Името на селото првпат е документирано во турските документи од XV век. Името се поврзува со постариот хидроним Бесовица или Бесница, што означува „бесен, луд“ од старословенскиот корен. Другата теорија е дека доаѓа од женското име Бесва.[2]
Географија и местоположба
Ова село се наоѓа во областа Бошавија, во западниот дел на територијата на Општина Демир Капија, на левиот брег на реката Бошава, а на иста страна и од земјениот локален пат Демир Капија-Конопиште, кој поминува низ самото село.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 300 метри, а од градот Неготино е оддалечено 23 километри.[3]
Бесвица се наоѓа во рамна котлина, на местото каде се соединуваат Горноселски Дол со Јагњила и Вртопенски Дол. Под селото долината се стеснува на влезот во долниот дел на Баровската Клисура. Во селото се наоѓаат неколку чешми, како и во околината.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Горно Село, Кукуденче, Горно Јагњило, Романец, Наново, Локва, Падиње, Долишта, Барје, Долно Јагњило, Лопатица, Горна и Долна Чука, Равниште, Ораји, Криви Дабец, Легово, Сечивишта, Грипа, Нерези, Вртепен, Галабово Лојзе, Среќен Пат, Поле, Смрека, Желковец, Трикливо Долче, Торјанов Камен, Бела Лоза, Дага Њива, Чутуркова Орница, Црвена Земја, Коловозник, Коштан и Пржевска Нерезина.[4]
Селото има збиен тип, издолжено во насока на главната долина. Поделено е на Горно и Долно Маало, помеѓу кои се наоѓа Сретсело. До 1913 година, селото било доста поголемо, а по неговото опожарување, тоа е разретчено.[4]
Бесвица се одликува со традиционална градителска архитектура.[5]
Историја
Бесвица некогаш се наоѓало на друга положба, која мештаните ја нарекуваат Горно или Старо Село. Тоа се наоѓало еден час одење возводно по Горноселски Дол. Мештаните избегале од таму на крајот на XVIII век поради чума. Таму се сретнуваат остатоци на куќи, а порано имало и црквиште.[4]
Селото било христијанско, но подоцна се населило муслиманско население, кое станало мнозинство. Во старото село, мештаните живееле заедно, но по преселувањето дел од христијаните го прифатиле исламот, додека други се иселиле од Бесвица (последните кон крајот на XIX век).[4]
Селото било запалено во 1913 година од страна на бугарската војска, кога броело околу 160 куќи. При упадот на војската и палежот загинале над 100 селани, а подоцна дел од селаните се иселиле во Мала Азија.[4]
Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 20,6 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.423,8 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 588,1 хектар, а на шумите само 4,8 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во минатото во селото постоела продавница.[3]
Селаните живееле од земјоделство, иако имало услови за сточарство. Муслиманското население поседувало свои чифлици во околните села, а некои од нив биле и сајбии. Додека живееле христијанско население во селото, сточарството било доста повеќе развиено.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Селото е мало, доведено во фаза на раселување. Во 1961 година селото броело 319 жители, од кои 270 биле Македонци, а 37 жители Турци, додека во 1994 година бројот се намалил на 81 жител, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Бесвица имало 18 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Шушлевци (2 к.), доселени се од селото Горни Дисан во почетокот од XIX век, а уште подалечно потекло од Долни Дисан; Дубровчани (1 к.), доселени се од селото Дуброво; Ѓевгелички (1 к.), доселени се од Гевгелија; Муцајовци (1 к.), доселени се од селото Тимјаник; Брлевци (1 к.), доселени се од селото Барово; Маловци (1 к.), доселени се од некое село Наќ; Исламовци (1 к.), доселени се од селото Горно Врановци кај Велес и Мамковци (1 к.), доселени се од селото Бохула, а уште подалечно потекло од селото Долни Дисан.
Турски Цигани:
Доселени:Демировци (1 к.), дошле како ковачи од Прждево во 1916 година.
Селото влегува во рамките на Општина Демир Капија, која била една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Демир Капија.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на некогашната општина Неготино во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот 1955-1957 селото влегувало во рамки на општина Демир Капија.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Демир Капија, во која покрај селото Бесвица, се наоѓале и селата Бистренци, Демир Капија, Драчевица, Дрен, Иберли, Клисура, Копришница, Корешница, Кошарка, Человец и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Прждево, во која влегувале селата Бесвица, Прждево и Тремник.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1247 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[14]