Свети Стефан, попозната како Свети Стефан Панцир — македонска пештерна црква, која се наоѓа во охридското село Шипокно, веднаш над населбата Свети Стефан.[1] Црквата претставува главна манастирска црква на Шипокничкиот манастир.
Местоположба
Црквата е сместена во атарот на селото Шипокно, веднаш над регионалниот пат Охрид-Свети Наум, над последните градби од новата туристичка населба Свети Стефан. За да се дојде до нејзе треба да се сврти лево од патот за Свети Наум и да се продолжи над синдикалното одморалиште „Орце Николов“.[2]
Историја
Се верува дека била подигната во текот на XIII век.
Архитектура
Црквата е полуоблесто соѕидана во шуплина на карпа.
Фрескоживопис
Својот живопис го добила во XIV век и XV век,[3] благодарение на помошта на широк круг ктитори од Охрид и од околните села. На ова укажува натписот испишан во нишата на ѓаконикот од кој се дознава дека дарители биле граѓаните од Велики Варош односно од градот Охрид и луѓето од соседните села: Шипокно, Горица и Коњско.[4]
Внатрешноста на пештерната црква е исликана со извонреден фрескоживопис, но тој е во голема мера оштетен. Во долната зона на апсидниот простор е насликана Света Богородица со малиот Христос пред себе. Од црковните светители се насликани „Св. Василиј Велики“, „Св. Јован Златоуст“ и „Св. Атанасиј Александриски“. Извонреден е ликот на патронот кому му е посветена оваа пештерна црква. Архиѓаконот и првиот христијански маченик Стефан, насликан во нишата на жртвеникот. Големата композиција Дејзис или кај народот позната како „Второто пришествие Христово“ е насликана на северниот ѕид, а до неа е насликана најпочитуваната светителка Света Петка. Од она што денес останало, според општиот цртеж на фигурите, карактеристичната обработка на формите со слободни потези и сочниот нанос на боите, ова сликарство го прават најблиско до црквата посветена на Сите Светители во селото Лешани, недалеку од Охрид и поради тоа се чини дека оваа пештерна црква е живописана пред самиот крај на шестата деценија на XV век, кога веќе се насетувала промената во начинот на работата на охридските уметници.[2]
Иконостас
Црквата поседува иконостас.
Галерија
Внатрешноста на црквата
Фреска на Богородица
Фрески на два светитела во внатрешноста на црквата
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 45. ISBN978-608-65143-2-7.