во селото Бојанчиште.[13]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 февруари 2018.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.