Јован III Дука Ватац (грчки: Ιωάννης Γ΄ Δούκας Βατάτζης, о. 1192/93 - 3 ноември 1254) бил никејски цар од династијата Ласкарис кој владеел од 15 декември 1222 до 3 ноември 1254 година. Тој бил наследен од неговиот син, познат како Теодор II Ласкарис.
Внатрешна политика
Општи одлики
По смртта на основачот на државата, Теодор I Ласкарис, никејскиот престол го зазел неговиот зет Јован Дука Ватац, сопругот на неговата паметна и образована ќерка Ирина. Јован III Ватац без сомнение бил најголемиот државник на никејската епоха и еден од најистакнатите владетели во византиската историја воопшто. И во надворешната и во внатрешната политика Ватац постигнал значајни успеси и од малото провинциско царство во Никеја направил моќна сила. Навистина, опаднатоста на Латинското Царство и грешките на неговите ромејски (Епирско Деспотство и Солунско царство) и бугарски соперници му ја олесниле работата.[1]
Управна политика
Тој многу се грижел за правосудството и енергично се борел против злоупотребата во државната управа. Со помошта на својата умна жена Ирина Ласкарис, работел на подобрувањето на положбата на сиромашните, правел болници, домови за стари и изнемоштени и други установи. На византиската побожност и се излегувало во пресрет со градење цркви и манастири. На потребите на државната одбрана со подигнување тврдини во пограничните области и создавање нови војнички имоти. За да ги засили воените контингенти, царот ги примал во служба Куманите кои биле потиснати од татарската наезда и ги населувал како стратиоти во пограничните покраини, во Тракија и Македонија, како и во Фригија и по долината на Меандар. Така, особено на Исток, по должината на границата бил воспоставен стариот византиски одбранбен систем. Георгиј Пахимер бил во право кога во тоа гледал една од најголемите придобивки на Никејското Царство.[2]
Економска политика
На економско поле се одел кон тоа да се зголеми продуктивноста во земјиштето и во сточарството и царот настојувал во тоа и самиот на поданиците да им послужи за пример. Царските имоти требало да покажат што може да се постигне со рационално и штедливо стопанисување. Со парите од продажбата на јајцата од царскиот посед Јован Ватац и направил круна на својата сопруга која била украсена со бисери и со бесценети камења. Оваа круна од јајца, како што самиот ја нарекувал, за Ватац значела цела програма, бидејќи основно начело на неговата економска политика бил стремежот за стопанска самостојност на земјата, која требала сама да ги задоволи своите потреби. Царот сакал својата држава да ја направи независна од увоз на странска стока и да ја ослободи од економската надмоќ на италијанските градови. На своите поданици најстрого им забранил да купуваат луксузна стока од странско потекло. Секој требало да се задоволи со „тоа што римската земја го раѓа и што римските раце го произведуваат“. Овој етички образложен протекционизам без сомнение бил насочен против Венецијанците. Венецијанскиот увоз не можел да биде ограничен со царевински мерки, зошто тоа би се противело на трговските договори потврдени со потписите на сите византиски цареви од Алексиј I Комнин до Теодор I Ласкарис. Никој, меѓутоа на царот не можел да му го оспори правото во својата земја да го забранува прекумерниот луксуз. Впрочем, златото, среброто и скапоцените штофови се увезувале во големи количества од соседниот Икониски Султанат. Султанатот тешко настрадал од монголската наезда, од којашто Никејското Царство останало негибнато, и затоа Турците во Никеја набавувале намурници, плаќале високи цени во пари и со стока. И покрај честите војни, Никеја не чувствувала недостиг од пари. Финансиските и стопанските прилики во Никеја биле постабилни отколку во Византија во времето на последните Комнини и Ангели. Многу поздрава била и самата никејска држава. А тоа покажува дека животната моќ на Византијците сè уште не била исцрпена и дека преродбата на Византиското царство била можна.[3]
Надворешна политика
Првите години
Веќе во првите години на неговото владеење распоредот на силите во Мала Азија забележително се поместил во прилог на Никејското Царство. Бунтот на браќата на покојниот цар Теодор Ласкарис, кои се обиделе со помош на Латините да му ја одземат круната, се свртел во полза на Јован Ватац и неговата држава. Ватац целосно ја поразил нивната латинска војска кај Појманенон, на истото место каде што пред дваесет години Теодор I бил поразен од Латините, а потоа речиси целата област на Латинското Царство во Мала Азија му припаднала на Никејското Царство. Според договорот од 1225 г. Латините во Мала Азија ја задржале само областа спроти Цариград, со околината на Никомедија. Во исто време никејската флота ги зазела островите Лезбос, Хиос, Самос, и Икарија. Подоцна и Родос му се потчинил на никејскиот цар.[4]
На тој начин Никејското Царство зајакнало и на копно и на море, а со тоа бил создаден предуслов и за премин на никејската војска во европскиот дел на некогашното Византиско царство. На повик на ромејското население во Едрене, Јован Ватац испратил војска во Тракија. Неговите трупи зазеле повеќе тракиски пристаниште, а потоа, не наидувајќи на отпор, влегле во Едрене. Се чинело дека дошол часот за реставрација на византиската власт и во самиот Цариград. Од страна на Латинското Царство не можел да се очекува посериозен отпор. Но акцијата на никејскиот цар во пресудниот миг ја попречил неговиот западноромејски соперник Теодор Ангел.[4]
Борбата за предимство на Балканот
Теодор одел од победа во победа. Преминувајќи ги границите на бившото Солунско кралство тој веќе влегол во Тракија. Сега извршил препад на Едрене и ја натерал војската на никејскиот цар на повлекување. Од Едрене тој го продолжил својот победоносен пат кон Цариград. Уште повеќе отколку никејскиот цар, Теодор се приближил до конечната цел. Кон истата цел се стремел и бугарскиот цар Асен II. Епохата на Иван Асен II (1218 г.-1241 г.), син на Асен I, претставува врв во подемот на Второто Бугарско Царство. Како и Симеон, своевремено и Асен II се занесувал со мислата да создаде големо византиско-Бугарско Царство со средиште во Цариград и извесно време и тој се наоѓал пред остварување на оваа замисла. Латинскиот цар Роберт Куртене умрел во 1228 г. и круната му припаднала на неговиот малолетен брат Балдуин II. Во оваа ситуација на безвластие и на нарастената опасност од надвор, во Цариград се јавила мислата регентството да му се понуди на бугарскиот цар, бидејќи се чинело дека само тој е во состојба да го спаси Цариград од продорот на Византијците. Асеновата врска со семејството Куртене, заснована на сродството на двете страни со унгарската династија, требало да биде зајакната со свршувачката на младиот латински цар со Асеновата ќерка. Со тоа плановите на Асен би добиле поцврста основа. Како некогаш Симеон, и Асен II можел да се надева дека како тест на малолетниот латински цар ќе стане господар на Цариград.[5]
По поразот на Теодор Ангел во Битката кај Клокотница, која што го запрела подемот на Западноромејското царство, високо ја издигнала моќта и угледот на бугарскиот цар. Асеновата превласт на Балканот се чинело дека е целосна. Всушност, најголема полза од Клокотничката битка немал бугарскиот цар туку мудриот Јован Ватац, којшто го задржал ставот на внимателно исчекување. Асеновата победа на Теодор Ангел го ослободила Никејското Царство од западноромејскиот соперник. Напротив, бугарскиот цар со својата голема победа не и се приближил на својата цел, туку од неа се оддалечил, пропаѓајќи го планот за регентство на младиот латински цар. Ова предизвикало целона промена во политиката на Асен II кому сега, како единствено решение, му се наметнувала оружената борба против Латините. Тој стапил во врска со никејскиот цар и со него склучил договор за заедничка борба на "Грците" и Бугарите против Латинското Царство. На овој сојуз му се приклучил и Мануил (братот на Теодор Ангел) од Солун, којшто можел да игра само споредна улога.[6]
Основањето на бугарската патријаршија
Промената на политичкиот став барала и промена на црковно-политичкиот правец. Навистина, унијата со римската црква склучена во времето на Калојан не зафатила корени во Бугарија, но и номиналното потчинување на римската црква било неприфатливо за Асен II како иницијатор на антилатинскиот сојуз на православните владетели. По долги преговори Никеја се согласила со основањето бугарска патријаршија во Трново. На тој начин Бугарското Царство добило црковна самостојност, иако и бугарската архиепископија, во почетокот го признавала првенството на никејскиот патријарх, чиешто име се спомнувало и во бугарските цркви. Во Галиполе, коешто малку пред тоа му се предало на никејскиот цар, во пролетта 1235 г., бил потпишан договор за сојуз, а потоа во Лампсак свечено бил прогласена свадбата на византискиот престолонаследник Теодор II Ласкарис со Асеновата ќерка Елена, којашто своевремено му била ветена на латинскиот цар Балдуин II. Во согласност со источните патријарси, тука била прогласена и бугарската патријаршија.[7]
Краткиот сојуз со Иван Асен II
Сојузниците веднаш стапиле во акција и го опседнале Цариград од копно и од море. Прекинати зимата, операциите биле обновени во пролетта 1236 г. Цариград ја издржал опсадата потпомогнат од венецијанската флота. Сепа, положбата била толку критична што младиот Балдуин II ја напуштил својата престолнина за да побара помош на Запад. Власта во Цариград ја спасила неслогата на противниците. Асен II точно, иако со задоцнување, увидел дека пропаѓањето на Латинското Царство најмногу ќе и користи на Никеја и дека Никејското Царство за него ќе биде поопасен сосед од изнемоштеното царство на Латините. Во неговата политика одново настанал целосен пресврт. Раскинувајќи со сојузот со Јован Ватац, тој се спогодил со Латините, и стапил во војна против својот бивш сојузник, со помошта на Латините и Куманите кои во сè поголемо множество продирале на Балканскиот Полуостров. Бугарите, Латините и Куманите заеднички го опседнале Цурулон, едно од најважните упоришта на Никејското Царство во Тракија. Меѓутоа, во времето на таа опсада непостојаната политика на Асен доживеала уште еден неочекуван пресврт, овојпат поради тешкиот душевен потрес што го доживеал бугарскиот цар. Во Трново избила чума и Асен неочекувано примил вест за смртта на жена си, синот и трновскиот патријарх. Тој се повлекол од Цурулон и склучил мир со никејскиот цар (кон крајот на 1237 г.). Латинските и куманските трупи сепак привремено го зазеле Цурулон, но тоа веќе немало значење. Во 1241 г. Иван Асен II умрел и наскоро, со продирањето на Монголците, почнало опаѓањето на Бугарското Царство.[8]
Нападот врз Солунското царство
Сега Јован Ватац веќе немал ниту еден сериозен сојузник конкурент. Премногу агресивната политика на смелиот солунски цар доживеала слом, моќната но непостојана сила на Асен II се запрела на половина пат, а Латинското Царство одамна веќе било само објект на политичките стремежи на соседните држави и живуркало благодарение единствено на неслогата на своите противници. Никејкиот цар ги собирал плодовите на својата мудра и истрајна политика. Веќе во 1242 г. Ватац презел поход против Солун. Тука, со помош на слепиот Теодор Ангел, кого Асен II го пуштил од заточеништво, владеел неговиот син Јован (1240 г.-1244 г.). Ватац не наишол на силен отпор и веќе се приближувал кон престолнината на Западноромејското царство кога продирањето на Монголците во Мала Азија го принудило да запре и да склучи мир со солунскиот владетел. Иако прекинат предвреме, овој поход имал значајни резултати. Одрекувајќи се и формално од секакво натамошно соперништво со надмоќното Никејско Царство, солунскиот владетел се откажал од царската титула, задоволувајќи се со титулата деспот којашто Јован Ватац му ја признал.[9]
Монголската инвазија во Мала Азија
Источниот сосед на Никејското Царство, Иконискиот Султанат и малото Трапезунтско Царство се нашле пред опасноста да бидат прегазени, а и опстанокот на самото Никејско Царство се чинело дека е загрозено. Јован Ватац побрзал да склучи сојуз со иконискиот султан (1243 г.). Но се разбира, малоазиските државички не можеле ефикасно да му се спротивстават на непријателот чијашто моќ се ширела од Тихиот Океан до средна Европа. Доживувајќи тежок пораз, трапезунтскиот цар ја признал врховната власт на Монголците, а и селџучкиот султан морал да се обврзи на плаќање данок. По оваа цена Трапезунтското Царство и Иконискиот Султанат го избегнале најлошото, бидејќи Монголците, зафатени со поголеми потфати, наскоро ја напуштиле Мала Азија. Никејското Царство било поштедено. Дури слабеењето на неговите источни соседи му донело не мала полза.[10]
Повторното дествување на Балканот
Јован Ватац одново можел да се сврти кон балканските земји. Со незначителни напори тој во 1246 г. извојувал одлучувачка победа над Западноромејското царство и над Бугарите. Бугарија, до неодамна најмоќната сила на Балканот, сега како вазална држава на Монголците, со малолетниот син на Асен II на престолот, се наоѓала во жалосна состојба. Ненадејната смрт на дванаесетгодишниот цар Коломан (1241 г.-1246 г.), кого го наследил неговиот уште помал полубрат Михаил (1246 г.-1256 г.) уште повеќе го зголемила метежот. Јован Ватац брзо ги запоседнал областите кои Асен II му ги одзел на Западноромејското царство, проширувајќи ја на тој начин својата власт до горниот тек на Марица на север и до Вардар на запад. Потоа со истиот одлучувачки успех истапил и против Солун. Потпирајќи се на силната опозиција, кој желно го очекувала неговото доаѓање, Јован Ватац во декември 1246 г. без борба влегол во Солун. Губејќи ја најпрвин својата моќ, а потоа и својот царски назив, Солунската држава сега конечно престанала да постои. На слепиот Теодор Ангел, нејзиниот основател, му била одредена областа кај Воден, а Теодоровиот син Димитриј, последниот солунски деспот (1244 г.-1246 г.), бил одведен како заробеник во Мала Азија. Како намесник на никејскиот цар, управата на Солун ја презел Андроник Палеолог. Неговиот син, подоцнежниот цар Михаил VIII Палеолог, бил поставен за командант во Сер и Мелник.[11]
Епир, некогашното јадро на Западноромејското царство, се одвоил од Солун уште пред десетина години и заедно со Тесалија, ја задржал својата самостојност под управата на деспотот Михаил II, вонбрачниот син на Михаил I Ангел. За да ги избегне натамошните заплети, Јован Ватац со Михаил II склучил договор за пријателство и ја свршил својата внука Марија со неговиот син Никифор (1249 г.). Меѓутоа, наговорен од Теодор Ангел, чиј немирен дух не би можело да го скроти, Михаил II го прекршил договорот и во Македонија зазел повеќе градови од никејскиот цар. Војната што со тоа ја предизвикал, завршила со негов пораз. Михаил II морал да ги прифати условите на никејскиот цар, да му ги предаде не само неодамна освоените градови туку и западномакедонската област со Кроја, освоена од Бугарите, и да му го испрати својот син Никифор како заложник (1252 г.). И Теодор Ангел бил издаден кај никејскит цар. Тој, својот бурен живот го завршил во никејскиот затвор.[12]
Односите со Западот
Јован Ватац одржувал врски со највлијателните сили на Запад: со римската црква и со германскиот цар. Особено биле присни неговите односи со Фридрих II, најголемиот европски владетел на XIII век. Бидејќи Фридрих II водел борба со папата, а Јован Ватац со Латинското Царство, меѓу нив дошло до зближување па дури и до брачно поврзување. По смртта на царицата Ирина Ласкарис, Јован Ватац се оженил со младата ќерка на Фридрих - Констанца. Во писмата на Фридрих упатени до никејскиот цар се пројавувала искрена симпатија спрема Ромеите „кои тој таканаречен врховен пастир (т.е. папата) бесрамно ги клевети нарекувајки ги кривоверци, иако од нив почнала христијанската вера и се проширила до најоддалечените граници на светот“.[13]
Како речиси секој византиски цар на последните векови, и Јован Ватац водел преговори за унија со римската црква. Неговиот прв услов за склучување унија бил папата да се откаже од Латинското Царство. Во почетокот преговорите течеле исто така безуспешно како при сите поранешни слични обиди, а и пријателството на Ватац со Фридрих II ја отежнувало спогодбата со Рим. Меѓутоа, во времето на понтификатот на Инокентиј IV, преговорите особено по смртта на Фридрих, влегле во нова фаза. На далекувидиот политичар Инокентиј IV му било јасно дека римската црква има повеќе сметка да го придобие за себе моќното и полетно Никејско Царство отколку и натаму да го потпомага Латинското Царство кое било пред пропаст. Како што ромејскиот цар бил подготвен за враќањето на Цариград да ја жртвува независноста на својата црква така и папата бил расположен по цена на унија со Ромеите да го жртвува Латинското Царство. Изгледите за спогодба биле поголеми отколку било кога до тогаш. Но ни овој пат последниот чекор не бил сторен. Благодарение на сè поголемите успеси на Никеја, скапата поддршка на Рим станала, всушност одвишна. Деновите на Латинското Царство и без тоа му биле одброени и реставрацијата на Византиското царство била неминовна.[14]
Надворешно-политички епилог
Во времето на Јован Ватац територијата на Никејското Царство двојно се зголемила. Положбата во Мала Азија била цврсто осигурана, голем дел од Балканскиот Полуостров влегол во составот на Никејското Царство. Неговите некогашни соперници биле отстранети. Западноромејското царство повеќе не постоело, додека ни оддалечениот Епирски деспотат ниту ослабената Бугарија не претставувале сериозна пречка. Латинското Царство, ограничено на Цариград со околината, било заокружено со земјите на никејскиот цар и се наоѓало во таква сиромаштија што Балдуин II својот син единец Филип го дал за заложник кај венецијанските трговци за да го добие од нив заем. Бил потребен само последниот мал напор за да се освои Цариград и да се доврши реставрацијата на Византиското царство. Тој голем миг Јован Ватац не го доживеал. Но тој ги создал сите предуслови за постигнувањето на таа цел и заслугата за реставрацијата на Византиското царство во прв ред му припаѓа нему.[15]
Смрт
Јован Ватац, којшто во последните години од животот страдал од епилептични напади, умрел на 3 ноември 1254 година. Неколку децении подоцна, ромејска црква го прогласила за светец. Сè до најново време во Магнезија, каде што тој бил погребан, и во Нимфеја, неговата најомилена резиденција, секоја година се одржувал помен на светиот цар Јован Милостливиот.[16]
Наводи
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 524-525.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 534.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 534-536.
- ↑ 4,0 4,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 525.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 525-526.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 527-528.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 528.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 529.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 529-530.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 530-531.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 531.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 531-532.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 532.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 532-533.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 533-534.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 536.